Во денешната заупокоена сабота, кога Црквата наша Света нѐ повикува на усрдно сеќавање и молитвено спомнување на од веки упокоените отци, браќа и сестри наши, кои се упокоиле со вера во Воскресението, Бигорската Обител, со длабока тага поради привремената разделба и со светла надеж за вечен покој, ги известува сите свои поклоници и пријатели дека на 1 ноември оваа година, Воскресителот Господ Исус Христос го повика од овој суетен свет во вечните обители, Својот верен слуга, нашиот сакан дедо Боро, таткото на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.
Во својот тивок и блажен премин од Земјата кон Небесата, молчаливиот и трпелив Борис Фидановски, кој беше столб на верата, скапоцена поддршка за нашата монашка заедница и извор на мудрост и љубов за сите кои го познаваа, проблесна како ѕвезда во ноќта на овој живот и изгреа за незалезниот и невечерен Ден, за во него да се насладува од светлината Христова. Човекољубецот Бог, Кој сака да ги спаси сите луѓе, посака да ја прибере неговата добра и светла душа токму пред оваа есенска задушница, за да ја претстави во Својата рајска пролет.
Благодатта, спокојот и тивката пасхална радост што се чувствуваа во воздухот за време на Исходното последование и погребението, коишто уследија следниот ден во битолскиот храм на Св. Вмч. Недела и на тамошните гробишта, сведочеа дека дедо Борис најде милост во Господа, се успокои во прегратките Христови и ја обнови заедницата со Ангелите и со Светиите. И додека Небесните ја поземаа неговата блажена душата, големо множество членови на земската Црква ја испраќаа со молитви, солзи и благодарности. Беше навистина величествена и достоинствена слика, како многубројни монаси, монахињи и верници, исполнети со умиление, благочестие и љубов, се збогуваат привремено со својот мил и многу сакан татко и дедо. Свештениот чин, пак, на опелото и погребението го водеше синот на покојникот, нашиот возљубен Старец и Владика г. Партениј, во сослужение со парохискиот свештеник и браќата јеромонаси. Умилителните молитви искажани од ужалените срца станаа мост што го поврзува видливото со невидливото, Земјата со Небото, временото со вечното.
Со растреперен глас и со солзи во очите, но истовремено и со Авраамова вера во срцето, нашиот Старец го испрати во прегратките Христови својот родител со зборови излеани од своето синовско срце:
„Возљубени ужалени,
Сите ние добро знаеме дека животот се состои од еден збир на разделби. И секоја разделба со нешто убаво и добро е тажна, но особено тажна и болна е оваа, последната, кога нашите најблиски преминуваат од овој привремен и лажен свет, во идниот и вечниот. Но истовремено, оваа разделба е и најголема радост, пасхално веселие, бидејќи ние знаеме дека оние кои во Христа умираат, во Него и ќе живеат. Оние кои во овој живот чекореле по тесниот и оскрбителен пат, смирено носејќи го својот животен крст со надеж во Распнатиот на Голгота, со оваа разделба преминуваат местото на вечна почивка, каде што нема болка, ни тага, ни воздишка.
Собрани сме, значи, денеска за да го испратиме нашиот мил Борис во прегратките на Воскресителот Христос, Кој заради нас се распна на Страшната Голгота и со Своето сесветло Воскресение го отвори патот за сите Свои чеда до Царството Небесно.
Ми навираат солзи во очите, гледајќи колку многу монаси и монахињи го испраќаат сега. Тој сите нив ги нарекуваше и ги сакаше како свои чеда. Во пристапната беседа на мојата хиротонија така и кажав: ако мајка ми и татко ми некогаш мислеа дека изгубија еден син, денес имаат неколку десетици деца, многу верни синови и ќерки, бидејќи тие ги прифатија монасите и монахињите како свои родени чеда, во ништо не делејќи ги од мене. Оти, сродството во Христа го надминува секое друго роднинство и каква-годе приврзаност овде на земјата. И тоа сродство е поголемо од сѐ, бидејќи сите ние кои сме во Христа крстени и во Него живееме, умираме за стариот човек по Адама, а се соединуваме со Христа и воскреснуваме со Него.
Навистина тешко е да се каже нешто во ваков миг. Срцето ми плаче во моментов поради разделбата со татко ми. Но го чувме Евангелието на Спасителот на светот, Кој дојде да го спаси човекот: Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене, и да умре – ќе живее (Јован 11,25). Да, тагуваме и плачеме, бидејќи, рековме, разделбата е тешка. Плачеше и Христос за Својот пријател Лазар. Иако како Бог знаеше дека ќе го воскресне, сепак, како човек, кога застана пред гробот на мртовецот, Исус просолзи. Заплака над целото човештво, зашто поради отпаѓањето на човекот од Бога, настапи смртта. Но кога со Христа и во Христа живееме, мили мои, ние ја надминуваме смртта и го живееме Царството Небесно уште одовде. Затоа и кога тагуваме за смртта на нашите блиски, ние Христијаните не тагуваме со очај и безнадежност, туку со сознание и цврста надеж за блажениот живот во Христа, Кој откако еднаш умре за нашите гревови и воскресна, повеќе нема да умира, смртта нема веќе власт над Него (сп. Ром. 6,9). Нема власт ни над оние кои се со Него.
Татко ми беше еден духовно силен човек. Вчеравечер со брат ми и со семејството евоциравме спомени за него. Секогаш знаеше да нѐ поучи на правилен начин. Со внимателност, со широчина, со мудрост. И го знаеше она што е најважно: да се моли. Се трудеше да биде во постојан разговор со Бога. Кога падна болен, извесно време поседе во Манастирот Пречиста кај Кичево. Сестрите го забележуваа како, седејќи сам во собата, ја кажува со часови Исусовата молитва. Но не само таму и не само кога беше болен. Всушност, тој цел живот ја практикуваше оваа таинствена молитва која го соединува човекот со Христа. Кога за прв пат ја прочита книгата Расказите на еден поклоник, помнам, врвеше низ тешки животни премрежија. Оттогаш тој целосно Му се предаде и се посвети на Бога и започна постојано да ја кажува молитвата.
Иако неодамна се разболи од тешка болест, воопшто не се измачи. Кога чувме дека има карцином, сите се молевме да не страда многу. И ете, по бескрајната милост Божја, само еден ден, вчера, имаше малку тешкотии и до вечерта Господ си го зеде во Своите прегратки, за да го одмори. Знам дека заслужува да биде со Христа…
Во Евангелието што го слушнавме, Спасителот Христос му се обраќа на светот: Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот (Јован 5,24). Со Своето Распетие на Крстот и со Своето тридневно Воскресение, Синот Божји повторно ги отвори Рајските Двери за сите коишто ќе го прифатат Неговото слово и ќе поверуваат во Него. Он со Својата смрт ја победи смртта, како што радосно пееме во тропарот на Воскресението и ја претвори во врата, премин во вистинскиот и вечен живот. Затоа според општиот типик на Православната Црква, кога се извршува чинот на исходното последование, се служи со отворени Царски Двери, бидејќи тоа го симболизира влегувањето на душата во вечниот живот. Но еве, од непознати за мене причини, во Битола се служело со затворени Царски Двери. Така барем ми рекоа свештениците. Дури ни мене, како на архиереј, спротивно на редот во Црквата, не ми беше дозволено да го прочитам Светото Евангелие од Царските Двери. Но сега нема да му даваме значение на тоа и доколку тука се крие некоја намерна причина, нема да го сметаме за лична навреда и однапред даваме прошка за тоа. Како и да е, татко мој најсакан, Христос Човекољубецот е Оној Кој денеска лично ти ги отвора Дверите на Царството Свое, коишто никој не може да ти ги затвори. Ниеден човек нема власт да ни ги затвори тие вечни Двери, бидејќи токму Христос, Синот Божји и Спасителот на светот, ни ги отвори преку Својот Чесен Крст и преку Својот Пресвет Гроб, испразнет со Воскресението. Прости ми мене, на твојот син, прости им и на сите што те нажалиле и нека добриот наш Христос ти подари добар Рај. Ти благодарам за сè, те сакам со сето свое срце и со вера и надеж го очекувам нашето повторно соединување.
А сега, тато, знаеме дека си со својот ангел пазител и нѐ слушаш и затоа монасите и монахињите сакаат да ти се обрат со едно проштално слово. Довидување!“.
Во продолжение, Архимандритот Кирил го прочита надгробното слово составено од срцата на сите браќа и сестри во монаштвото од нашите четири манастири:
„Чесна е пред Господа смртта на преподобните Негови.
Секогаш сакан и почитуван наш дедо Борис, ти светол лебеду Христов, штедар дарителу наш кој на Црквата Божја ѝ го даде бесценетиот дар, твојата прекрасна и плодна фиданка, твојот син, Старецот наш мил и владика свет, Епископот г. Партениј!
