Христо Јанарас за изјавите на Иринеј Бачки

Извор:
Христо Јанарас, грчки богослов и философ (Kathimerini)

Во деновите на Пасха (4 мај 2021 година), Агенцијата за црковни вести „Ромфеа“ објави интервју со српскиот митрополит Бачки Иринеј (Буловиќ), насловено како „Неопходни се преговори за надминување на украинското прашање“. Насловот на интервјуто и јазикот на текстот (терминологија-менталитет) ми дозволија да ја лоцирам (или да мислам дека ја лоцирам) уште по еден пат противопоставената разлика на институциите на религиозната власт од реалноста на Црквата, реалност-евангелие на сечовечката надеж.

Би сакал оној што ќе ги прочита овие редови кои се осмелувам да ги напишам, да ги знае врските кои ме поврзуваат со митрополитот Иринеј. Иринеј Буловиќ, заедно со Атанасије Јевтиќ, Амфилохије Радовиќ и Максим Васиљевиќ беа и продолжуваат да се крајно скапоцен дар Божји во мојот живот. Најблиски и возљубени и за мене жив одговор на прашањето: како може да се доживее црковната аскеза, љубовното себеодрекување, искуственото знаење на богословието, радоста од сјајот на убавината на тварта, да се доживее сето ова како „евангелие“ на полнотата на надежите.

Поради сето ова искуство ми се раѓа недоумицата дека можеби не сум го разбрал точно интервјуто на о. Иринеј за „Ромфеа“, така што начинот да се разјасни недоразбирањето се собира во заповедното слово на Христа: „кажи ѝ на црквата“ (Мт. 18,17). Мислам дека ова „кажи ѝ“ се однесува на секој човек и не го исклучува и грешниот и нељубезен лаик кој не вкусил од благодатите, давајќи му од друга страна ексклузивно право за тоа на епископот кој „нѐ благословува и нѐ осветува“.

Значи, за мојата можеби погрешна чувствителност, претставува многу голема болка о. Иринеј да говори за Црквата со јазикот на современите меѓународни организации и институции. Говори за „преговори“ за да би се „решило украинското прашање“, како што говорат политичарите за „преговори“ за да се реши на пример „палестинското“. Што значи тоа „преговори“? Тој збор, карактеристичен за терминологијата на Просветителството, значи доверба на новиот човек во силата и дејствителноста на рациото, на рационализмот. Да размислуваме и да разговараме рационално, па вистината ќе произлезе како заедничка, разумна увереност, заедничка согласност.

Иринеј недвосмислено изјавува дека по секоја цена сака рационална „согласност“, очигледно потчинување на сите под една кодексна, општо прифатена исправност. Секако, тој би претпочитал еден безгрешен авторитет, бидејќи како што вели самиот „потчинета институција не може да негира, а камо ли да укине одлуки од повисока институција“! Кој бара виш (безгрешен) институционален авторитет? Иринеј Буловиќ. Неговото барање вреска за логична потреба од „виша институција“, односно папизам, а тој не е ни свесен за тоа – тој ја задоволува својата потреба за егоцентрична сигурност и ограденост барајќи „Вселенски собор“. Го разбира Вселенскиот собор како замена за папската безгрешност – тој несомнено го изјавува тоа. Но, кој ќе го свика? Еден „безгрешен“ папа на Новиот Рим (Константинопол)? Да, изгледа од тоа има потреба о. Иринеј Буловиќ. Сака еден „безгрешен“ Константинополски, со еден единствен услов за обезбедување на „безгрешноста“: Црквата на Украина во секој случај да остане потчинета на Московскиот.

Сакам да го уверам светителот Бачки Иринеј дека за мене е невозможно да не се согласувам со него, разногласноста не наоѓа место во мене, среде толку радосни спомени, дружби, срдечно пријателство, благородна грижа за мене и за големата чест самиот, доброволно да издаде седум мои книги во српски превод. Значи, сакам искрено да го уверам дека не успевам да разрешам кој „има право“ и кој „нема право“ во случајот на украинската автокефалија. Но и не ме интересира кое тврдење за „безгрешност“ ќе го зајакне моето „право“; тоа што сигурно ме интересира е што е вистинито и што е лажно, а не што е „канонско“ и „законско“.

