Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот г. Стефан, официјално го покани бугарскиот патријарх г. Неофит, да учествува во празненствата по повод 1000-годишнината од создавањето на Охридската архиепископија – пренесува репортер на БГНЕС.
Поканата до бугарскиот патријарх е испратена во писмена форма, потпишана лично од архиепископот г. Стефан. Во неа се вели дека доколку духовната глава на БПЦ не ќе може да ја посети Република Македонија, за да учествува во празнувањето, тој може да испрати свој претставник на неопходното ниво.
Поканата, испратена од МПЦ-Охридска архиепископија, доаѓа само неколку дена откако бугарскиот патријарх г. Неофит изјави пред БГНЕС на 25 март дека „ако има покана, ќе испратиме“ делегација за чествувањата.
На специјалното заседание на 13-ти март, Светиот Синод на обновената Охридска архиепископија во лицето на МПЦ донесе решение за одбележување на 1000-годишнината од Охридската архиепископија во соборниот храм „Света Софија“ во Охрид на 28-ми мај.
„Ова 2018 лето Господово – се вели во официјалното соопштение на САС на МПЦ – е јубилејно и нашата Црква ќе ја одбележи илјадагодишнината на Охридската архиепископија, во катедралниот храм на Охридските Архиепископи – “Света Софија” во Охрид на 28 мај. Исто така, во првата седмица од месец октомври 2018 година, ќе се одржи и Архиепископски црковно-народен собор и ќе се одбележат 60-те години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ“.
Возобновената Охридска архиепископија ги повикува сите свои верни чеда да ја збогатат прославата на нејзината 1000-годишнина со своето присуство и срдечни молитви.