Навпактски митр. Јеротеј (Влахос): За среќа, Христовата црква не е обвинителство, туку болница

Извор:

Навпактскиот митрополит Јеротеј (Влахос) го коментира својот став, поднесен до Св. Синод на Грчката црква кон крајот на март о. г., чие разгледување се актуелизира со наближувањето на годишното заседание на Јерархијата на Грчката црква оваа есен. Се очекува тоа да биде земено предвид од грчкиот епископат. Митр. Јеротеј ја резимира неговата содржина во следниве две точки.

„Мојот став поднесен до Св. Синод од 30 март 2019 г. има два основни момента. Прво, бидејќи во текот на последните векови осум цркви добиле автокефалија и патријаршиско достоинство од Вселенската патријаршија и тоа прашање ќе се разгледува на иден Сеправославен или Вселенски собор, кога текстовите за автокефалијата и диптисите ќе бидат вклучени во дневниот ред, тоа прашање ќе биде конечно решено тогаш; а дотогаш доделувањето на автокефалија на една црква од страна на Вселенската патријаршија не подлежи на разгледување и гласање од Јерархијата на Грчката црква. Второ, по прашањето како се враќаат во општење расколниците, расчинетите клирици и саморакополагањето, тогаш не изразив мнение, но предложив да биде прашана Патријаршијата по каков начин ги востановила, за да го процениме од канонска гледна точка врз основа на традициите на Црквата, изразени на вселенските собори; за среќа, Христовата црква не е обвинителство, туку болница и нашиот Бог не е автократен феудалец, туку милостив и човекољубив“.

„Може да постојат и подобри ставови, но јас имав смелост да ги формулирам моите предлози за решение на проблемот, а не да молчам, за да сум добар со сите – и со Вселенската патријаршија, и со Московската црква. Воден сум од основната цел да не се создава схизма во нашата Црква. По такви сериозни прашања ние епископите треба да имаме јасна позиција и конкретни предлози, дури во некои аспекти тие да не се совршени, но тоа, се разбира, ќе се поправи со спокоен дијалог „со знаење, расудливост и совесност“, според каноничното право на Црквата“.

По однос на Украина митр. Јеротеј пишува:

„По прашањето за Украина, кое трае долги години, барем од 2008 г., можам да кажам дека основата на проблемот не е тоа кое се гледа однадвор. Овој проблем е поврзан недвосмислено со подготовката за „Светиот и велик собор“. Бидејќи сум добро запознаен со неговата подготовка и текстови, на кои сум посветил голем труд, можам да кажам дека украинскиот проблем е поврзан со овој собор. Неприфаќањето на Московската црква, во содејство и на други цркви, да се разгледа прашањето за автокефалијата и диптисите, како и несакањето на Московската црква да ги признае канонските права и ингеренции на Вселенската патријаршија, потпирајќи се на теориите за „Третиот Рим“, го натера Вселенскиот патријарх да ѝ додели автокефалија на Украина, додека пред тоа беше воздржан. Ја познавам кореспонденцијата помеѓу Московската црква и Вселенската патријаршија за Соборот во Крит од периодот 2015-2016 г. Интересно е да се проучи и истражи тој разговор, кој беше писмен и усмен, при кој се настојуваше Светиот и велик собор да не се спроведе во Константинопол, туку во други градови во Грција и Европа, така што на крајот се стигна до предлогот за Крит. Истата тенденција продолжи и после соборот во Крит, кога Руската патријаршија во Москва, во декември 2017 г. организира еден своевиден „антисобор“ на соборот во Колимбари на Крит. Ако некој ги разгледа внимателно фотографиите од таа средба, начинот на нејзиното организирање, издигнатиот престол на Московскиот патријарх, поставен над другите постари од него патријарси, тогаш ќе го разбере постоечкиот проблем. Сите овие работи се пројави на теоријата за „Третиот Рим“, родена во 15 век од Руската црква. Кој не го гледа ова, доброволно ослепува“.

А за своите односи со Руската црква митр. Јеротеј пишува:

„Од моите посети во Русија, каде говорев во две богословски школи за многубројни црковни и богословски проблеми, но и од моите средби со епископи, клирици, монаси и христијани, како и од мојата кореспонденција со многу руски читатели на моите преведени книги и статии, ја видов љубовта на православниот руски народ кон Црквата и православното предание, но и кон напишаното од мене. Јас ја сакам православна Русија, ми остава впечаток нејзиното исповедништво во текот на оние седумдесет години од минатиот век, ги почитувам нејзините светци и маченици, особено св. Лука Симферополски, силно го сакам старец Софрониј (Сахаров), кој ми помогна многу – и како целина го сакам благочестивиот руски народ.

Но не можам да ја прифатам теоријата за „Третиот Рим“, која е идеологија на царската теократија, на панславизмот, советскиот атеизам и современата руска политика. Исто така не можам да премолчам дека денес најголемиот проблем, кој излегува на површина поради украинската криза и теоријата за „Третиот Рим“, е промената на црковниот ред, кој е „соборно јерархиски“ и „јерархиски соборен“. Обратно се толкува смислата на автокефалијата. Отфрлањето на црковниот ред води или до папизам, или до протестантизам. Затова настојувам толку многу по ова прашање.

Истовремено жалам кога гледам како некои претстојатели и други епископи, наместо да мислат црковно, се придвижени многу повеќе од политички и други интереси. Напишани и објавени беа чудни мненија и анализи, кои предизвикуваат еклисиолошка збрка.

Не е возможно, на пример, еден претстојател да тврди дека не може да ја признае автокефалијата во Украина, доделена од Вселенската патријаршија, бидејќи врските помеѓу неговата црква и Руската црква биле големи и зашто неговите манастири и храмови биле изградени „со рубљите на руските цареви во она време“, несомнено и денес. Значи парите и економската корист се над црковниот ред?!“.

Поради својата позиција по украинското црковно прашање, митр. Јеротеј (Влахос) е критикуван силно во промосковските црковни средини во Грција и други земји. По тој повод тој изјави: „Еден починат архиереј кажа во едно свое интервју: „Ме плаши непријателството на т.н. религиозни луѓе. Тие ја познаваат вештината на омразата и не проштеваат“. Колку бил во право!“.