По повод свечената канонизација на Светата Преподобномаченица Стефанида Битолска и Скадарска, вчера, на 30 јуни, во Храмот на Светиот Великомаченик Димитриј во Битола, светата архиерејска Литургија отслужија Патријархот српски г. Порфириј и Архиепископот охридски и македонски г. Стефан.
На светата архиерејска Литургија сослужуваа: Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор за Австралија и Нов Зеланд Петар, Архиепископот михаловско-кошички Георгиј, Архиепископот и Митрополитот зворничко-тузлански Фотиј, Митрополитот крушевско-демирхисарски Јован, Архиепископот цетињски и Митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј, Архиепископот и Митрополитот рашко-призренски Теодосиј, Митрополитот европски Пимен, Митрополитот тетовско-гостиварски Јосиф, Митрополитот кумановско-осоговски Григориј, Епископот дељадровско-илинденски Јоаким, Епископот делчевско-каменички Марко, пензионираниот Митрополит кумановско-осоговски Јосиф, Епископот јегарски и избраниот лондонско-ирски Нектариј, Епископот хераклејски Климент, Епископот хвостански Алексеј, Епископот новобрдски Иларион, Епископот топлички Петар, Епископот дремвитски Давид, Епископот стобиски Јаков и Епископот велички Никола.
За време на Светата Литургија беше извршен свечен чин на впишување на Светата Преподобномаченица Стефанида Битолска и Скадарска во Диптихот на Светиите.
По тој повод со пригодна беседа се обратија Архиепископот Стефан и Патријархот Порфириј.