Денес, сабота, 29 февруари 2020 лето Господово, Неговата Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим – Константинопол и Патријархот Вселенски г. Вартоломеј, го прославува својот јубилеен 80-ти роденден.
Роден како Димитриј Архондонис на 29 февруари 1940 година на островот Имврос во денешна Турција, Неговата Сесветост Вартоломеј во месец октомври 1991 година беше избран за 270-ти Архиепископ на 2000-годишната Црква основана од Свети Апостол Андреј, служејќи ревносно како Архиепископ на Константинопол – Новиот Рим и како Вселенски Патријарх.
Неговата исклучителна личност, солидното теолошко и повеќестрано образование и личното искуство го покажуваат Патријархот Вартоломеј како еден богопросветлен и пожртвуван Архипастир на Црквата Христова, татко на сите православни, мудар водач на Црквата, достојно прв меѓу еднаквите, кој неуморно и макотрпно работи на нивата Господова, според зборовите на Спасителот Господ Исус Христос, „сите да бидат едно“.
Патријархот Вартоломеј е личност позната по своето визионерство и широчина, духовен водач кој непрестајно се залага за единство во Црквата Христова, за взаемна почит меѓу инославните и иноверните, како и за подигнување на еколошката свест на глобално ниво. Неслучајно, тој е наречен „Зелениот Патријарх“.
Вселенскиот Патријарх досега е награден со многу почесни докторати, од престижни академски институции, како на пример универзитетите на Атина, Солун, Патра и Јанина (Грција), Џорџтаун и Јеил (САД), Флиндерс и Манила (Австралазија), Лондон, Единбург, Левен, Москва, Болоња и Букурешт (во Европа). Тој зборува грчки, турски, италијански, германски, француски и англиски, а исто така течно говори и старогрчки и латински.
Неговата улога како Вселенски Патријарх и прв духовен водач во православниот христијански свет продолжува да добива сѐ поголемо значење и виталност на глобално ниво.
Нашето монашко братство, на чело со Старецот, Архимандрит Партениј, срдечно и топло му го честита 80-годишниот роденден на Неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј и му посакуваат добро здравје и духовни сили, за уште долги години богомудро да стои на кормилото на Црквата Христова!