Ерусалим деновиве дишеше со посебна благодатна радост, која се излеваше во срцата на огромното мноштво придојдени од сите краишта на земјата, со цел на тоа автентично место да го прослават празникот Успение на Пресвета Богородица.
Торжествата, со коишто чиноначалствуваше Ерусалимскиот Патријарх Теофил, во сослужение со духовенството од повеќе православни земји, започнаа уште во раните утрински часови на 25 август, кога со свечена литија од Гетсиманскиот метох што се наоѓа во дворот на Holy Sepulcher, во Гетсиманската црква на Богородичното Успение беше пренесена древната Богородична плаштаница, а продолжија сѐ до денес, крунисани со посебна празнична Литургија во чест на Успението на Пресвета Богородица.
„Овие неколку деноноќија, стотиците кандила што ја осветлуваа семејната гробница на праведните Јоаким и Ана, беа засенети од светлината на Преблагословената, најблажената меѓу сите жени, чијашто пречиста утроба Го носеше и Го роди Спасителот на нашите души“, вели нашата дописничка Латина Стаменкова. „Ако за љубовта на мајката се вели дека таа е единствена безусловна љубов овде на земјата, тогаш љубовта со која Пресветата Владичица го покрива родот христијански е љубов над секоја љубов. Кога оваа љубов осенува, телото не чувствува замор, од срцето се губи секоја тага и скрб, а умот ја гони секоја лоша помисла. Беа потребни илјадници години за да се роди Онаа која беше достојна во својата утроба да Го смести Несместливиот, а дека навистина е достојна сведочат овие изминати 2 илјади години, во кои таа и после своето вознесување на небесата, неуморно бдее над човечкиот род и постојано го поткрепува, преку своите бројни чудотворни икони од кои се излева миро, и своето постојано молитвено застапништво со кое Го смилостивува за нас Бога, а неретко и со директно јавување на оние во неволја кои ја бараат нејзината помош“. Кажете, зар не може таквата љубов да се нарече: љубов над секоја љубов?! – истакна Латина.
За Бигорски од Ерусалим: Латина Стаменкова