Сослужение во Белград

По 55 години прекин на сослужението помеѓу двете помесни православни Цркви, Охридската Архиепископија и Пеќската Патријаршија, денес во новиот храм на Свети Сава во Белград, се случи првото сослужение на овие две сестрински Цркви. Ваквиот чекор кон помирување на двете независни Цркви дојде по петдецениското игнорирање и изолација од страна на Православната Црква на Србија, откако Првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, возглавена од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, кој татковски се грижи за единството во Православието, презеде повеќе дејствија со писма, препораки и разговори, после што дојде до преговори помеѓу двете страни. Најпосле, заедничкото сослужение се случи откако пред десет дена, на 9 мај, со полно канонско и историско право, Вселенската Патријаршија донесе Синодален акт со кој Охридската Архиепископија, возглавена од Архиепископот г. г. Стефан, е примена во богослужбено и канонско единство со севкупната православна екумена.


На денешната заедничка Литургија на претстојателите на Охридската Архиепископија и на Пеќската Патријаршија и на архиереи и свештенослужители од двете цркви во храмот „Свети Сава“ во Белград, која беше наречена „Литургија на помирувањето“, Архиепископот Охридски г. г. Стефан во своето обраќање ѝ се заблагодари на Православната црква на Србија за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската Патријаршија.

Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, Патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската Патријаршија, раководен од Неговата Сесветост Патријархот г. г. Вартоломеј, и во истиот тој дух, донесоа одлука за воспоставување на евхаристиско и канонско единство помеѓу нашите помесни Цркви“ – истакна на почетокот од својот говор Архиепископот Стефан, па додаде:

„Со чинот на изразената добра волја на дело, а потврдена, еве, и со денешнава заедничка света богослужба во овој велелепен Светосавски храм, покажавме дека со чашата на благословот и со кршењето на лебот, го покажавме заедништвото во најсветото, во крвта и телото Христови, покажавме дека сме заедно и едно во верата“.
„МПЦ – ОА, трудејќи се да го запази единството на Духот преку врските на мирот, ќе продолжи по патот што води и служи за мир и заемно надградување, по патот што ќе ги оправда и братољубивите одлуки за единство со сите, вклучително и нашето барање за конечно решавање на автокефалниот статус на нашата Света Црква“.
На крајот од своето обраќање, нашиот почитуван Поглавар уште еднаш ја истакна улогата на Вселенската Патријаршија за денешното сослужение:

Вам (т.е. на Патријархот Порфириј), како и на браќата членови на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква, ви благодариме за согласието со одлуката донесена од страна на Вселенскиот Патријарх, Неговата Сесветост г. г. Вартоломеј, со кој се прифатија јерархијата и верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во евхаристиско и канонско единство, а кое, еве, на дело се потврди со денешнава Света Литургија“.

Го молиме Бога и се надеваме дека и во иднина Православната Црква на Србија ќе биде конструктивна во процесот за конечното решение на нашето црковно прашање – добивање Томос за автокефалност од страна на Вселенскиот Патријарх, почитувајќи ги каноните и историските традиции и привилегии на Првопрестолната Мајка во Константинопол.