Настапи неделата после Рождеството на нашиот Спасител Господ Исус Христос, денот кога светата православна Црква го чествува споменот на светиот богоотец, пророк и цар Давид, на светиот праведен Јосиф, обручникот на Пресвета Богородица, и светиот Јаков Брат Божји. Затоа, одбележувајќи го денес именденот на митрополитот Тетовско-гостиварски, г. Јосиф, верните се собраа во живописното тетовско село Милетино, во прекрасниот храм посветен на Успението на Мајката Божја, за да присуствуваат на светата архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот, во сослужение со нашиот старец, архимандритот Партениј и неколку свештеници од тетовското архијерејско намесништво. Во текот на Литургијата, свештеникот Ненад Ѓорѓески беше удостоен со протојерејски чин.
Многубројниот благочестив народ најпрвин ја прими благодатната поука што извираше од пригодното слово на архимандритот Партениј, со кое тој, честитајќи му го именденот на владиката Јосиф, им напомна на присутните за возвишеноста на епископскиот чин:
„Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци, возљубени браќа и сестри христијани, неопислива ми е радоста денес, што ве гледам собрани во толкав број на ова свето место, во овој прекрасен храм, пред овој чесен, небесен и земен жртвеник, пред лицето на семилостивиот Бог. Ја чувствувам побожноста што гори во срцата ваши, и се радувам гледајќи колку вие Го барате Бога и копнеете по Него, како по најсакано нешто во животите ваши.
А се зарадува срцето мое и поради тоа што на покана од возљубениот митрополит Јосиф ја отслуживме заедно оваа света Литургија токму на неговиот именден, кога ги празнуваме светите богоотци пророкот Давид и праведниот Јосиф Обручник, заедно со светиот Јаков Брат Божји. Би се задржал сега малку повеќе на светиот свештеномаченик Јаков. Тој бил една од најзначајните личности на првата Црква, а бил и првиот епископ на Ерусалим. Свети Јаков Брат Господов не бил роднина Христов само по тело, тој и со душата Му бил сроден, на најдлабок можен начин во себе Го впил и усвоил Духот Негов. Бил толку праведен, што современиците го нарекле Јаков „Праведниот“, како одлика на неговиот живот. А таа одлика го направила вистински пример за тоа каков треба да биде епископот. Епископското дело е големо. Без епископ Црква не може да постои, зашто епископот е главен носител на наследството од апостолската благодат и тоа наследство тој непрестајно го чува во Црквата, предавајќи им го на нејзините членови благодатното осветување и оживотворување преку светите Тајни, чијшто прв извршител е тој самиот. Ликот на епископот претставува љубов кон Христа и Црквата. Епископот, пред сѐ, треба да Го љуби Христа и Неговата Црква со сето свое битие. „Може ли да биде нешто поважно од онаа полза, – вели св. Јован Златоуст, – кога го извршуваш тоа што служи како доказ за љубовта кон Христа, според зборовите на Самиот Христос? Обраќајќи се на врховниот апостол, Он вели: ‘Симоне Јонин, ме љубиш ли?’, и кога Петар ја исповеда својата љубов, Он додава: ‘Пази ги овците мои’ (Јн. 21, 15, 16). Христос тогаш сакал да покаже не колку Петар Го љубел Него, туку колку Он Самиот ја сака Црквата Своја, затоа благоволил да го научи и Петар и сите нас да ѝ посветиме и ние голема грижа“. Па така, како што Христос ја сака Црквата Своја, којашто ја придобил со Својата крв, исто и епископот, односно владиката, кого Он го поставил да го пасе стадото Божјо, треба да си ја сака Црквата. Таа, пак, љубов Христос ја доживува како љубов кон Него Самиот.