Ја славам Премудроста Божја што дозволи „Вториот и Нов Рим“, пофалбата на верните, веселбата на вселената, низ маченичкиот тек на вековите, низ реките на крвишта и лелеци од безбројни жртви да се соголи од секаква светска, авторитарна сила, слава и влијание. Она величие што му останало се воплотува не во бројките и во количината, но во автентичноста и во квалитетот на настојување на довербата („да ги држиме исповеданијата“ Евр. 4,14). Нејзина сила и вистина е да „мие нозе“, а не да извршува власт на идеолошка безгрешност и да биде етичка, „канонска“ полиција.

Константинополската патријаршија има направено илјадници грешки и продолжува неконтролирано да греши. Така, таа потклекна под насилството вршено од тогаш варварскиот Киев (во 16-ти век) и додели патријаршиски назив/титула/привилегии на руските орди, по критериум на количина и бројна величина, а не по критериумот на црковното објавување, вистина и барање. Истиот тој грев спрема црковната вистина го повтори подоцна и со Србите, потоа и со Романците, а на крај и со Бугарија, Грузија и со секоја друга „етничка“ Црква. 

Зборовите „патријаршија“ и „автокефална црква“ во 19-от век добија значење и практична примена на протестантскиот термин “Staatskirche” (државна црква): тие добија значење на една заедничка идеолошка основа на индивидуални, метафизички „уверувања“, една кодифицирана индивидуалистичка етика. „Православните“ патријаршии и „автокефални“ цркви потполно се протестантизираа, без да бидат свесни за своето изобличување. 

Што значи тоа дека се „протестантизираа“? Тие знаењето несвесно го поистоветуваат со индивидуалното разбирање (cogito), а не со подвигот на врската, учеството, љубовта. Тие спасението го поистоветуваат со индивидуалното оправдување, а според тоа и со индивидуалната праводејственост (ортопраксија), односно со поучните проповеди, со етикологијата што сака да го „подобри“ однесувањето. Овој религиозен индивидуализам, кој беше втемелен од Римокатолицизмот, а Протестантизмот го институционализира како теорија и пракса, беше во целост проголтан (како нормално „осовременување“ на Евангелието) од страна на „етничките“ Цркви – руската, грчката, српската, романската, бугарската, грузиската итн.

Некој би се дрзнал и да тврди дека не постои повеќе Христијанска Црква која дејствително и практично ќе се самоопредели (во своите институции и богослужение, агиографија и архитектура) како дејствително црковно тело (парохија-епископија). Не изгледа дека постои свесност дека спасението е дар за учеството на Христијанинот во животот и постоењето како врска, како љубовно општење, каде врската/љубовта е постоење според Троичниот праобраз на постоењето.

Среде сета оваа тоталитарна реалност на протестантизирање на „етничките“ цркви, религиозноста и индивидуалистичката етичност која се самонарекува „Православие“, Божјата љубов ни дарува едно попатно „откровение“, изненадување во средината на 20-от век. Го нарековме „руска дијаспора“. Една рака бегалци, искоренети од руската земја, жртви на антицрковната манија на марксистичките болшевици, кои се преселија во големите урбани центри на Европа и Америка. И си го побараа, наспроти Римокатолиците и Протестантите, својот црковен идентитет. Тоа што се случи во една и единствена генерација (иако имаше минимални остатоци и во втората) беше изненадување, дар или чудо. Се родија нашите отци: Владимир Лоски, Георгиј Флоровски, Александар Шмеман, Јоан Мајендорф, Павел Евдокимов и други. Од нив излезе изненадување и во Србија: Атанасије Јевтиќ, Амфилохије Радовиќ, Иринеј Буловиќ, Владан Перишиќ, Максим Васиљевиќ. Во Романија се појави групата богослови околу о. Думитру Станилоае. Во Грција најистакнати се Димитри Кутрупис, Никос Нисјотис, Јоан Зизиулас, Василиј Гондикакис, Панајотис Нелас, Георгиј Манѕаридис, Никос Мацукас. Овие имиња се само за пример на оние пионери и патеводители во обидот да се крене во воздух јаремот на потчинетост на Православните под увезениот од Запад теолошки формализам и пиетизам, легализам и индивидуализам. 

