Се упокои митрополитот бивши Пирејски Калиник

Извор:

Се означи крајот на една епоха од најзначајните страници на современата црковна историја на Грчката црква. Вчера митрополитот бивши Пирејски Калиник засекогаш ги затвори очите, после кратко боледување. Основачот на монашкото братство „Хрисопиги“ и духовен отец на блаженоупокоениот архиепископ Христодул си отиде од овој живот на возраст од 94 години.

Роден е во 1926 година како Константин Карусос. Живеел во Патра, каде што работел како вероучител од 1948, а бил ракоположен за ѓакон во 1956 и презвитер во 1959 година. Во 1957 започнал со студии на Богословскиот факултет во Атина, каде што и дипломирал.

Во истиот период почнал да живее во еден стан во Панкрати, заедно со Атанасиј Ленис, подоцнежен митрополит Калавритски и со Христо Параскеваидис, подоцнежен архиепископ Атински. Во 1961 малото братство се населило во манастирот Варлаам на Метеора, каде што тој бил одреден за игумен. После двегодишен престој, откако го обновиле манастирот во целост, Калиник и неговото братство се враќаат во Атина, каде во 1967 година бил поставен за професор и директор на катихетските школи на Атинската архиепископија, а на тоа место останал до 1980 година.

Во 1973 година, заедно со веќе архимандритите Амвросиј и Христодул, го основа манастирот на Богородица „Хрисопиги“, на кој бил одреден за игумен. Во 1975 е избран за титуларен митрополит на Роги, истовремено преземајќи го и раководењето со „Апостолики дјаконија“, издавачката и социјална служба на Атинската архиепископија. Во 1978 е избран за митрополит Пирејски.

За време неговото служење на престолот на Пирејската митрополија, Калиник отвори катихетски училишта, црковна книжарница, старечки дом, детски градинки и основно училиште, како и организирани кујни за сиромашни граѓани. Особено значење во неговото пастирско дело има основањето на радио-станицата „Пирејска црква“.

На 4 февруари 2006 година, на својот духовен син, архиепископот Христодул, му ја поднесе својата оставка, повикувајќи се на здравствени причини. После оставката од својот престол, блаженоупокоениот митрополит покажа забележително поведение, избегнувајќи давање изјави или какво било мешање во работата на помесната Црква чиј пастир беше цели дваесет и осум години, а која никогаш повеќе не ја посети оттогаш.

Единствен пат кога се најде повторно во просториите на црковна управа, беше минатиот октомври, кога дојде во Синодалната палата, за да му честита на своето духовно чедо, архимандрит Никодим Фармакис, на изборот за генерален директор на Црковната централна економска служба.

Во 2019 се повлече од игуменството на манастирот на Богородица Хрисопиги.

Вечен му спомен!