Се очекува наскоро коресподенција, па и средба со Вселенската патријаршија за да се договори обзнанувањето на Томосот. Архиепископот Господин Господин Стефан во интервјуто за РСЕ зборува и дека името на една црква никогаш не изразува етничка припадност, но и дека правата на малцинствата во некои од соседните земји треба да се третираат според европските стандарди. Вели дека тој и Синодот не биле против Францускиот предлог, само апелираат за зачувување на македонскиот идентитет.
Ваше Блаженство, oваа година се случија многу значајни настани за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Што значи тоа за Вас и како го коментирате развојот на настаните околу признавањето на нашата Црква?
Ова лето Господово, и покрај многуте искушенија и предизвици со кои се соочуваме и како народ, но и на глобално ниво, поминува во знакот на радосните собитија во животот на нашата света Црква. Имено, конечно почна да се остварува копнежот, и на минатите и на сегашните македонски генерации православни христијани – за прифаќање на нашата црковна реалност. Ќе си дозволам простор за потсетување на историјата на настаните: по годините молк од страна на СПЦ на барањата за обновување на дијалогот, нашиот Синод поднесе барање за Еклитон до Вселенската Патријаршија на 9 мај 2018 година, веќе на 30 мај излезе со официјално соопштение дека го прима барањето и дека ќе го решава нашето црковно прашање. На 11 мај 2019 г., Светиот Синод на ВП дискутираше по однос на нашето апелациско прибегнување, за на 9 мај 2022 г., со одлуката на Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, и на неговиот Свет Синод, се обзнани Патријаршискиот акт за нашето канонско приопштување и за признавањето на легитимноста на јерархијата и на црковна структура воопшто. Во овој документ стоеше и препораката за продолжување на разговорите со Српската Православна Црква околу надминувањето на меѓусебните недоразбирања. И тоа се случи многу брзо, благодарение на иницијативноста и добрата волја на Неговата светост, Патријархот г. г. Порфириј, па меѓусебните преговори завршија позитивно и со помирително сослужение, како што им доликува на православните браќа – најпрво во Белград, на 19 мај, во новиот храм „Свети Сава“, потоа во Скопје, на 24 мај, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ и уште еднаш во Белград, на 5 јуни, овојпат во Соборниот храм „Свети Архангел Михаил“, кога СПЦ ни издаде Томос за автокефалност на нашата Света Црква. Потоа, на 12 јуни 2022 г., на празникот Педесетница, сослужувавме заедно со Неговата Сесветост, г. г. Вартоломеј во храмот „Св. вмч Георгиј“ во Фанар, потврдувајќи го канонското единство со Вселенската Патријаршија, а преку неа и со целата православна екумена. Сите случувања се единствен производ на Божјата љубов и на Неговото благоволение. Бог промислува и ги просветлува луѓето за добри дела. Таквото просветление се пројавува кај луѓе кои навистина се достојни да соделуваат во Божјите дела. Затоа сме благодарни на богопросветлените личности, и на Неговата Сесветост, г. г. Вартоломеј, со чија историска и грижлива одлука започна нашето сеправославно прифаќање, а и на Неговата Светост Патријархот г. г. Порфириј, кој потоа го прифати и го продолжи доброто дело.
Кој е следниот чекор, дали има конкретни најави кога ќе се случи добивањето на Томос за автокефална црква од страна на Вселенската патријаршија, по заедничката литургија со Вселенскиот патријарх Вартоломеј и наше примање во канонско единство?
Во периодот што е пред нас, а мојата надеж е тоа да биде во блиско време, треба да се дојде до конечното добивање на Томосот за нашата автокефалност од Вселенската Патријаршија. Таквиот Томос има општоправославно значење. Веројатно ќе следи писмена кореспонденција, можеби и средба за договарање на формалностите, како и за времето и местото на обзнанувањето на Томосот. Секако, сè ќе произлезе како став и одлука на полнотата на нашата Црква – олицетворена во Соборот на нашата јерархија.
Под кое име МПЦ-ОА ќе биде заведена во диптихот на Православните цркви што го води Вселенската патријаршија? Во меѓувреме и Бугарската Патријаршија одговори позитивно по однос на мирните писма од Цариградската Патријаршија и од СПЦ, оставајќи го под знак прашање именувањето на нашата Црква. Да потсетиме, тоа го остави како дилема и СПЦ во својот акт. Како тоа ќе се реши?
Станува збор за еклисиолошкото име со кое секоја Помесна Црква е заведена во општиот православен список, наречен диптих. Вообичаено тоа е името на центарот, или на градот-полис на територија што ја зазема Црквата, или на историската катедра, со посочување на современата територија каде што се простира јурисдикцијата во дадениот момент. Секако, историски, јурисдикциската територија се менувала во зависност од околностите, што исто така требало да е потврдено и озваничено со документ од меродавниот орган, а не со еднострана иницијатива. Во оваа смисла, Грчката православна црква е заведена со еклисолошкото име – Атинска Архиепископија и нејзината територија се протегала во границите на тогашната Грчка држава. И друго појаснување во оваа насока: името на Црквата никогаш не изразува етничка припадност. Православието не познава „ни Елини, ни Јудејци…, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос“ (Кол. 3,11). Всушност, Христос сите „нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе“ (Откр. 5,9). Верувам, во овој контекст, дека никој нема потреба ниту интерес за мешање во нашите внатрешни работи и внатрешното уредување, особено ако јасно се изразени и потврдени позициите.
