Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј изврши хиротонија на новоизбраниот епископ Амвросиј Евдокијадски во храмот „Св. Алипиј“ во Анталија, во неделното утро на 21. Јули. По отслужената Литургија, а пред хиротонијата, Патријархот му се обрати со татковски поуки на новоизбраниот епископ Амвросиј, истовремено упатувајќи молитви кон Бога да го утврди во неговата нова мисија и служба што му е доверена од Мајката Црква.
„ Светата црква Христова се радува за хиротонијата на едно од своите верни чеда, кое е повикано да служи како помошен епископ на нашиот почитуван и возљубен брат, митрополитот Сотириј Писидиски… Го славиме Бога бидејќи ѝ го даде на Својата Црква овој митрополит Писидиски, кој е апостол и мисионер, самопожртвуван и полн со љубов човек, кој ги почитува светиите, ги љуби и им служи на луѓето, човек аскет и молитвеник, духовен татко кој е грижлив чувар на своите деца, кој ги знае нивните реални потреби и ги носи и се грижи за нив во нивните проблеми. Митрополитот Сотириј Писидиски е огнен проповедник на Евангелието, кој ги пренесе „зборовите за вечниот живот“ (Јован 6,68), во длабочините на душите и до краиштата на светот… Следи го блескавиот пример на твојот митрополит, вдахновен од неговата духовност и апостолска ревност и просветлувај ги умовите и срцата на луѓето, млади и стари, негувајќи во нив искрен копнеж за вечноста“.
Во своето обраќање до верните Вселенскиот Патријарх ги повика Славјаните од Анталија да останат обединети околу својот пастир, митрополитот Писидиски Сотириј, но и околу нивниот нов епископ и ја изрази својата надеж за враќање на љубовта и мирот во односите со Руската Црква.