Митрополитот Струмички г. Наум денес имаше изјава за бугарската информациска агенција БГНЕС:
БГНЕС: Бугарскиот патријарх Неофит соопшти дека меѓу двете цркви, МПЦ-Охридска архиепископија и БПЦ, има целосен консенсус за сите прашања. Која е следната стапка, којашто очекувате да се случи меѓу Црквата-мајка и Охридската архиепископија?
Г. Наум Струмички: Следната стапка е заедничкото сослужување на светата Литургија (Евхаристија), односно заеднички да ја спроведеме во пракса, да ја заживееме одлуката на БПЦ со која таа прифати да е мајка Црква на МПЦ – ОА. Доколку две Цркви не сослужуваат заедно света Литургија, каков било договор склучен меѓу нив или еднострана акција – нема суштина. Нашата Црква и сега е многу благодарна за преземениот крст од страна на БПЦ, да нѐ претставува, промовира, застапува и помага да ја оствариме полната црковна заедница со останатите Православни Цркви, но смирено чека овој крст да ја донесе и воскресната радост на заедничкото причестување со светите Христови Тајни од еден и ист путир. Оваа заедничка стапка очекуваме наскоро да се случи. Ние, деновиве, испраќаме и писмо до Неговата Светост Патријархот Бугарски г.г. Неофит со братски повик за заедничко служење на светата Литургија.
БГНЕС: Ја споделувате ли информацијата дека Вселенската патриаршија гледа положително на барањето на МПЦ-Охридска архиепископија БП да биде нејзина Црква-мајка?
Г. Наум Струмички: Последниот збор секако ќе го има Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј – таков е редот во Православната Црква. Колку што јас знам, и што е нормално. Вселенскиот Патријарх неуморно работи на единството на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква – тоа му е првенствена задача. Веруваме, а и досега гледаме, дека сѐ што во Православната Црква е во согласност со оваа задача истовремено е и радост и утеха, во Светиот Дух, за Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј.
БГНЕС: Кои се заедничките предизвици пред коишто се исправени двете православни цркви, во Република Македонија и Бугарија?
Г. Наум Струмички: За општите предизвици, што доаѓаат од светот кон Црквата Божја, нема да зборувам – тие се познати. Најбитно за Црквата е соочувањето со своите внатрешни предизвици. На пример, на Црквата ѝ недостасуваат вистински духовни отци, ѝ недостасуваат духовни лидери, кои правилно расудуваат за доброто и злото, кои донесуваат храбри одлуки, кои стојат зад своите одлуки, кои решаваат проблеми, кои се способни да го привлечат и водат верниот народ. Недостатокот на духовни отци – лидери, е клучниот проблем на Црквата денес.