Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј претстоеше и го изврши чинодејствието на потпишување на Патријаршискиот и Синодален Акт за впишување, вбројување и објавување на двајца нови Светители во календарот на Православната Црква, коешто се случи во Средата, 26 април 2023 година во Сечесниот Патријаршиски Храм.
Патријаршискиот и Синодален Акт за канонизација на Сесветиот Вселенски Патријарх Јеремија I (1522-1546) и на преподобниот монах Герасим Микрагијананитис (1903-1991), химнографот на Великата Христова Црква го прочита Архисекретарот на Светиот и Свештен Синод на Вселнската Патријаршија, Високопреподобниот Архимандрит г. Григориј.
Присутни беа и Архиереите членови на Синодот на Вселенскиот Трон кои донесоа одлука и ги потпишаа документите за канонизација на двајцата нови Светители во Кодиката на Партијаршијата. Покрај нив, зедоа учество и голем број на Архиереи од Вселенската Патријаршија како и од Црквата на Грција, свештенослужители, монаси, општествени достоинственици и мноштво поклоници.
Вселенски Патријарх Јеремија I (1522-1546)
По потекло од Зица, Епир, во 1513 бил избран за Митрополит на Софија и во 1522 станал Вселенски патријарх. Еден од ретките Вселенски Патријарси по Падот на Константинопол кој се задржал на престолот 24 години во патријаршиска служба на Црквата Христова. Многуплодното, уникатно и повеќедимензионално негово црковно дело и непроценливиот придонес во тешките години за христијаните под Отиманското иго, ја сочува неповредена православната вера од мноштво закани. Придонесе за обнова на монаштвото. Во негови денови ќелијата Ставроникита на Света Гора, која дотогаш принадлежела на Обителта Кутлумуш, а подоцна на Обителта Филотеј, со негова помош постанала независен манастир, Свештена Обител, дваесета по ред. Пример за човек Божји и одамна беше забележан во свеста на Црквата како Светител. Сочувал и обновил многу цркви и издејствувал ферман за прекин на претварањето на црквите во џамии. На крајот од својот живот се разболел, се повлекол и го завршил својот овоземен животен пат како монах во Враца, денешна Бугарија. Неговиот спомен ќе се чествува на 13 јануари – денот на неговото блажено упокојување.
Преподобен Герасим Микрагијананитис (1903-1991), химнограф на Великата Христова Црква
По потекло од Дровјани, Епир. Често одел во селскиот храм и околните параклиси по планините на молитва. Се школувал во Пиреа и Атина каде што се запознал со Светиот Нектариј Егински. Бил оддаден на словото и книгата. Оттаму во 1923 година на празникот Успение на Пресвета Богородица заминува на Света Гора, кај старецот Мелетиј во каливата на Свети Јован Крстител на Скитот Мала Света Ана. По една година станува мохан, а по 5, неговиот старец го напуштил, заминувајќи во светот. Во Атина. Свети Герасим станал послушник на старецот Авимелех (подоцна јеромонах Дионисиј) кој живеел под неговата калива, која е посветена на Успението на Мајката Божја. Голема утеха наоѓал во молитвата и читањето. Станал библиотекар и типикар на храмот на скитот Света Ана. По 20 години добива мала синодија. Молчењето го сметал за мајка на најмудрите размисли. Неговото слово секогаш внимателно, убаво, поучно и душеполезно. Велел дека единственото нешто коешто Сесилниот Бог не може да го направи е да се соедини со човек нечист. Насекаде станал познат по својата химнографија. Самиот велел дека неговата црковна поезија е плод на молитва, на силна молитва, која ја практикувал секогаш пред да започне да твори. Неговото богато химнографско дело го надминува бројот од 2000 богослужбени последованија. Издивнал со зборовите: „Свети Нектарие, помогни ми!“ Се упокоил во 1991 година на 7 декември, ден во кој е одредено за се чествува неговиот свет спомен.
Според зборовите на блаженоупокоениот Старец Георгиј Григоријатски Капсанис, светиот бил: „монах смирен, грабач на Царството Небесно, кој го надмина телото и телесните нешта, молитвен, кроток, благ, достапен, богољубив и човекољубив, учителен, сеопростувачки, благоумилителен, кој го чувал будно окото на душата, строг кон себе си и снисходлив кон своите солуѓе“.
Во својата беседа, Неговата Светост г.г. Вартоломеј, особено трогнат, помеѓу другото кажа:
„На пасхалната радост, која ги наполнува нашите срца и сите аспекти на црковниот живот, денеска ѝ се додава и радоста на официјалниот прием во хорот на Светителите на две преподобни личности на Црквата, кои благомирисаат на Воскресение, и како и сите светии, зрачат слава и светлиноизлевање од Небесното Царство на Отецот и Синот и Светиот Дух… Сите Светии на Црквата се дар од Бога за народ Негов, „таинствени знаци“ на божественото милосрдие кон светот, опипливо сведоштво за „колку и какви плодови за живот вечен донело доаѓањето/присуството на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос и силата на Пресветиот Дух“ (Свети Григориј Палама, Беседа 25 за Неделата на Сите Светии, PG 151,329)… „Наречениот и свет ден“ на Пасхата е почеток на „новата твар“ и живеење на нашето совоскресение во Христа… Му благодариме со една уста и едно срце со вас кои заедно се молиме и радуваме, на секогаш веселениот во Своите Светии Господ на славата, затоа што им ги подари на народот Свој Светиот Патријарх Еремија I и Светиот монах Герасим Микрагијананит, кои секогаш се застапуваат за сите нас, заедно со сите светии и Првосветата Богородица.