Египет започна програма за возобновување на областа на Синајскиот манастир

Извор:

Во Египет започнува глобален проект за развој на Јужен Синај каде што се наоѓа Синајскиот манастир „Св. Екатерина“. Одлуката е идеја на египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси и беше објавена на средбата на Синајскиот архиепископ Дамјан со управителот на областа полковник Халид Фунда во грчкиот центар во Каиро. Програмата има за цел да ја возобнови областа и повторно да ја претвори во привлечен центар за илјадниците поклоници од цел свет кои сакаат да се поклонат на една од најголемите светињи. Се предвидува изградба на болница, нова патна мрежа, проширување на аеродромот со локални и меѓународни летови и др. Монасите му подарија на управителот копија од ракописот на Книгата Јов и му се заблагодарија за пријателството и грижата за светата обител.

Синајскиот манастир „Св. Екатерина“ е изграден на местото каде што според преданието Мојсеј разговарал со Бога, Кој му се јавил во несогорливата капина. Првиот храм тука е изграден уште во IV век по наредба на царица Елена. Во VI век цар Јустинијан Велики изградил тука манастир и го оградил со високи ѕидини. Тоа е најстариот манастир во светот, кој останал зачуван низ вековите. Во последниот период опасноста од екстремистички напади во регионот го отежна животот, како на жителите на манастирот, така и на бедуините кои живеат во непосредна близина. Извесно време манастирот дури и беше затворен за поклоници од безбедносни причини.