Вселенската патријаршија и официјално потврди дека не се откажала од намерата да го решава прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА и покрај противењето на Српската и на Руската православна црква.
Патријаршијата во Фанар со соопштение извести за денешната средба на македонската државна делегација со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, посочувајќи дека главната тема на разговорите било токму прашањето за МПЦ-ОА.
Во соопштението Вселенската Патријаршија јасно потврдува дека барањето на МПЦ-ОА за апелациона постапка е потврдено и прифатено и дека процесот на решавање на статусот е во процедура.
– Во текот на разговорот беа ставени на тапет претходните фази на прашањето, помеѓу кои и желбата на тамошната Црква да се врати во каноничност, под името Охридска архиепископија, согласно своевремено поднесената молба за апелација (еклитон) од нејзина страна. Атмосферата на разговорот беше топла и искрена, а потоа високите гости седнаа на патријаршиската трпеза, по што си тргнаа за назад. Господинот премиер и тие со него ја изразија својата почит и доверба кон Мајката Црква, чиј благослов го добија за целиот тамошен клир и народ, стои во соопштението на Вселенската Патријаршија.
Вселенскиот патријарх, посочил дека ќе ги покани претставници на СПЦ и на МПЦ-ОА во Истанбул за понатамошни консултации околу решавањето на црковниот спор.
За време на разговорот, покрај Вселенскиот патријарх биле присутни и Високопреосвештените митрополити Француски г. Емануил, Силивриски г. Максим, Адријанополски г. Амфилохиј, Високопреподобниот архимандрит г. Јоаким и ѓаконот Григориј, секретар и помошник секретар на Светиот и свештен синод, соодветно, како и почитуваниот г. Константин Деликонстантис, архонт учител на Родот и директор на Првата патријаршиска канцеларија.
Владата денеска соопшти дека Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј ги прими, на негово барање, Премиерот Оливер Спасовски и лидерот Зоран Заев и нивните соработници Дане Талевски и Даријан Сотировски.
Фотографии: Николаос Мангинас