Соопштение по повод Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден

Во чест на големиот празник посветен на Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден, во Манастирот Рајчица на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, на 26 септември 2025 г. (петок),

Ќе се отслужи свечена и празнична вечерна богослужба, со почеток во 18:00 часот, на која молитвено ќе претстои Старецот на Обителта, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј. На крајот од вечерната богослужба, проследен од стиховите на празничниот тропар, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот.

Следниот ден, сабота (27 септември), во 07:30 часот ќе започне Утрената богослужба. На крајот од Утрената, од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се поставува крстот со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир. После чинот на Воздвижението на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос.

Во 9:00 часот – Света архиерејска Златоустова Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј.

Дојдете сите заедно победнички да го издигнеме Чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови Тајни.

KrstovdenRajcia-16