Потоа следеше признанието до страна на Руската Православна Црква, најголемата Православна Црква. Во овој контекст, на што мислите дека се должи промената на курсот на Московската Патријаршија кон нашата Црква, имајќи го предвид фактот дека до пред скоро време за високите претставници на оваа црква бевме само составен дел и „внатрешен“ проблем на Српската Црква?
Нашиот Синод веќе изрази благодарност до Руската Православна Црква, најголемата и најбројната во Православниот свет, иако, се сеќаваме од Евангелието, „малото стадо“ го освои светот, за радосната вест и ја прими оваа братска одлука како сигурна потврда за личната согласност на РПЦ дека недвојбено ја прифаќа нашата црковна реалност. И во оваа прилика сакам да се заблагодарам на Неговата светост, Серускиот Патријарх г. Кирил со донесената одлука.
Во јавноста се појавија мислења дека во последните одлуки на Руската црква се обид за минирање на процесот за конечното решение на нашето црковно прашање со добивање Томос за автокефалност од страна на Вселенската Патријаршија?
Демократскиот карактер на современото општество го допушта правото на мислење и дава можност на секој да го изрази своето гледање. Но ние ја очекуваме и ја примаме како искрена само вистинољубивата и братска иницијатива на секој еден, вклучително и на секоја Помесна Црква, по однос на нашето црковно прашање, а што води кон тоа да бидеме прифатени според тоа што сме и тоа што го посакуваме, и како народ и како Црква, а согласно поредокот на нештата во Православната Црква. Затоа, не само од Руската, туку очекуваме нашиот автокефален статус да биде прифатен и од сите Помесни православни цркви коишто досега не го соопштија својот став, та и со нив да ја споделиме нашата радост.
Во обраќањето на ВП се назначува дека јурисдикцијата на ОА е на територија на Северна Македонија. Дали тоа значи дека трите Епрахии на МПЦ-ОА во странство да потпаднат под јурисдикција на Вселенската патријаршија?
Актот на Вселенска Патријаршија го третираше прашањето на територијата што ѝ припаѓа на современата Охридската Архиепископија, олицетворена во поново време како МПЦ, во границите на современата македонска држава. И ваквиот пристап е присутен во сите Томоси за автокефалност на Помесните Цркви, доделувани на секоја во свое време. Тоа значи дека ниедна Црква нема право да има јурисдикција надвор од границите што ѝ се потврдени. Овде само ќе го повторам нашиот синодски став, јавно изразен, дека ние ниту ја бараме славата на историската Охридска Архиепископија, ниту имаме претензии кон нејзините историски територии, кои денес се дел од соседните земји или од територијата на соседните Православни Цркви. Но сметаме дека правата на малцинствата и во некои од соседните земји треба да се третираат според европските стандарди. Што се однесува до прашањето за дијаспората, ние не сме направиле никаков грев, туку следејќи го примерот на другите Цркви – сме ја обединиле и уредиле македонската дијаспора по примерот што сме го виделе. А тоа било потребно и поради некои националистички настроености, како одговор на продолжените обиди за присвојување на нашинците и во тие нови татковини итн. А решавањето на статусот на македонската дијаспора, веројатно, ќе биде заедно со сите црковно-организирани иселени народи надвор од своите татковини.
Престојат преговори со ПОА – Црквата на поранешниот митрополит Повардарски. До вчера тие беа расколничка Црква, проект на СПЦ за разнебитување на МПЦ-ОА. Се надминаа ли разликите и што претстои сега – спојување на МПЦ и ПОА?
Актот на Вселенската Патријаршија, како и одлуката на Архијерејскиот собор СПЦ, со кој се признава автокефалниот статус на нашата Света Црква, се однесуваат на „јерархијата обединета околу“, како што беше нагласено, „Архиепископот Стефан“. Ова јасно ја посочува реалноста. Ние, нешто што ѝ е познато до некоја мера и на јавноста, се обидуваме со меѓусебни разговори да се дојде до интеграција на ПОА во МПЦ. Не затоа што тоа претставува некаква преземена обврска, туку затоа што така едноставно треба, така им доликува на православните, да ги надминуваат разликите, да ги решаваат несогласувањата, зашто одамна е речено „колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно…“ (Пс.132,1). Затоа апелирам на конструктивност од сечија страна, на добра волја и на уште една дополнителна жртва за зацврстување на единството.
