Според сознанијата од Фанар, во Патријаршиската црква посветена на Св. Георгиј Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј го потпиша синодалниот акт за канонизација на Св. Висарион Агатонит, одкако претходно беше презентиран извештајот од синодската комисија за канонизација. Св Висарион Агатонски беше клирик на Митрополијата на Фтиотида и брат на Агатонскиот манастир посветен на Светото Успение на Мајката Божја. Св. Висарион беше познат како голем проучувач на Светото Писмо и голем познавач на црковната историја и теологија како и на православната химнографија и литургиски текстови. Тој целосно се посвети себеси на пастирската служба особено карактеризирана со длабока предаденост кон добротворните потфати за социјална грижа и помош за страдалниците. Ваквата длабока посветеност остана негова карактеристика до самиот крај на животот -дури до моментот на смртта. И на смртната постела не престана да прашува со неуморна грижа за децата, сиромасите, црквата, православната заедница. Презеде на себе многу тешки и опасни мисии меѓу кои на за време на Втората светска војна, на своја лична иницијатива спаси деца заробени од германските војници. После војната Св. Висарион, веќе како Архимандрит со долг аскетски живот, пристигна во манастирот Агатон каде се посвети на долгогодишни добротворни проекти во локалната заедница. До крајот на животот не престана да ги пречекува со блескава насмевка луѓето што доаѓаа во манастирот, слушајќи ги внимателно и со грижа нивните проблеми. Исто така финансиски ги помагаше и сиромашните, распоредувајќи ги средствата што поклониците ги оставаа во манастирот.
Кога се упокои, поради тешките и обилни снежни наноси, неговото тело остана непогребано неколку дена во храмот, при што бројните сведоци посведочија за неискажливиот сјај на неговото лице и мирисот што се ширеше од неговото тело. Набрзо се пројавија знаци и чудеса што ја покажаа неговата светост, како и бројни необични искуства што поклониците ги доживеале на неговиот гроб. Кога неговото тело било извадено од гробот со цел коските да се префрлат во манастирската костурница, монасите се изненадиле од глетката -телото било нераспаднато. Од тогаш нераспаднатото тело на старецот било положено во храмот на Св. Троица за поклонение на верниците. До ден денес неговите не распаднати мошти им носат утеха и поткрепа на верните што приоѓаат со молитва кон него. Особено е извонредно што неговата рака сеуште цврсто го држи Светото Евангелие на начин што никој не може да го извлече од неа, како своевиден потсетник на верниците, а особено на свештениците, никогаш да не се оддалечуваат од словото Божјо.
Церемонијата за канонизација се одржа во храмот на Св. Георгиј на Фанар во присуство на бројни Архиереи и верници од целиот свет, како и бројни сведоци кои имале личен контакт и искуство со Светиот.