Во петокот во Константинопол пристигна Кипарскиот архиепископ, за да учествува во празнувањата за Неделата на Православието. При официјалниот пречек, тој се заблагодари на Неговата Сесветост за топлиот прием и за зборовите на братската љубов што му ги упатил, како и за поканата и за гостопримството што му го укажал, од негово име, Американскиот архиепископ за време на неговата скорешна посета на САД, од здравствени причини.
Понатаму, архиепископот рече дека „По најавата на моето доаѓање овде, добив многу телефонски повици, од претстојатели, архиереи и пријатели: ‘Што ќе правите кога ќе одите во Цариград?’“
И веднаш на Неговата Сесветост му го кажа одговорот што им го дал на сите: „Проблемот на Православието за мене лично, а верувам и за Неговата Сесветост, не е дали ќе го признаам претстојателот на Украинската црква. Тоа за мене не значи ништо. Можев да ги признаам и вчера, и денес, и утре – тоа за мене не претставува никаков проблем. Проблем за мене се проблемите на Православието. За жал, некои не го гледаат тоа, а оние претстојатели што не учествуваа на Сеправославните средби не знаат и не можат да сфатат. Се обидов на неколкумина да им го објаснам Вашиот став, дека не може во моментов да се оствари средба на претстојателите. Јас додека бев митрополит, околу триесет години, ја претставував Кипарската црква на Сеправославните средби и таму гледав како се однесуваа претставниците на Црквите. И за Ваша пофалба е тоа што ги воведовте средбите на претстојателите за првпат во историјата на Црквата, тоа е нешто што Ве прави особено чесен. Вие се надевавте дека со средбите на претстојателите конечно ќе ги разрешиме проблемите на Православието, а и јас почнав да верувам во тоа. Но, на средбите ја видов тесноградоста на некои браќа претстојатели, а тоа беа повеќе од половина. Сфатив дека сè уште не се свесни, не ги разбрале проблемите на Православието. Немаат сфатено што направивме на Великиот собор. Направивме многу, но не исполнуваме. И тоа беше една од причините што во Салцбург побарав Ваша согласност за да ги посетам, бидејќи мојата цел беше барање решение за овие проблеми“.
Продолжувајќи, тој потенцира: „Оние што викаат на глас, ако навистина сакаат едно исправно Православие, треба да се приземјат и да ги остават големите зборови, зашто само со смирение, кое во нас ќе го донесе Христос Кој ни дава полнота на животот, можат да ѝ помогнат на Црквата“.
Во врска со надграничната јурисдикција на Вселенскиот патријарх, како и со доделувањето на автокефалија на помесни Цркви, со томоси кои јасно ги одредуваат нивните граници, Блаженејшиот наведе дека при скорешни средби што ги имал со други претстојатели, им укажал да не ги надминуваат тие граници, ниту да испраќаат свои епископи во други јурисдикции со објаснување дека таму имаат многу свои сонародници, прекршувајќи го на тој начин црковниот поредок и предание.
„Чист пример“ – рече Блаженејшиот – „сме ние, Кипарската црква. Имаме повеќе од 300.000 Кипрани во Англија, уште други во Канада, во Австралија. Сме испратиле ли некогаш свој епископ за да ги води? Напротив, ги поттикнуваме да го следат архиерејот што е поставен според црковниот ред од Вселенската патријаршија, во чија јурисдикција спаѓаат овие области“.
Односно остварување на уште еден Велик собор во иднина, архиепископот потенцира дека самиот тој го предложил тоа веднаш после Светиот и велик собор на Крит во 2016 година.
„Во таков случај, треба да ги поставиме темите ние, останатите претстојатели, со почит кон томосите од кои повеќето ги доделила Вселенската патријаршија, како би работеле за доброто на Православието. Не така како што ни се сака, не со егоизам, но само со Бога да дејствува во нас. На некои браќа им беше тешко да го кажат тоа, но јас им реков: ‘Дојдете со мене, а храброст, па дури и дрскост, јас имам доволно, ќе го кажам тоа без влакна на јазикот’. Само така можеме да имаме едно исправно Православие и да чекориме согласно волјата Божја. Инаку, суетно ќе се трудиме“.
За крај, Кипарскиот архиепископ заблагодарувајќи му се на патријархот Вартоломеј за поканата да ја посети Вселенската патријаршија, се заблагодари „и за оваа прекрасна средба, на која можевме да размислиме што можеме да направиме за нашето Православие. Мене лично многу ме интересира, зашто ние сме работници на Црквата и ќе си одиме од овој свет, па затоа треба да направиме сè што можеме за Православието. Немаме никаква друга амбиција, ниту да ни остане името, ниту некој да ни аплаудира, ниту да ни каже браво“.