Каков е вашиот став кон „францускиот предлог“? Во Синодското соопштение изразивте загриженост околу настанатата ситуација и упативте апел за обединување на политичките фактори и нагласивте дека доколку во било која форма биде загрозена македонската посебност, МПЦ – ОА нема да го прифати тоа. Како гледате сега на „францускиот предлог“, на скринингот, на започнатите преговори?
Ставот на Синодот е и мој став и како таков сметаме дека е насока прифатлива за сите во МПЦ. Синодот јасно предочи дека апелира на зачувување на „македонскиот идентитет, македонските јазик, култура и историја во семејството на европските народи“, односно и она што соседите го бараат за своите, побаравме и тие да им го дадат на македонското малцинство во нивната земја. Значи Синодот не говореше против нешто, туку апелираше – за – нешто!
Веќе 23 години како Архиепископ успевате МПЦ да ја задржи својата неутралност во бурните политички случувања, толку различна позиција од многу од други Православни цркви. Но дали сте загрижени за претстојниот период кога и верниците и сите граѓани ги очекува тежок период, економска криза и сиромаштија?
Навистина сочувствувам и ја споделувам загриженоста со македонските граѓани. Според предвидувањата ни претстојат тешки времиња и јавно ја изразувам подготвеноста на Црквата да го сподели бремето на времето со својот народ. Во овие моменти не треба да трошиме енергија да бараме виновник, туку во единство да го надминеме тоа што сите нè засега. Не можеме да не бидеме самокритични и да не признаеме дека за повеќето од работите сите ние, горе-долу, носиме вина, иако доблест е да се признае сопствената грешка и да се покаже поправање. Единството, особено тоа на политичките чинители, од каде што доаѓа и сенародното единство, е нешто на кое најмногу сум повикувал во својот архиепископски мандат. Низ овие повеќе од две децении сум соработувал за успехот на Црквата и на општеството со сите кои биле на власт и кои биле во опозиција. Во овој контекст, ќе нагласам дека многу енергија потрошивме низ времето за исправање на неправдата што некогаш ѝ беше нанесена на Црквата со одземените имоти, па затоа јавно повикуваме овој процес конечно да се реши, без одлагање, во полза на сопственикот – Црквата, а согласно нормите на домашното и меѓународното право. Инаку, по што би се разликувале оние што пред тоа беа или сега се на власт од тие коишто некогаш ги одзеле црковните имоти. Инаку, во Црквата има место за сите што ја почитуваат! Мајката не ги дели синовите, но знае да го прими мислењето што е вистинито и разборито… Важно е сите да се обединиме во заедничка борба за подобра иднина, да ги надминеме непотребните разлики, кои во многуте случаи се единствено дело на суети и на користољубие, па штом сме одлучиле да се занимаваме со одговорни работи и во служба на народот, тоа да го правиме одговорно, очекувајќи како награда признание од ближните и благослов од Бога.
Имавте средби со Вселенскиот патријарх, г. г. Вартоломеј и со Српскиот патријарх, г. Порфириј и сослужувавте заедно со нив. Вартоломеј, познат и како „Зелениот Патријарх“ е повеќе од 30 години на првопрестолниот трон на Мајката Црква. Како ги доживеавте средбите со нив?
Околностите низ овие години, кои во голема мера го вклучуваа трудот за претставувањето на нашето црковно прашање пред православните претстојатели и Цркви, овозможија да се запознам и со двете личности. Со сесветиот г. г. Вартоломеј како Патријарх, а со г. Порфириј уште кога беше викарен епископ. Неговата Сесветост – таткото на Православните, е особено маркантна личност, кој со своите доблести е вистинскиот лидер за ова време. Низ децениите од своето претстоење на тронот на Мајката Црква покажа голема одлучност, знаење и иницијативност не само за самата Вселенска Патријаршија и за нејзиното преуспевање, туку и за преуспевањето на соборното православие. Тој на својот грб понесе многу крстови во борбата за добробитот на севкупното православие. А соборното единство постои само преку почитувањето и остварувањето на поредокот, даден во наследство од отците на Црквата. Токму таа посветеност на Сесветиот на поредокот, ја даде можноста за конечното остварување на копнежот за возобновување на нашата древна Црква, на поколенија православни Македонци и сите други православни кои живеат во нашата Татковина, а кои ОА ја чувствуваат за своја Црква. За ова вечно ќе бидеме благодарни како верен народ и Помесна Црква!
А за патријархот г. Порфириј би рекле дека неговото срце е, исто така, исполнето со љубов и со особена посветеност на верата. Кога и да говори – тој говори со духовниот јазик. А духовната настроеност на еден човек произлегува од неговата постојаност во духовниот живот. Земајќи го предвид тоа дека крајот го краси делото, можеме слободно да признаеме дека токму желбата на г. Порфириј најмногу придонесоа и помогнаа во надминувањето на разликите со СПЦ. Тој постојано говореше, а така и постапуваше, дека љубовта покрива и надминува сè. Ова се доблестите и квалитетите кои треба секој еден човек да ги усвои, но и кои ќе бидат критериумите по кои ќе се преиспитуваат постапките во животот и во работењето на секого.
Новинар: Сања Васиќ