Беседа
на Н. Б. Сесветост
Вселенски Патријарх
г. г. Вартоломеј
за време на Божествената Литургија во Неделата на Педесетница
(12 јуни 2022)
Најсвештен Архиепископе Охридски господине Стефане, заедно со Вашата чесна придружба,
Сечесни претставници на братските Цркви на Ерусалим и Кипар,
Свештени и Богољубиви браќа Јерарси,
Превосходна госпоѓа Конзул,
Чесни Архонти офикијали,
Чеда во Господа возљубени,
А кога дојде денот на Педесетницата (Дела 2,1)… „слегуваше Утешителот од Небото, чуварот и осветувачот на Црквата, раководителот на душите, управителот на оние што се во бура, водачот на заблудените кон светлина, наградувач на оние што се подвизуваат и овенчувач на оние што победиле“[1].
Ова слегување на Сесветиот Дух го празнуваме денес и си спомнуваме за свештените настани пред и по него, бидејќи во таинството на Божествената Евхаристија ја гледаме целовитоста на верата, односно ја живееме Црквата, оти „да не беше Духот присутен, немаше да постои Црквата; а штом Црквата постои, многу е јасно дека Духот е присутен“[2]. Оваа дејствена и спасителна вистина Црквата ја разлева низ четиристраниот свет, зашто нелажно и сигурно е словото на Господа: „А кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен. И така, оваа река воедно го весели целиот град на Бога, т.е. Црквата на оние кои своето жителство го имаат во Небесата; уште, сета умствена твар, од натсветските сили сè до човечките души, треба да го разбира градот развеселен од течението на Светиот Дух“[3].
„Благодатта на Духот, бидејќи дојде и построи за разум, извира од секој извор и не прекратува, нити се празни, нити застанува“[4]. Овој, значи, повторуваме, извор на неиспразливите дарови на Светиот Дух, Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква го поседува како најскапоцено сокровиште, и две илјади години таа им го возвестува на сите оној Христоизговорен поттик „дојди и види“ (Јован 1,47), со цел, преку слободата на волјата и личниот подвиг, сите да станат искусни во светодуховните блага.
„Кога благодатта на Духот ќе види некого кој врие со копнеж [по Него] и е со разбуден разум, му ја дарува од себе богатата благодат“[5].
Црквата го претставува дарот на Сесветиот Дух во светот. Без Црквата не ќе беше можно верата во Христа да биде устроена во светот. Без Црквата, којашто е Светото Тело Христово, верата немаше да биде дело, живот, подвиг, борба, падови, покајание, надеж, осветување, крст и воскресение на луѓето, туку теорија и идеи без значење. Црквата е исполнувањето на Ветувањето на Отецот. Црквата значи трајна и постојана Педесетница. Во Црквата нема заситување и крај. Напротив, очекувањата и движењето кон Есхатонот значат трајност, вистина, врежан живот и заедништво со она што е во Троичниот Бог.
Трајната Педесетница, Црквата Христова, не е, значи, идеализам и теорија; таа е апсолутна рамнотежа на различностите, односно сопружништво на земјеноста со диханието на Светиот Дух. Како што двете природи на Господ Исус Христос, Божјата и човечката, се непроменливи, неизменливи и неслеани, обединети во едната Негова ипостас и едната не ја надминува другата, така и во Црквата се бранува Благодатта на Светиот Дух и оваа Благодат ја одржува и ја определува нејзината институционална димензија. Велико и неизречиво е Таинството на Црквата. Велик е дарот на Црквата кон човечкиот род. Големи, чудесни и макотрпни се работите, што преку силата на законодавниот Свет Дух, беа постигнати во Црквата, за да ја водат кон сета вистина.
Значи, оваа институционална организација на Црквата не претставува нејзина странична пројава, туку нејзин суштински и витален израз. Строежот на Црквата и системот на нејзиниот состав е дел од верата и апостолско завештание. Апостолството на Црквата не е само историски производ, туку е главно едно постојано течение на Светиот Дух во нејзиниот живот. Свештеното Предание (запишано и непишано), коешто е нејзиниот единствен извор, не е ништо друго, освен вечно присуство на Утешителот, кое никогаш не престанува и не се изменува. Се разбира, и црковниот живот не бил неразбрануван, зашто и осветувачкиот живот на Црквата не бил монолитен и еднозначен. Множеството дарови на Светиот Дух, смешано со изразите на личностите, имаат сплетено начини и патишта за спасението на секој верник. Во Црквата не постојат безизлези. Со оглед на тоа што цел и крај е спасението на сите, Црквата изнаоѓа начини да ги надвива пречките и да ги лечи проблемите.