Вие знаете, возљубени, дека сегашниот ваш владика, митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф, израсна како фиданка од Светијовановата плодородна лоза, и како христожеден монах тој долги години се напојуваше од благодатниот Бигорски извор на светиот Претеча. Велат дека најголема радост за родителот е тоа да ги гледа своите деца како напредуваат во доброто, како се развиваат во здрави и благородни личности. Ова истото е одлика и на духовниот родител. За него нема ништо порадосно и подрагоцено од тоа неговите духовни чеда да преуспеваат во духовниот живот, да растат во добродетелите, да се издигнуваат до мерата на совршен човек во Христа. Гледајќи го моето чедо во Господа, митрополитот Јосиф, можам да кажам само едно – таа моја радост се исполнува. Според човекољубивата промисла на седобриот Бог, Јосиф стана духовен татко на една многустрадална епархија, епархија чиешто словесно стадо како да ги носи на себе раните на Господа Исуса Христа, како да го носи тој тежок и со страдање исполнет Голготски крст. Навистина голема е одговорноста пред која се наоѓа сега митрополитот Јосиф – да биде чувар на верата Христова и моралот во Црквата во место каде христијаните се малцинство, и што е можеби уште потешко, во време кога сѐ повеќе и повеќе притиска духот на новиот поредок, кој дише со богоотстапништво и рушење на христијанските морални вредности. Веќе кажавме дека без епископ не може да има Црква, но, следствено ни епископот го бива без Црква. Зашто Црквата, пред сѐ, е собор, заедница, тело Христово. И како што епископот е должен непрестајно да бдее над својата паства, да ги подига рацете свои пред Господа за неа, да биде вистински чедољубив татко за поверените му од Бога чеда, така, во иста мера, и тие се обврзани пред Господа во сѐ да му помагаат на својот владика, да се жртвуваат за него, да го љубат како што синот го љуби таткото свој. А таа взаемна пожртвуваност и помагање е насушна потреба во оваа богочувана епархија, каде христијанството се наоѓа во криза. Сепак ни тоа не би требало да ве обесхрабри. Љубовта Христова има моќ да ги поместува планините на искушенија, недоразбирања и раздори. Владиката Јосиф застана како глава на оваа епархија, носејќи го своето искуство што го стекна како монах во Бигорскиот манастир, во чија околина христијаните се малцинство. Всушност, тоа негово искуство произлегува од науката на нашиот Спасител Господ Исус Христос, преслатката наука која не знае да поучува на ништо друго освен на љубов, мир, простување, сострадание со сите и со сѐ, без оглед на социјалната положба, народноста, или верската припадност. Доволно е само да се потсетиме на тие чудесни зборови што излегле од божествената уста на Спасителот: „Сте слушнале, – вели Он -, дека е кажано: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. А Јас, пак, ви велам: ‘љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец, Кој е на небесата’“ (Мт. 6, 43-45).
Со најтопло, молитвено срдечно настроение му го честитам именденот на митрополитот Јосиф и му посакувам вистинско епископско служење, со најголема пастирска грижа за Црквата во оваа епархија, со татковска љубов за своите чеда, и тоа не само за верните, туку и за иноверните; едно пожрвувано и свето служење со добри дела што ќе светат пред луѓето, па да ја видат сите таа светлина и да го прослават нашиот милостив Отец, Кој е на небесата (сп. Мт. 5, 16), Кој од преголема и неискажлива љубов кон човечкиот род благоволи да Го испрати Својот возљубен Син да се роди бессемено од Пречистата Владичица наша, Богородица и Приснодева Марија, да го посети и избави Своето создание од нечистотијата на гревот, страдањето и смртта. Нему нека Му е слава, чест и поклонение, во веки веков! Амин!
Христос се роди!“
Потоа, новопроизведениот протоереј, о. Ненад Ѓорѓески во своето благодарствено слово го истакна значењето на свештеничкото достоинство:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!
Ваше Високопреосвештенство, Ваше Високопреподобие, чесни отци, браќа и сестри во Христа!
Посебно сум трогнат и чувствувам посебна радост и синовска почит кон Вашите татковски молитви, Ваше Високопреосвештенство, а поради Вашето внимание со кое денеска ме удостоивте мене недостојниот и грешен слуга Божји. Што би можел да кажам за себе? Јас сум најмал меѓу браќата мои, а пастирската служба е толку света и возвишена што јас секогаш сум се двоумел и стравувал дали ќе можам да ја примам и исполнувам со потребната преданост и достоинство.
