В. Р. Легојда: Има ли христијанството иднина?

Извор:

Во рамките на телевизиската емисија „Во лично својство“ претседателот на синодалниот оддел за взаемни односи на Црквата со државата и медиумите, В. Р. Легојда зборуваше за предизвиците со кои се среќава христијанството во современиот свет.

„Полскиот мислител од XX век Колоковски еднаш точно кажа дека борбата со христијанството не се води преку дискусии. Главно оружје е всушност бесмисленото смеење. Не аргументи на противниците, не докази, не философски размислувања… едноставно одбивање на дијалог и бесмислено потсмевање“, изјави В. Р. Легојда.

Претседателот на одделот за взаемни односи на Црквата со државата и медиумите уште додаде дека христијаните самите даваат повод за лошиот однос кон нив, а тоа се случува претежно во оние моменти кога тие ја нарушуваат најважната заповед Христова: „ По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.“ (Јован 13,35) Сепак најголемото непријателство, според зборовите на Легоида, секогаш е насочено против Бог, против Евангелието, а не против недостатоците и слабостите на верниците, бидејќи во суштината на христијанството е самиот Христос а не човечките заслуги.

„Борбата со христијанството по пат на интелектуална дискусија е тешка. Тоа добро го сфатија уште во времето на Советскиот Сојуз, и затоа на христијаните им припишуваа некакви измислени погледи и ставови. А потоа ги исмеваа христијаните поради тие припишани ставови“, напомна претставникот на Црквата.

Тој исто така забележа дека „бесмисленото потсмевање“ е често е присутно и денес, како одговор на зборовите за Царството Небесно, задгробниот живот, преданата и самопожртвувана љубов, љубовта како соживување со болката на другиот, љубовта како жртва.

„А всушност токму таа голема вистина на христијанството – дека Бог е љубов – некогаш во потполност го изменила светот. Го изменила и спасила од распаѓање, од уништување. Создала моќна култура, со векови го хранела и сѐ уште го храни светот со длабока смисла“, истакна тој.

„Има ли во овој современ свет, свет на бесмислено потсмевање, иднина за христијанството? Не знам. Но точно знам дека за светот нема иднина без христијанството“, заклучи В. Р. Легојда