Еве повторно ни заблеска добрината твоја и широкосрдечноста твоја, сега во сета нивна полнота, во сета нивна убавина. Оти, како што сите нас, при нашите монашења, нѐ приведуваше заедно со баба Живка пред Спасителот Христа, под закрилата на твојата неразнишана вера и големата ти татковска љубов, така и сега нѐ собра пред светлината на вечноста Христова, за да ни кажеш дека иако телесно си заминуваш од нас, духом остануваш наша закрила и потпора, наш светол пример за цврстина во верата, за постојаност во молитвата, за добро стоење во справедливоста, за исполнение со светоста. Сега како никогаш досега одекнуваат твоите зборови што ни ги кажуваше како одговор на нашите молби да се молиш за нас на Бога: „Се молам, се молам за сите, оти што ми е друго работа?!“
И навистина, во твојот сталожен и смирен лик, во топлината на твоите светли и продорни очи, во смиреноста на духот, во одмереноста на зборовите, во движењата на телото – во сето твое битие се отсликуваше и препознаваше благодатното дејство на непрестајната Исусова молитва. Ти не говореше многу за молитвата, ама затоа непрестајно ја кажуваше во умот и во срцето. И ни беше утеха и сила на сите нас. Жива поука за нашиот монашки подвиг. Одмор и пристан од бурите на духовната борба. Каква ли само цврстина, сталоженост, спокој и надеж зрачеше твојата родителска физиономија!
И сега, ни станува јасно дека непознатиот монах кого на живо си го видел на почетоците, како седи во дворот на Бигорски и кого потоа го препозна во иконата на Свети Јован Крстител, е истиот тој, Претечата Христов, кој дејствуваше преку тебе, нѐ чуваше, нѐ утешуваше, нѐ подучуваше, како што тебе лично ти вети кога разговараше со него во тоа необично видение. Кога ти го праша: „Оче, кој си ти? Оти, прв пат те гледам, не те познавам. Од каде си и како се најде овде?“ – тој ти одговори: „Јас сум отец Јован и го чувам ова свето место. Затоа, немој да тагуваш за твојот син и за другите што ќе дојдат по него, оти јас ќе бидам со нив. Мои се тие“. Потоа ти повеќе не го виде како монах, но го виде како самиот Свети Јован во иконата негова. Ете, силата негова и заштитата негова дејствуваа преку тебе. Оти, колкупати само, и во најтешки искушенија и притесненија, твојата цврста вера и оптимизам беа светлина и бодрост за нас! Ти беше присутен и во Бигорски и во Рајчица и во Пречиста, со постарите монаси како татко, со помладите како дедо, за да охрабриш, да поткрепиш, да влееш надеж, вера и насмевка. „Не се секирајте“, им велеше на првите монаси и монахињи додека уште беа многу малку, „ќе даде Бог уште многу браќа и сестри“. Кој брат или сестра зборуваше со тебе и не се утеши?! Кој поклоник во манастирите те виде и не те засака?! Која душа те сретна и не се исполни со почит и благодарност кон тебе?!
Те имаше насекаде: во работите за Светињата, во послушанијата, во богослужбите и молитвите, рамо до рамо со монасите. Никогаш не ќе ја заборавиме твојата стамена појава, исправена како столб и свеќа на долгите бденија и богослуженија. Ти совршено сфати дека животот е ништо без Христа и затоа го претвори својот живот во еден непрестаен труд, молитва, слава и благодарност за Него.
Затоа сега, возљубен наш дедо Боро, имајќи ги пред очи зборовите Христови: Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене и да умре ќе живее, те предаваме во рацете на Оној Кого со цело срце свое Го возљуби, за да ја одмори и успокои твојата добра, охристовена душа. Со солзи во очите и со таговна радост во срцата, те испраќаме во градот на живиот Бог, во небесниот Ерусалим, кај Спасителот Христос, кај Царицата Мајка, кај милиот ни Свети Јован кого виде уште на земјата, кај Ангелите и Светиите Божји. Те испраќаме со целив и те молиме, не нѐ заборавај ни отсега, туку како што овде постојано се молеше за нас, така продолжи и оттаму.
Сакан, мил, возљубен, достојно и секогаш споменуван татко и дедо Борис, ти со добар подвиг се подвизуваше, патот го заврши и верата ја запази, затоа блажен е патот по кој врвиш денес, оти ти е подготвено место за почивка.
Нека ти биде споменот светол и вечен!
Добар Рај ти посакуваат твојот син, Владиката Партениј и твоите внуци, монасите од Бигорски и монахињите од Рајчица, Пречиста и Кнежино.
Вечен ти спомен!“