Промислено и мудро, Светите Вселенски Собори на Црквата засадија садница на вистината и поставија ороси и канони за божественото култивирање. Божествените Отци, водени од Светиот Дух, приковани за патот кон Есхатонот, и уште, познавајќи ја ликвидноста на човечката природа, поставија ѕидини и обграда за запазување на непорочната вера. И го возложија врз навидум малите рамења на Константинополскиот Архиепископ Крстот на свештеноканонското надгледување на Телото Господово на Исток, односно да донесува суд за Епископите на Вселената, и определија, од една страна необични, но како што покажала праксата на Црква – најдобри, мудри и свети исклучоци во рамките на нејзиното устројство. Без таквото законоположение разнообразноста на црковниот живот би била безизлезен лавиринт и никнатите низ времињата и годините прашања само би се заплеткувале и би се зголемувале. Не сметаме за потребно да дадеме поединечни примери за покажување на ова скапоцено наследство за целата Црква, бидејќи до денес Источната Света Христова Црква од тоа наследство се води по прав пат.
Не говориме со човечка пофалба, туку носејќи ги раните на Господа Исуса, ја исповедаме вистината, ја проповедаме милоста, не го сокриваме добротворството, како што имаме и должност да постапиме.
Нека замисли секој од вас каква би била Црквата без благодатта што истекува од Еклитонот. Тие кои денес му противречат и го оспоруваат претходно реченото, се од оние кои ја примија верата и своето устројство од само оваа црковна реалност. Жалиме што сме принудени да говориме за нив, но се налага неопходност, за да се обелодени вистината. Великата Христова Црква во Константинопол е мајка, хранителка, одгледувач и наследстводарителка на секое нејзино чедо. Не ги употребува своите одговорности за показ и самозадоволство. Се раздава себеси, се жртвува, се труди, се подвизува, надгледува со расудување, вдахновува, потсетува, се моли и учествува во благопријатните, но и во неблагопријатните нешта на помесните Цркви.
Тоа го покажува историјата, тоа го потврдува денешнината. Сечесните и почитувани Патријаршиски Престоли на Исток немаше да суштествуваат без ова крваво и макотрпно исцрпување на Великата Христова Црква. Александрија, Антиохија, Ерусалим, но и таа макар и мала, ама добро и свето основоположена Црква на Кипар немаше да постојат без грижата и промислата на Вселенските Патријарси низ времињата. Тие го запазија како зеница на окото свештеното наследство на Светиот Дух, секогаш гледајќи кон Неговата обновувачка благодат и сила; а развојот на работите ги потврди нивните одлуки. Сепак, за жал, величието и некористољубивата добрина на Мајката Црква, од корисниците на нејзините добротворства се прифаќа како рамнодушност, бессилие и неспособност. Новоподигнатите и новородените Цркви чувствуваат дека, погрешно толкувајќи или поскоро извитоперувајќи ја вистината, можат да основаат нови принципи и перспективи во Црквата.
Кога свештеноканонското произведение на Црквата се толкува со користољубие и кога се пренебрегнува фактот како тоа беше заквасено во нејзиниот живот, тогаш имаме извитоперувања што се издигаат дури до шизма. „Шизмите не настанувале од разделување во однос на верата, туку од поделбата на мислењето поради човечко соперништво“[6], според гласот на Златоглаголивиот Јован. Едно погрешно толкување што сега зазорува, крајно опасно и штетно за Православната Црква, е тоа кое сите автокефални црковни формации ги гледа како апсолутна полнота која нема недостиг макар и од најмала поддршка и помош, и заедништвото во Светиот Дух го чувствува како компромисна обврска без значење и суштина.
Да не забораваме дека помесните автокефални Цркви произлегоа главно од опресивната етнофилетистичка атмосфера на потомците на либерализмот, на лошото поимање на просветителството и на догматскиот принцип – што не би требало да е така – Народ-Држава, Држава-Црква.
Црквите формирани и одржувани од државна власт се осудени на тление и на исчезнување, доколку не ја напуштат световноста и сообразувањето со системите што поминуваат. Автокефалните Цркви имаат должност да служат за спасението на верните и да му служат со највнатрешно топло и трепетно срце на единството на верата – со дела, а не со зборови. Внатреправославното единство нема мнозински принцип, ами изобилие на вистина во верата и во праксата.
