Светиот архијерејски собор на Српската православна црква на своето заседание од 18 февруари 2021 година во Спомен-храмот на свети Сава во Белград го избра Неговото Високопреосвештенство Митрополитот загребско-љубљански др. Порфириј за Патријарх српски. Веднаш после изборот беше отслужено благодарење и произнесено многулетствие за Архиепископот пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски господин Порфириј. Ѕвоната на храмот на свети Сава на Врачар се огласија неколку минути пред 16 часот, означувајќи дека е избран 46-от Патријарх српски. (Извор: спц.рс)
Свечениот чин на востоличувањето на новоизбраниот Патријарх српски г. Порфириј започна на 19 февруари 2021 година со соборна света архијерејска Литургија во Светоархангелскиот соборен храм во Белград. Со светата Литургија началствуваше новоизбраниот првојерарх на Српската православна црква, во сослужение на домашните архијереи, свештенството и верниот народ. Ѕвоната на Соборниот храм на свети архангел Михаил се огласија во 11:25 часот, означувајќи го востоличувањето. (Извор: спц.рс)
Во својата прва беседа како Патријарх, г. Порфириј истакна дека „сите сме повикани на служба на мирот и единството. По тој пат имам намера и сам да одам и да ја водам Црквата која ми е поверена. Мисијата на Црквата е да гради мир и меѓусебна доверба. За таква цел вреди да се живее и вреди да се положи својот живот. Црквата е повикана да собира и да спојува и да служи на мирот и единството. Затоа моето патријаршиско служење нема да се движи по патеките на парцијалните интереси, ниту ќе содржи елементи од современото партизирање и парцијално занимавање со политика, туку ќе настојувам да го негувам овој соборен дух.“
Откако неизбежно го спомна и долгот кон српскиот народ на Косово, Патријархот се осврна и на односите со соседите. „Хрватска стана моја втора татковина, а народот кој го запознав таму ќе остане да ми биде пример во годините кои претстојат. Истото важи и за Словенија. Истата таа грижа од мене и од сите нас ја заслужуваат и сите во Северна Македонија, кои ги чуваат великите светињи веќе со векови,“ рече г. Порфириј. (Извор: нова.рс)
Животопис
Новоизбраниот Патријарх српски г. Порфириј е роден на 22 јули 1961 година во Бечеј, Војводина. Започнал студии по археологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, а набргу и на Богословскиот факултет на СПЦ, од кој дипломирал во 1987 година. Во мала схима е замонашен во Дечани, на Томина недела, 11 април 1986 годна, од раката на неговиот духовен отец, јеромонах Иринеј, денешен Епископ бачки. Истата година, на 23 јуни, од Епископот рашко-призренски Павле, подоцна Патријарх српски, е ракоположен во јероѓаконски чин.
Последипломски студии следел на Богословскиот факултет на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина (1987-1990), каде се стекнал и со звање доктор на науки (2004).
За јеромонах е ракоположен на Архангеловден 1990 година, во манастирот Ковиљ и е поставен за игумен на истиот. На 14 мај 1999 година е избран за Епископ јегарски, викарен на епархијата бачка, а ракоположен од Патријархот Павле на 13 јуни 1999 во Нови Сад. За Митрополит загребско-љубљански е избран на 25 мај 2014 година.
Вонреден професор е на Православниот богословски факултет на Универзитетот во Белград. Говори грчки и англиски, а се служи и со рускиот јазик.
Помеѓу неговите многубројни дела се истакнува препородот на Ковиљскиот манастир, каде се обновени старите и изградени се нови конаци, подигнат е параклис и започнат е фрескописот на манастирскиот храм. Во манастирот, кој во време на неговото заминување броел 25 монаси, тој се грижел да се пази монашкиот живот и типик да бидат во согласност со автентичната монашка духовност и богослужбениот опит на светогорските општежитија. Исто така, манастирот е познат по негувањето на црковното пеење.
На иницијатива на епископот Порфириј, во Ковиљ се формирани четири тераписки заедници за лечење од болестите на зависноста, под назив „Земјата на живите“. Од основањето на првата заедница во 2005 година, до почетокот на 2021 година, низ овие заедници поминале скоро 4000 штитеници.
Добитник е на повеќе награди и признанија и автор на неколку книги со богословска содржина. (Извор: спц.рс)
Епископот антаниски г. Партениј, заедно со своето во Христа братство, му честита на изборот на новиот Патријарх српски, посакувајќи му долгоденствен живот и духовни сили од Бога за возвишениот призив и одговорност, молејќи се за негово здравје и благоуспевање на Господовата нива.
Видете и: Честитка на Вселенскиот Патријарх до новоизбраниот Патријарх Српски Порфириј