Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј испрати писмо со честитка до новоизбраниот Патријарх српски г. Порфириј.
Цитирајќи го Светото Писмо, тој со Патријархот српски сподели дека „ги доживеавме одново и денес сцените од Делата апостолски, при работата на Вашиот Свет собор, откако бевме известени за достојниот избор на Вашето богопроизведено Блаженство за наследник на скоро преселениот при Господа, во вечен спомен Патријарх Иринеј.“
„Гласовите на Вашите избирачи стасаа пред Бога и Он преку ждрепката, љубовно му проговори на осиротениот свештен клир и народ на Вашата најсвета Српска црква. […] Заедно со синодалните, најсвештени Јерарси и сечесни [егзарси], во Светиот Дух возљубените браќа и сослужители, уште еднаш го прославивме почитуваното име на Отецот и Синот и Светиот Дух, кој се грижи за сираците по дух чеда на Црквата и ги утешува љубовно во нивните жалости, преку способни и вистински пастири,“ му напиша Вселенскиот Патријарх и во продолжение ги изрази своите благопожеланија и совети кон новиот Претстојател.
„Посакуваме, Блаженејши, свет брате, Вашето започнато патријархување да биде долго, необлачно, доброносно, осветено од Светиот Дух и да осветува преку Него. Цврста основа и темел непоколеблив за Вашето пастирување нека биде Вашето држење за Божествените и свештени канони, но и самата маченички осветена пракса и предание на Црквата, која е сочувана во текстовите, делата и во нашите архиви. Одејќи по овој пат, со сигурност ќе успеете во делото за кое бевте избран, по Божјата милост.“
„Со благослов Ви честитаме и со надеж се радуваме заедно со Вас од Мајката Црква Константинополска, која ги роди, воспита и постојано со одговорност ги покрива сите помесни Цркви родени од нејзинотο сесвештено тело, меѓу кои и Вашата, поради денешниот благонадежен, од Бога утврден Ваш избор,“ заврши Неговата Сесветост.