Во денешното прекрасно неделно попладне, под белото покривало на снежната идила, во посета на Свештената Бигорска Обител допатува почесниот конзул на Република Србија во Република Северна Македонија во Куманово, г. Владимир Стајиќ. Ценетиот гостин, кој меѓу другото, е голем пријател и редовен дарител на нашиот Манастир последниве неколку години, беше пресретнат со радост од страна на монашкото братство и оствари средба со старецот и игумен на Манастирот, владиката г. Партениј.
Во атмосфера на манастирско спокојство, г. Стајиќ, ја изрази својата длабока почит кон културното наследство и евангелските вредности на мир, единство и соживот што го негува Манастирот, а ја истакна и својата желба за поддршка на благородната иницијатива за дарување на камбани во бигорскиот метох – Манастирот на Свети Георгиј Победоносец во с. Рајчица. Всушност, станува збор за надополнување на стариот кралски сет на манастирски ѕвона, од кои едно ѕвоно (лиено во Австрија 1850 г.) му било подарено на Бигорски од српските кнезови Петар и Андреј Караѓорѓевиќи, за здравје и благослов на нивното кнежевско семејство, заедно со сестрите Клеопатра и Елена; второто ѕвоно било подарено од Христијаните од дебарското окружие (лиено исто така во Австрија 1851 г.); и големото ѕвоно од сетот, подарено од владетелот на Кралството на СХС, Александар I Караѓорѓевиќ со својата сопруга Марија и синот Петар со неговата сопруга Зорка (лиено во Белград 1925 г.). Најголемото ѕвоно, пак, ќе биде подарено од г. Владимир Стајиќ. Збогатувањето на овој стар сет на манастирски камбани ќе претставува историско и значајно дело, како и благослов за Светињата и за семејството на дарителот, со ќерка му Ангела.
Посетата на почесниот конзул г. Владимир Стајиќ во Бигорски покажува дека православната духовност и култура се универзални вредности кои ги обединуваат луѓето.