На руските поклоници им е „разрешено“ да се причестуваат во „Св. Пантелејмон“ на Атос

Извор:

На епархиското собрание во Москва Патријарх Кирил изјави дека „по икономија“ им разрешува на руските верници да се причестуваат во рускиот светогорски манастир „Св. Пантелејмон“, и покрај тоа што и тој е под јурисдикција на Константинополскиот Патријарх. Забраната на рускиот Синод за примање на Светите Тајни во манастири на Константинополската Патријаршија „се одразува лошо врз духовниот живот на нашиот манастир на Атон“, смета Патријарх Кирил. И поконкретно како одговор на прашањето дали е можно сослужување и учество во светите Тајни во тој манастир, Патријархот изјави:

„Манастирот ,Св. Пантелејмон’ само се нарекува руски, но заедно со другите Атонски манастири тој е под јурисдикциска зависност на Контантинополскиот Патријарх. Благословувам поклонение во сите манастири, но не и учество во Таинствата во сите манастири, што по принцип се однесува и на нашиот манастир. Но механички да се применува забраната врз тој манастир, тоа би значело, пред сѐ, да се ослаби духовниот живот на самиот манастир, кој најмалку носи одговорност за погубните постапки на Константинопол. Затоа сметам дека во нашиот манастир руските православни верници можат да пристапат кон Таинствата. По икономија и по пастирско снисходење“.

Решението на рускиот Синод од Минск да го забрани примањето на света Причест во храмовите на Константинополската Патријаршија имаше казнен карактер и беше насочено против Патријархот Вартоломеј заради неговата политика во Украина. Православни јерарси и богослови го карактеризираат како проблематично од еклисиолошка гледна точка: прво, затоа што за прв пат во црковната историја канонска забрана за евхаристичко општење се налага на еден цел народ, независно од тоа во која помесна Црква и во која држава се наоѓаат неговите претставници; и второ, бидејќи едно административно решение става одговорност врз совеста на стотици илјади (а можеби и милиони) христијани, затоа што не им се дозволува да се приопштуваат со Христа, без да се одрекува реалноста на Неговото присуство во светите Таинства извршувани во храмовите на Константинополската Патријаршија.

Најтешко засегната од ова решение е не малата руска дијаспора во Турција, која практично е лишена од можноста да се црквува. Верниците таму се исполнети со чувство на вина: едни заради непотполното учество во црковниот живот, а други заради неисполнување на послушанието што им е наложено од нивниот религиозен етнички центар во Татковината. Во Московската Патријаршија изјавија дека ќе бараат решение за тој „пастирски проблем“ и најавија испраќање на руски свештеник во Турција. Целта на тој акт сепак не беше да се решат практичните проблеми на христијаните кои се збунети од настанатата ситуација, туку да се демонстрира „наметнување“ врз канонската територија на Константинополската Патријаршија. Сепак рускиот свештеник доби право да служи единствено во параклисот при Руската Амбасада во Анкара, каде практично пристап имаат само членовите на дипломатската мисија.