Соопштение за бденијата од петтата седмица

Возљубени верници,

Во текот на оваа петта седмица од чесниот и Велик пост, кога покајанието веќе станува здив на душата, а молитвата – нејзино најприродно движење, светата Црква нè повикува на две особено возвишени и умилителни бденија, исполнети со покајание и со радост на очекувањето.

Во среда, 25 март, со почеток во 19:00 часот, ќе започне бдението со покајниот канон на свети Андреј Критски, соединет со читањето на житието на света Марија Египетска. Оваа длабоко потресна служба е еден од најсилните повици кон покајание во текот на целата година, огледало во кое душата се согледува себеси и се враќа кон Бога.

Следното утро, во четврток, 26 март, во 7:30 часот, ќе се отслужи Преждеосветена Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Старецот на Обителта, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, како продолжение на ова покајничко бдение, во кое верните ќе се соединат со Спасителот Господ Исус Христос преку Неговите пречисти Тајни.

Потоа, во петок, 27 март, со почеток во 21:00 часот, ќе се отслужи сеноќното бдение со Акатистот на Пресвета Богородица, соединето со светата Златоустова Литургија, со којашто ќе чиноначалствува владиката г. Партениј. Во оваа благодатна ноќ, исполнета со пофални песни и благодарствени поздрави, верните ќе ѝ ги принесат своите срца на Пресветата Владичица, како на сигурно прибежиште и брза помошница.

Овие свештени бденија се еден прекрасен украс на великопосното патување, време кога покајанието се преобразува во светлина, а молитвата во радост заради скорешното настапување на Светата Пасха. Сите кои жеднеат по духовна утеха и обновување, нека дојдат заедно да го вкусиме овој благодатен дар на Црквата наша.

Со благослов на игуменот на Бигорската свештена обител,  Неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј.