На денешен ден, на споменот на светиот свештеномаченик Јеротеј Атински и на преподобниот отец наш Павле Простиот, пред точно 20 години беше извршено свеченото преосветување на бигорскиот храм на Чесниот Претеча и Крстител Јован. Три години по почетокот на обновата на монашкиот живот во Бигорски, кога во летото 1995 година, по просветлено барање и со богомудрата одлука на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, дошле првите населници на Обителта, нашиот старец, Архимандрит Партениј и отец Иларион (сегашен Митрополит Брегалнички), конечно настапило времето да биде преосветен стариот Претечев храм, осквернет во времето на атеистичкиот режим, кога во него извесно време се чувале животни, а била прекопана дури и самата Света Трпеза. На торжествениот чин на преосветувањето, му претходела долготрајна и макотрпна работа на младиот игумен и неговото малечко братство: овозможување на основни услови за живот во до пола распаднатите конаци, полни со глувци и лилјаци, расчистување на големиот смет низ манастирот, обновување на секојдневниот богослужбен циклус, чистење, заштита и благоукрасување на запоставениот храм. И ете, после сиот тој подвиг дошол и часот за ново осветување на немиот, а сепак, громогласен споменик на верата на нашите предци.
Големиот настан се случил на 17 октомври 1998 година, сабота. Тој ден манастирот бил исполнет со верници од сите краишта на Македонија, во молитвена атмосфера, достојна за таквиот чин. На Светата Литургија чиноначалствувал Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со митрополитите: г. Стефан Брегалнички и г. Наум Струмички, како и епископите г. Агатангел Велички и г. Јован Дремвицки. Во повелбата што била поставена во Светиот Престол, меѓу другото стои запишано: „Овој свет чин е извршен откако манастирот е вратен на Македонската православна црква од страна на државата во 1991 година, поради неговото обесветување во минатиот период“.
Во својата проповед на преосветувањето, Митрополитот Брегалнички г. Стефан, меѓу другото, истакнал дека под водството на духовниците – игумени Митрофан, Арсениј, Јоаким и други, кои биле ктитори на овој прекрасен манастирски комплекс, на старите темели кои датираат од првите години на 11-от век, верниот народ го градел овој веќе надалеку познат Бигорски Манастир. И навистина, овде е собрана сета мајсторска вештина и убавина на вредните тајфи од Гари, Тресонче, Лазарополе, Галичник, Битуше, Дебар и други места, кои надалеку го прославиле овој крај.
Митрополитот г. Стефан, понатаму рекол дека секогаш кога доаѓа во овој Манастир, го обзема ретко чувство исполнето со духовна радост и восхит, духовност што од секогаш зрачела од овој наш неизгаслив светилник, од која со векови се хранеле нашите предци; така е и денес.
„Тука“, ќе подвлече г. Стефан, „како никаде на друго место се надградиле Божјото и човечкото и ќе се запрашате што е подобро: она што Бог Творецот му го подарил на ова место, или она што човекот мајстор го подигнал на овој простор. И секогаш си го поставувате истото прашање – што е најубавото и највредното: дали црквата со оваа велелепна купола, дали неповторливиот иконостас, дали иконите и живописот, дали конакот, чардаците, трпезариите, дали чешмата и водите непресушни…“
На манастирската трпеза, пак, бројните присутни ги поздрави Митрополитот г. Тимотеј, кој на крајот од своето пригодно слово истакна: „Во оваа прилика би сакал да му се заблагодарам на високопречесниот архимандрит Партениј со братството за вложениот огромен труд за да заживее ова наше светилиште. Посебно околу подготовките за осветување на светилиштето. Му посакувам од Господа и Свети Јован Крстител секое добро и зголемување на братството со држење на монашките правила, како што ги оставиле и ктиторите на овој манастир во 1800 година на чело со отец Арсениј, па со последниот Спиридон. На сите вас браќа и сестри ви искажувам топла благодарност за присуството и зголемувањето на свеченоста…“
Во продолжение објавуваме и неколку фотографии од тој далечен настан.