Историско писмо: Ерусалимскиот Патријарх го прекорил Московскиот за Киев, прашувајќи го да не сака… и тие да му ги мијат нозете

Извор:

Автор: Андреас Лударос

Би можело да се помисли дека се работи за едно послание напишано овие денови, бидејќи е во контекст на црковната криза за украинското прашање, но се работи за едно писмо кое било напишано пред 300 години. Испраќач во тоа време бил Ерусалимскиот Патријарх Доситеј, а писмото го примил Патријархот Московски Јоаким, човекот кој успеал да го убеди тогаш новоизбраниот Киевски Митрополит Гедеон да биде хиротонисан од него во Москва, а не од Вселенскиот Патријарх, како и секогаш.

Патријархот Ерусалимски Доситеј

Овој чин на Московскиот Патријарх Јоаким предизвикал силни реакции во Киев па хиротонијата, и покрај притисоците, не била прифатена. Тогаш врз Вселенскиот Патријарх Дионисиј бил применет механизам на притисок, со цел да го промени мислењето. Резултат на овој притисок е посланието на Дионисиј до Москва, без претходна синодска одлука, со кое на Московскиот Патријарх му се дава право да го хиротониса Киевскиот Митрополит. Овој историски докажан метод на притисок го примени и денешниот Руски Патријарх Кирил, при неговата последна средба со Вселенскиот Патријарх. Во ист ваков контекст, значи, било напишано ова писмо од Ерусалимскиот Патријарх Доситеј, кое, ако ништо друго, иако е посебно строго, сепак е многу јасно.

„Можеби би сакале и Ерусалим да го направиме епископија под Ваша надлежност и да Ви ги миеме нозете…“ пишува Ерусалимскиот кон Московскиот, прашувајќи го: „Можеби е малку тоа што Московската Митрополија стана Патријаршија, а Вие сте избиран од Синодот и почитуван од сите како Патријарх?“

Укорот упатен од страна Претстојателот на Сионската Црква до новиот Руски Патријарх бил доста строг. Тој го укорува со секоја наведена фраза, пишувајќи му дека, несомнено, ги преминал границите поставени од Црковните отци и предизвикал штета на Црквата.

„Но посакавте и туѓа епархија! Би можеле да останете епитроп на Константинополскиот Патријарх во врска со Киевскиот Митрополит. Кажувате дека имало потреба и го хиротонисавте Киевскиот Митрополит, но ние мислиме дека не е во прашање никаква потреба, туку алчност. Зарем има потреба да се преместуваат границите на отците? Може ли ова да се прости? Правејќи го не од потреба, туку само за да си го задоволите Вашето славољубие, наместо да правите добро, си штетите сами на себе, а и на Црквата“.

Секако, во истото послание Доситеј Ерусалимски го потсетува својот брат, Патријархот Московски, дека и покрај оддалеченоста, Русите општеле со Константинопол, отфрлајќи го аргументот на Москва за околностите во кои се наоѓала Вселенската Патријаршија. „Од моментот кога засветли православната вера, па сè до вчера, и покрај големото растојание, Русите општеле со Константинопол, а од тоа произлегувало само добро,“ пишува тој.

Показател за вознемиреноста на Патријархот Доситеј, кој ги знаел од прва рака стремежите на Москва, е и фразата која се однесува на Патријархот Јоаким, каде тој е јасно обвинет за окупирање на туѓа епархија, акт што претставува срам пред луѓето и грев против Бога.

„Според одредбите на отците, потребно е епархиите да останат непроменети во своите граници, според тоа, ниту еден епископ нема право да бара власт врз туѓа епархија, а Вие барате да заземете туѓа епархија. Воопшто не можете да го оправдате овој чин, туку само срам ќе си навлечете пред луѓето и гревот против Бога ќе падне на Вас“.

Треба да се забележи од историски аспект, дека во 1686 година била издадена одлука на Патријархот Дионисиј IV, кој конечно ѝ го дава правото на Москва за хиротонија на Митрополитот Киевски, но без да ја додели оваа црковна епархија на Москва. Со текот на годините, доделувањето на ова право од страна на Русите се протолкува како доделување на полна јурисдикција врз Украина. Оваа состојба беше запазена сè до последната седница на Светиот Синод на Веселенската Патријаршија, која го поништи писмото од 1686, отсекувајќи секаква црковна врска помеѓу Москва и Киев.