Првиот Летен Камп по Вероучение во Битуше – прва духовна искра од младите генерации

Деновиве, со штедриот благослов и молитвената, татковска поддршка од нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, се одржа Првиот летен камп по Вероучение. Бигорскиот скит, посветен на сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, сместен на излезот од живописното село Битуше, во падините на планината Дешат, ова лето за првпат собра триесетина млади луѓе – жедни за духовна храна, искрено другарување и креативен израз.

Во текот на неколку дена, младите учесници, најголем дел од нив членови на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, беа вклучени во разновидни активности исполнети со длабока духовна, етичка и едукативна вредност. Под водство на актерот Никица Јанковски, тие се запознаа со основите на актерската уметност, подготвувајќи и изведувајќи кратки претстави со морално-етичка содржина – плод на нивната заедничка креативност, размислување и неуморна работа.

Покрај тоа, пожртвуваните раководители на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, теолозите Димитар Угриноски и Христијан Василевски, со голема стручност и љубов ги воведуваа младите во убавината на древното византиско пеење, збогатувајќи го кампот со уште една возвишена уметничка и духовна димензија.

Часовите по Вероучение беа посветени на теми нераскинливо поврзани со духовниот и социјалниот развој на младите во современиот свет: слободната волја како Божји дар, значењето на семејството како домашна Црква, христијанската одговорност кон општеството и други суштински прашања што ги засегаат младите денес.

Еден од највпечатливите моменти на кампот беше посетата на владиката Партениј, чие татковско срце неизмерно се израдува од духовните искуства и сознанија што младите со посебна љубов ги споделија со него, како со свој духовен татко.

Секако, присутни беа и секојдневната рекреација, еколошките работилници и веселите дружења во прегратката на планинската убавина.

Искрено се надеваме дека оваа прва искра, родена во рамките на Првиот летен камп – ќе остави траен белег во срцата на младите, чиј што потенцијал за добрина, длабочина и автентичен израз претставува надеж за сите нас.