Затоа и интервјуто на Иринеј Буловиќ за „Ромфеа“ беше изненадување. Пред сè останато – неговиот јазик; тоа е јазик правнички, кој има за цел да убеди логички и да се наметне со власт, со присилна валидност, оградена со (не случајно) латински изреки. Митрополитот Иринеј сака Вселенскиот патријарх да биде primus inter pares, не му е доволен евангелскиот јазик кој го сака „првиот да биде последен“. Иринеј го дефинира како проблем тоа што „Вселенскиот патријарх е прв ex sese (од себе си), или прв de jure divine (според Божествено право), или прв по желба на Црквата? … Навистина ли е над Соборот на епископите, или е (едноставно) председавач со Соборот, едноставно источесен негов член?“. Јазикот со кој се изразува митрополитот Бачки е ватикански јазик на владетелската сесилност на „Законот“, јазик кој денес е во потполност асимилиран од страна на Москва.

Се чини дека на о. Иринеј воопшто не му пречи фактот дека Московската патријаршија денес тивко ги има забрането книгите на руската дијаспора, тој голем дар Божји за нашата епоха и за нашата генерација. На влезовите во храмовите на верните им се нуди детинеста, најразлична библиографија што содржи малоумна, психолошки лесно сварлива религиозност, но никогаш не се нуди ризницата на црковноцентричното богословие на некогашната руска дијаспора. Ќе ми речете: зарем истата лесно сварлива, малоумна религиозност и истото помпезно, евтино слово не е прифатено од страна на сите „автокефални“ управни центри на „православните“ помесни Цркви? 

Понатаму, зарем Црквата на Москва не изгледа дека ги употребува верно и без исклучок сите трикови за да ја купи својата авторитарна надмоќ на меѓународно поле? Таа отворено поткупува дури и древни Патријаршии, а уште полесно етнички Цркви, преземајќи вртоглави трошоци за да им изгради нови, огромни катедрални храмови и како некој новопечен богаташ покажува сила со луксузен невкус.

Надменоста и авторитарниот подем на Москва ни помага да се освестиме колку скапоцен дар Божји е долготрајната поробеност на првопрестолната Константинополска патријаршија под јаремот на Отоманскиот ислам. За сето ова време колку што трае ова понижувачко ропство (а крај не се гледа на хоризонтот), Вселенската патријаршија Константинополска е јавно „последна од сите“ и ја извршува својата служба на „прв“ (првенство на одговорноста) како послушание. 

Секако, во границите на тварното несовршенство, често и Вселенскиот патријарх, како секој епископ, подражава методи, тактики, менталитети на „современите“ институции на власта. На пример: Светиот и велик собор (17-26 јуни 2016 година во Академијата на Крит – Колибари) беше една јавна имитација – со еден очевиден хендикеп во споредба со прототипните и автентични собори – на Генералните собранија на Светскиот совет на црквите или „пленарна седница“ на службениците на која било меѓународна организација, преку копирање на светските примери, протестантските „совети“ и римокатоличките конклави. Изгледаше дека не постои и најмала свест дека во Црквата вистинува само она што соборно се обопштува, дека вистината е нешто суштински различно од идеолошкиот авторитет или валидноста на институциите или мислењето на мнозинството. Изгледаше дека не постои и најмала свест дека оние Цркви кои безрезервно работеа на подготовката на темите на Соборот, а во навечерието на почетоткот на Соборот во последен момент го откажаа своето присуство – Црквата ги отсекува од своето едно и неделиво тело за да остане ако треба и една најмала Црква, „семе синапово“, „малиот квас“, сечовечката надеж за спасение.

Москва убедливо не ни дозволува да веруваме во ова чудо. Таа го сака првенството основано на силата на количествената големина, силата на броевите. А светителот Бачки се става на страна на силата, а не на немоќта. Секако, тој знае и многу јасно разбира подобро од мене, кој многу жалам за неговиот избор. Бездруго, тој го има напишано најскапоцениот текст за старец Порфириј од сите што ги имам прочитано. Верувам дека светиот Порфириј ќе го просвети.