Реставрирано старо манастирско писмо

Историјата како појава не претставува само некаков безличен збир на податоци што се однесуваат на минатото, мртви слова за мртвите нешта. Во својата суштина, таа е нешто многу повеќе од тоа; оваа наука дарувана од Бога, правилно разбрана, е еден вид воскресение, повторно оживување, зашто пред оние што ја љубат, историјата знае да воскресне одамна упокоени личности, да оживее некогаш порано проживеани собитија, да одухотвори веќе заборавени мисли, верувања, идеи, надежи… Така, неодамна седобриот и семилостив Бог ја зарадува Бигорската обител со ‘воскреснувањето’ на еден мал, но многу значаен дел од нејзината илјадагодишна историја. Имено, додека браќата грижливо ги расчистуваа древните манaстирски книги од вековната прашина наталожена врз нив, во една од книгите, според Божјата промисла тие пронајдоа старо манастирско писмо, потпишано на 2 јануари (стар стил) 1898 година од страна на тогашниот игумен, архимандрит Гавриил со браќата. Бидејќи писмото беше веќе прилично оштетено, тоа веднаш беше дадено за реставрирање во Одделот за реставрација и конзервација на стари книги и ракописи при НУБ „Св. Климент Охридски“. Тамошната трудољубива и вешта дружина, раководена одовластениот конзерваторЗорица Јаковлевска-Спировска, мошне успешно го исчисти и оцелови овој бигорски документ од крајот на XIX век, и благочестиво ги понесе сите трошоци за негова реставрација, за што на сите нив им ја искажуваме нашата безмерна благодарност.

Ова писмо на игуменот Гавриил е всушност окружен повик која се однесува на манастирската слава на Водокрст и Богојавление. Веројатно вакви писма биле пратени до сите села каде што постоело т.н. кумство на светиот крст, но до нас стасал само овој примерок, упатен до христијаните во селата Велебрдо и Ростуше. Во продолжение го наведуваме целото писмо преведено на современ македонски јазик:

„Дебарски Манастир „Св. Јован Претеча“
2-ри Јануари 1898 год. Бр. 32
Себлагоговејни во Христа
Отци и возљубени браќа
христијани од с. Велебрдо и Ростуше!

Чест имаме од името на Крстителот Господов Јован срдечно да Ве поздравиме и да Ви ги честитаме „Новата година и светлото Богојавление“, посакувајќи Ви да ги поминете со душевна радост и да ги пречекувате за многу години. Притоа љубезно Ве молиме да благоволите да дојдете на гости според обичајот, и да го подарите Вашиот срдечен поклон за ова Ваше Свето место, а за тоа св. Јован ќе ви отплати илјадакратно и ќе Ве обдари со мирен живот, крепко и весело здравје, со дар и напредок во работите и душевно спасение. Со срдечен поздрав Ве оставаат,

Вашиот во Христа молитвеник,
Св. Јовановиот Игумен,
Архимандрит Гавриил со браќата“

Ова мало, едноставно, но прекрасно писмо ни открива големи работи; тоа, пред сѐ, сведочи за некогашниот многу богат христијански духовен живот во овие краишта на Мијачијата; ни укажува на древниот характер на традиционалното бигорско бдение во ноќта спроти Водокрст, кога „според обичајот“ во манастирот доаѓале мноштво христијани од сите Рекански села и пошироко, заедно со кумовите на крстот; претставува и една своевидна потврда за големата почит и љубов што локалното население ја негувало кон ова негово „Свето место“, помагајќи го редовно, сообразно со своите можности.

Нека ова старо Бигорско послание биде дополнителен поттик за сите што потекнуваат од овие преубави, но за жал духовно осиромашени краишта на нашата татковина, да се угледаат на непоколебливата и славна вера на нивните предци, и на нивната пожртвувана љубов кон православните светињи. „А за тоа св. Јован ќе им отплати илјадакратно и ќе ги обдари со мирен живот, крепко и весело здравје, со дар и напредок во работите и душевно спасение“. Амин!