Помеѓу верските заедници во Македонија генерално постои разбирање, но постојат и голем број проблеми. Република Македонија како етнички и верски хетерогено општетство постојано се соочува со различен тип предизвици. Меѓутоа добро е што постои согласност за комуникација, што постои една постојана меѓусебна комуникација.
Ова го истакна доцент др. Александар Спасеновски на промоцијата на „Прирачникот за правата на верските заедници и за слободата на вероисповед во Република Македонија“, кој воедно е коавтор на публикацијата заедно со проф. др.Тања Каракамишева Јовановска. Самата промоција беше поддржана од Фондацијата „Конрад Аденауер“, а се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Според него, овој тип научна литература ќе придонесе за збогатување на знаењето на студентите, а ќе им помогне и на самите верски заедници. Стручната дебата, пак, што беше организирана заедно со промоцијата на учебникот на тема „Владеењето на правото и еднаквоста на верските заедници во уставно правниот систем на РМ“, беше можност повеќе претставници на различните верски заедници, како од православната Црква, така и од исламската верска заедница, од протестантските цркви, од католичката и од еврејската заедница, на едно место да ги разменат своите мислења околу моделот на секуларизмот во Република Македонија.
„Ангажманот на фондацијата „Конрад Аденауер“ во РМ, меѓу другото, е и во насока на стабилизирање на тој меѓурелигиски дијалог, што помага за надминување на стереотипите и проблемите што верските заедници ги имаат меѓу себе и со државата, односно институциите. Се надевам дека овој семинар ќе помогне околу стабилизирање на клатното на секуларизмот во РМ и поголемо разбирање помеѓу припадниците на сите верски заедници“, рече Спасеновски.
Свое обраќање имаше и аналитичарот Владимир Божиновски, кој истакна дека Македонија треба да се гордее што е едно мултирелигиско општество, кое отсекогаш ги почитувало правата на сите религиозни заедници, односно правата на секој човек да ја изрази својата религија, а тоа треба да послужи како пример на денешна Европа.
– Религискиот аспект не се потенцираше во изминатите неколку децении. Сѐ се префрли на мултиетничноста, на мултиетничкиот соживот, а се заборави нешто што е многу постаро, нешто што постои уште пред да постојат самите нации, а тоа е религијата и мултирелигискиот аспект на Македонија, рече Божиновски.
Претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер“ Хартмут Ранк посочи дека издавањето на прирачникот е поддржано во рамки на нивната програма за владеење на правото во Југоисточна Европа.
Извор: Религија.мк