Славословие на Христа Бога, Воскресителот на мртвите, од името на починатите

Задушница. Спомен на преподобните Ефрем и Исак Сирин

Со глас на восхвала викаат починатите од своите гробови и велат: хвала на Бога, Кој нѐ воскреснува од правот!

Адамовата плот, разрушена од смртта поради престапувањето на заповедта, и осквернетиот негов образ, Христос ќе ги постави оддесно на Себеси.

Укрепете се духом, смртни; Христос ветил воскресение на Адамовите чеда; од Неговиот глас починатите ќе се пробудат и ќе воспеат хвала.

Се поклонуваме на Твојот крст, со кој си не издигнал и воскреснал, и со којшто починатите ќе бидат воскреснати од гробовите, и телата им ќе се облечат во слава.

Хвала на Тебе, Којшто во началото си го сотворил нашето естество по Свој образ и си го удостоил со чест, и во крајот на времињата си го спасил преку Својот возљубен Син.

Благословен е Христос, Којшто се понизи Себеси заради Адам, по Своја волја вкуси смрт, за да му го возврати на Адам наследството на изгубениот од него рај!

Со Твојот крст, Спасителу наш, погинатиот Адамов род беше обновен и воскреснат од правот и стана наследник на Царството.

Сите горни и долни Ти се поклонуваат Тебе, Спасителу наш; зашто со Своето воскресение Ти нѐ избави од ропството на гревот.

Да Му благодариме на Христос, Којшто нѐ спаси со Својот крст, и пак ќе дојде, ќе ги воскресне мртвите и ќе ги облече телата им во слава.

Поштеди го моето недостоинство, како што е својствено на Тебе, Праведни; смилостиви се над мене, подигни ме од правта, и јас ќе го восхвалам Твоето владичество.

Да Му воздадеме хвала на Отецот, и Синиот, и Светиот Дух, на Единиот Бог во три Лица и Имиња, Воскресителот на Адамовите чеда.

Извадок од: Святой Ефремъ Сиринъ, Творенiя томъ 4, Москва 1995, 524-525.