Во саботата, на 1 декември, се навршија 40 дена од блаженото успокојување на Старецот Архимандрит Григориј, игуменот на Свештената Дохијарска Обител на Света Гора.
Секогаш споменуваниот Старец Григориј Дохијарски важеше за исклучително духовна личност на Света Гора, којашто на свој начин, со својот аскетски живот и ревност за Православието, остави неизбришлив печат, не само врз Светоименитата Градина на Пресвета Богородица, туку и во целата православна екумена.
Монах од уште од млади години, го имал благословот да расте покрај еден современ светител на Црквата Христова, Преподобниот Амфилохиј од Патмос, којшто неодамна беше вброен во Диптихот на Светиите, како и покрај преподобниот Старец Филотеј Зервакос.
Старец Григориј го красеше особената почит кон Пресвета Богородица Скоропослушница, неговата посветеност кон монашките и светогорски идеали, љубовта кон светото богослужение, трудољубието и духовното служење, едноставноста, спонтаноста и љубовта кон секој поклоник, во чиешто лице Го гледаше Самиот Христос. Истовремено, него го карактеризираше и дарот на храброто слово, со кое умееше да ја пробуди совеста кај многумина и да го надградува народот Божји.
За време на своето четиридецениско послушание како игумен на Дохијар, успеа, со Божјо содејство, да го претвори Манастирот во вистинска духовна оаза и од крајно запустен комплекс, сосема да го обнови, така што денес Дохијар има еден од најубавите соборни храмови на Света Гора. Зад себе остави огромно духовно наследство, пред сѐ, неговото христољубиво монашко братство, како и многубројни духовни чеда во светот.
Блаженоупокоениот Старец Григориј имаше вистинска евангелска љубов и кон нашиот верен народ, па затоа, како благослов за нашата Татковина, тој во февруари 2017 година, ја испрати како подарок прекрасната копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица Скоропослушница, којашто денес се чува во храмот на Светите Петнаесет Тивериополски Маченици во Струмица. Кога Старецот лично ја испраќал иконата од Света Гора, од своето срце порачал: „Нека оваа пресликана икона ја има истата сила и благодат како првообразната, та да дава исцеленија и твори чудеса на сите што со вера и притекнуваат!“
Нашето монашко братство, предводено од старецот, Архимандрит Партениј, негуваше срдечни односи со блаженоупокоениот Старец Григориј. Така, при посетата на Градината на Пресвета Богородица минатата година, дел од нашите браќа, вклучително и игуменот Партениј, за последен пат разговараа со блажениот Старец и се радуваа со неговите светоотечки поуки. Притоа, Старецот ги прими нашите браќа со најголема љубов и посветеност, иако тогаш веќе беше многу болен.
Си замина од овој свет во подобриот и вечниот на 9 октомври 2018 лето Господово, после 76 години живот на земјата, во подвизи и борби за љубовта Христова.
Нека му биде споменот вечен и неговите молитви да бидат со сите нас!