Сослужение во Соборниот храм во Скопје

Соборниот храм на Свети Климент Охридски во Скопје денеска беше сведок на второто радосно сослужение помеѓу претстојателите на двете, сега веќе помирени, сестрински Цркви, Охридската Архиепископија и Пеќската Патријаршија, Архиепископот г. г. Стефан и Патријархот г. г. Порфириј, како и бројни архиереи и служители од двете помесни Цркви.

Во своето обраќање во полниот со верници Соборен храм, Патријархот српски г. г. Порфириј торжествено објави дека Охридската Архиепископија заслужува и треба да биде автокефална Црква и дека таа е веќе таква за Православната црква на Србија:

Видов пред некој ден, а и сега радост и љубов во очите на сите вас. Гледам обврска и задача за нас архиереите, а тоа е дека вашата љубов и молитви во Белград и овде го надминаа искушението и Бог направи чудо, да разбереме дека сме едно и дека не можеме едни без други.

Сега, браќа и сестри, доаѓајќи овде, ви носиме уште една радост. Светиот Архиерејски Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, па така Соборот на нашата Црква ја благословува, одобрува, прифаќа и ја признава автокефалноста.

Патријарх г. г. Порфириј

Обземен од возвишени чувства“, ја започна својата беседа, Архиепископот г. г. Стефан „во ова торжествено собитие ја гледам токму убавината на Црквата и длабоко ги разбирам зборовите на апостолот на народите, кој вдахновено вели дека Христос е глава на телото, односно на Црквата, а ние сме членови на Неговото Тело . Затоа, од длабочината на душата воскликнувам, фалејќи Го Бога за неговиот дар – за Црквата, па велам: ‘Постојано Те величаме Тебе, Христе, Којшто неискажливо ги соедини небесното и земното и ја создаде единствената Црква на ангелите и на луѓето’.“

Во продолжение нашиот Архиепископ ја истакна татковската грижа на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј за исцелението на нашата неколку децениска рана:

Овој денешен свет ден е и бањата Витезда, зашто ни пристапи човек – таткото на православните, Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој нè спушти во водата, бидејќи не 38, туку 55 години седевме чекајќи во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи за нас! Потоа ни пристапи и друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, да нè пресретне здрави и исцелени и срдечно да нè прегрне – и да нè испрати при првосвештеникот за да го потврди нашето исцеление, како што слепиот беше пратен во бањата Силоам.

Архиепископ г. г. Стефан

Тој, исто така, ја нагласи и благотворната улога на Вселенскиот Патријарх за денешното сослужение:

И таа радост на братското помирување, која произлезе од мајчинската иницијатива на Мајката Црква – Вселенската Патријаршија и на Неговата Сесветост, а од која произлезе и снисходливоста, полна со љубов и разбирање од сестринската Српска Патријаршија, се случи токму во најрадосниот период од годината – во ова духовна лето на благословената Педесетница. А, еве, и вториот литургиски празник на сослужение, кога Бог ни даде, ‘со една уста и едно срце’ да Го прославивме Неговото пречесно и великолепно име, повторно промислителски го славиме во значаен момент – на празникот на светите сесловенски просветители Кирил и Методиј“.

На крајот од својата беседа, нашиот почитуван ја возвести радосната вест за претстојното сослужение во средиштето на Мајката Црква Вселенската Патријаршија во Цариград:

Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар. Тогаш, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј ќе ни го врачи актот за официјално прифаќање на нашата каноничност и за сослужување со сите Помесни православни цркви.

Дај Боже да биде вечно делото на љубовта, како што, впрочем, се молеше Господ Христос: да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, па така и тие да бидат едно во Нас . Амин! Христос воскресе!