Архиепископот на Константинопол не е само оној кој еднаш еманципира, туку оној кој со канонска обврска и непроменлива должност, постојано ја пази благосостојбата на Светите Божји Цркви. Непоматеното заедништво на Константинопол со древните Патријаршии и непрекинатото заедничко движење на Мајката Црква со нив, ја даде можноста за израз во единство кон создавање и основање на принципите и условите на таканаречените Автокефални Цркви. До денес, сè што се извршува во свештеното и свето место на Вселенската Катедра – смирениот секогаш светол Фанар, се потпишува без ни најмало отклонување „во Патријаршиите“ – такво сопружништво, такво соучество, такво неслеано смешување, таков непомешан идентитет, такво единство со такво изобилие на изрази, појави и пројави. Тоа единство го претура и го излева Фанар во Вселената. Ете на Тој Дух ние сме слуги и служители.
Непогрешно сте ја почувствувале оваа сигурност, Најсвештен Архиепископе Охридски г. Стефане, и заради долготрајните проблеми кај вас, Вие, заедно со Вашата чесна Јерархија, со непорочниот клир, со христољубивиот народ и со преподобните монашки редови, прибегнавте кон нашиот, според свештеноканонското признание, безотчетен суд.
Судот на Константинопол е милостив, братољубив и исцелителен. Не е суд авторитарен, истребувачки и самофален. Тој е лек и исцеление. Тој е болка поради проблемот и радост заради решението. Востановувањето на полното црковно општење со вас и во продолжение, црковното изнаоѓање на институционалниот строеж за вашето битие, во конкретниов историски момент, дава повод за сè што нагласивме и за понатамошните работи, бидејќи Великата Христова Црква во Константинопол ја сече неблагодарноста и суровоста на оние што беа излечени преку благодатта на животворниот Свет Дух.
Внимавајте врз себе, браќа! Влезете во сокровиштето на Соборноста. Ромејството не е показен национален идентитет, ами токму Црковен. Великата Црква на своите чеда им ги дава во наследство сите нејзини својства. Им ги дава во наследство трпението, благоста, помирувањето, кротоста, добротата, надежта, љубовта; со еден збор, сите дарови на Светиот Дух.
Сега е време да ја ревидирате еклисиологијата на самодоволноста и на интровертноста во лоша смисла. Одгледувајте го сето она што ви го доверивме и умножете ги вашите таланти. Потребна е стабилност. Несигурноста за припадност, како и лошо навлезената терминологија за Славофоно и Елинофоно православие не претставуваат вистински дилеми. Една и неразделна е Православната Црква. Го немаме луксузот да се делиме и да се ситниме. Знаете многу подобро од кој било друг, колку е непропорционална цената за раздорот и тврдоглавата настојчивост.
Татковски ве поттикнуваме да се доверите срдечно на вашата Мајка Црква; да ја возложите вашата грижа врз нејзината промисла и родителска грижа; да слушнете што ѝ вели Духот на Црквата; да бидете настојчиви во молитвата и во прекршувањето на лебот; да ревнувате за подоброто и за спасителното. Ние и повторивме, а и претходно изразивме во врачениот ви Акт за востановување на евхаристиското општење, дека сме расположени – се разбира, во рамките на црковно формираната и прифатлива практика – да се наведнеме и да се посветиме уште повеќе на вашето прашање. Вашиот понатамошен напредок зависи исклучиво од вашето лично однесување и од вашиот избор.
Најсвештен Архиепископе Охридски г. Стефане, на крајот на денешното наше историско сослужување со Вас, во овој наш Сечесен Патријаршиски Храм, го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Северна Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму.
Особено се радуваме за личното присуство на Превосходниот Претседател на Владата на Северна Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас. Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет. Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и Кој ги лекува раните, Кој ги надополнува човечките недостатоци, Кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу Епископите на Источната Света Христова Црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
[1] Κυρίλλου Ἱεροσολύμων, Κατήχησις ΙΖ’ Φωτιζομένων, PG 33, 985 B
[2] Ἰωάννου τοῦ Χρυσοστόμου, Εἰς τὴν ἁγίαν Πεντηκοστήν-Ὁμιλία Α’, PG 50, 459.
[3] Βασιλείου τοῦ Μεγάλου, Ἑρμηνεία εἰς τὸν ΜΕ’ Ψαλμόν, PG 29, 421 C.
[4] Ἰωάννου τοῦ Χρυσοστόμου, Ὑπόμνημα εἰς τὸν ἅγιον Ἰωάννην τὸν ἀπόστολον καὶ εὐαγγελιστήν-Ὁμιλία ΝΑ’, PG 59, 284.
[5] Ἰωάννου τοῦ Χρυσοστόμου, Λόγος παραινετικὸς εἰς τὴν εἴσοδον τῆς ἁγίας Τεσσαρακοστῆς-Ὁμιλία Γ’, PG 53, 32-33.
[6] Ἰωάννου τοῦ Χρυσοστόμου, Ὑποθέσις τῆς πρὸς Κορινθίους πρώτης Ἐπιστολῆς-Ὁμιλία Γ’, PG 61, 23.