Христовото Преображение

Христос ги поведе на гората и им ја покажа на апостолите славата на Своето божество, скриена зад завесата на човечкото тело. Им го покажа Своето царско достоинство пред страдањата, и Својата моќ пред смртта, и Својата слава пред понижувањето, и Својата чест пред бесчестењето, така што кога ќе биде фатен и распнат да знаат дека не беше подложен на маки поради слабост туку доброволно, заради својата пожртвувана љубов и за спасение на светот (Св. Ефрем Сирин)

Преображението Господово е празник на осветувањето на животот. Преображение – тоа е блесок на љубовта, љубов посилна од смртта. Христос нѐ воведува во таинствениот живот на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, во Својата вечна љубов. Преку убавината на Преображението, нѐ упатува до мигот на себепредавањето, до крстната смрт заради нас. Оти Неговото страдание е токму една таинствена врата низ која човекот влегува во Царството Небесно, каде што блеска убавината на Преображението. Величието на човекот е во крстот, во страдањата, во смртта и во љубовта. Во смртта, каде што треба повторно да се роди. Колку прекрасно ни спомнува Црквата за тоа, сега кога сме на половината на Успенскиот пост. Постот нѐ повикува кон духовни подвизи, кон воздржание, задлабочување во молитвата, себезаборав заради повнимателно служење на другите. Постот нѐ повикува кон покајание, налик на преминот преку смртта. И празникот на Преображението ни напомнува дека преку тој премин, Христос нѐ воведува во радоста на Воскресението, во Богородичната пасха, која ни сјае на крајот од постот. Христос се преобрази и нѐ повикува да Го следиме, но претходно е потребно,  како апостол Петар, да проникнеме во тајната на Крстот. Имено, Петар, збунет пред сјајот на Таворската светлина, Му рече на својот Господ: Господи, добро ни е да бидеме овде, ако сакаш да направиме три сеници. Петар сакаше постојано да пребива во слава, која веднаш ќе му се даде овде на земјата, но тоа е невозможно, бидејќи тајната Господова е тајна на восхождение на Крстот, кој е Негова слава. За да можеме и ние да го поминеме тој пат кон крстот, нашиот крст кој секому му е даден со мера, треба само да ги послушаме зборовите Божји: Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.

Созерцавајќи ја тајната на Крстот во светлината на Преображението, браќата и сестрите од нашето Бигорско монашко семејство и присутните верни, со сета своја љубов кон Христа ги отворија своите срца за во нив да се всели преобразувачката светлина на Христовата благодат. Мудро тајноводени од возљубениот ни Старец Архимандрит Партениј, кој ја изврши свечената богослужба, во чест на овој голем и славен празник на Христовата Црква, во прегратките на храмот, како на таинствените височини на Тавор, се насладувавме од благодатните зраци кои извираа од прекрасните стихири и од земно-небесното торжество на Литургијата. А милиот наш Господ и сега не погледна на нашите прегрешенија туку штедро нѐ обдари со Својата бесмртна храна како залог за вечната радост во Царството каде ќе пребиваме со Него во сјајот на Таворската светлина.