Пред да одлучам да примам свештенички чин, долго размислував, бев возбуден, но знаев дека тој призив е тежок и со голема одговорност го примив врз себе. Душевното спокојство беше колебливо. Се допрев до големата книга на животот и што прочитав? Зборовите на светиот апостол Павле:
„Што ќе научат без проповедникот? Како ќе проповедаат ако не бидат пратени?“ Ги прочитав и зборовите на пророкот Исаија: „Колку се прекрасни нозете на оние што проповедаат мир, на оние што проповедаат добро!“
Во тие зборови го видов Божјиот глас, го видов моето призвание; тие моќни зборови длабоко се врежаа во моето срце и ми вдахнаа духовна сила да го примам свештеничкиот чин.
Оправдано е тоа мое двоумење, бидејќи апостолската служба е тешка и бара самопожртвување. Пастирот е должен и дење и ноќе, наутро и навечер, во време и невреме, во горештина и мраз, во опасност од зараза и смртни случаи – во сите мигови да биде подготвен да дејствува; треба да утешува и душите и телата да ги лекува, да ги брише солзите на расплаканите и сираците, да биде изложен на опасност за доброто на другите и секогаш пред своите очи да ја гледа сликата на смрта и нејзината погибелност. Учествува во сите најрадосни и најжалосни моменти од човековиот живот. За својата паства тој е исто што и отецот за својата рожба. Треба да учи и поучува, да советува и разобличува. Никогаш не може да биде спокоен. Секогаш се грижи за довереното му стадо, бидејќи во спротивен случај би бил наемник, а не добар пастир:
„Добриот пастир си ја полага душата своја за овците свои“ – вели Господ Исус Христос.
Кога го примив залогот за свештенството, честопати мислев на тешкотиите во пастирската должност, но само едно ме утешува: верата во Бога и молитвата. Одличјето што денес ми го давате, можеби не сум го заслужил, затоа што целосно не сум ги исполнил своите обврски. Но, тоа секогаш ќе ме опоменува за дожностите и ќе ме потсетува да одам напред во својата служба, па дури ни животот да не го жалам за исполнување на обврските. Тешки се времињата, а од свештенослужителот многу се бара. Со Божја помош ќе се обидам да го оправдам доверието за наградата – одличјето што ми го даделивте.
Надбедреникот со кој ме одликувавте симболизира оружје со кое се победува. Тоа е оружјето на вистината, правдата и љубовта. Тоа е оружје на словото и добродетелта. Тоа е одличен знак што секогаш ќе ми напомнува за големата одговорност, ќе ми го покажува патот по кој треба да одам, ќе ми напомнува за Божјата правда на земјата.
Ваше Високопреосвештенство, Ви благодарам за одличјето со кое ме наградивте.
Благодарам за вниманието што ми го укажавте! Ќе ми послужи како потпора и сила во пастирската дејност.
Благодарам и на мојот духовен татко, Неговото Високопреподобие отец Партениј, кој преку неговите молитви и грижи за мене, духовно ме израсна и ветувам дека како негово верно чедо ќе се трудам и понатаму да возрастувам.
Благодарам и на протоереј ставрофор, о. Харалампие, мојот вујко од кого јас многу научив, и ќе се трудам и понатаму во својата свештеничка служба да го продолжам во пракса неговото пастирско искуство.
Благодарам и на моите родители кои ме одгледаа и воспитаа, и ме доведоа до ова што сега сум јас.
Ваше Високопреосвештенство, Ви благодарам за молитвите што при оваа пригода ги упативте кон Бога! Ви благодарам за благопожелбите! Секогаш посебно сум го ценел Вашето внимание и содејство, кое заедно со Божјата помош ќе ме водат по тешкиот пат на пастирската дејност.
Долгоденствујте Ваше Високопреосвештенство! На многаја лета!“
На крајот од денешниот молитвен собир, митрополитот Јосиф најтопло им заблагодари на верните милетинчани што така усрдно притекнаа на денешната света Литургија да земат учество во неговата именденска радост.
На многаја лета, Високопреосвештен владико!