Писидискиот митрополит до својата руска паства: Да не го радуваме антихристот

Извор:
Сотириј (Трамбас) – Митрополит на Писидија

 

Митрополитот на Писидија, Сотириј (Трамбас), под чијашто јурисдикција е и туристичката област Анталија во Турција, се обрати кон христијаните од својата епархија, меѓу кои има многу Руси. Во своето пастирско послание, тој истакна дека православните христијани припаѓаат на Црквата Христова, која е една и заедничка за сите, независно од нивната национална припадност. Тој ги увери христијаните дека во епархијата под негова надлежност тој е канонскиот и одговорен пред Бога епископ, и затоа нема потреба тие да се вознемируваат од забраната на Московската Патријаршија со која христијаните со руско потекло не смеат да се соединуваат со Христа во храмови на Вселенската Патријаршија во неговата епархија. Тоа е ерес и извор на раздори, кои Христос не ги сака. Осумдесет и девет годишниот митрополит Сотириј, долгогодишен мисионер во Јужна Кореја и митрополит на тамошните православни до 2008 година, ги повика верниците спокојно и без чувство на вина да се приопштуваат кон светите Христови Тајни, бидејќи на такви забрани се радуваат само бесовите и тие кои свесно, или пак несвесно, од незнаење, им служат.

Во продолжение го наведуваме споменатово послание:

Возљубени браќа и сестри во Господ,

Апостол Павле ги предупредува епископите: Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи, за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби Он со Својата крв (Дела 20,28). А Господ вели: Добриот пастир си ја полага душата своја за овците (Јован 10, 11). Трудејќи се да го исполнам задолжението, како ваш епископ и духовен отец, задолжен сум, покрај другото, да го пазам единството на стадото што ми го доверил Главата на нашата црква, нашиот Господ Исус Христос преку Мајката-Црква, како и неговото мирно духовно растење.

Бидејќи некои од вас, поради незнаење на црковниот ред, се вознемирија и загрижија дали неодамнешните одлуки на Московската Патријаршија важат и за оние кои живеат во областа Анталија и се дел од паствата на светата Писидијска митрополија, црковно потчинета на Вселенската Константинополска Патријаршија, ви се обраќам со следниве зборови:

Сите ние, православните, веруваме во „Една, Света, Соборна и Апостолска Црква“. Во едната црква која ги вклучува верниците од сите народи, без разграничување.

Апостол Павле пишува дека во Христовата Црква нема национални разлики: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини… зашто сите вие сте едно во Христа Исуса (Галат. 3,28).

Таа една православна црква, која ги пази непроменети догматското и морално учење на Христа и апостолите до денес, се распространила на сите земни континенти според Господовата заповед: Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Уште од апостолски времиња, крстените христијани на секое место си засноваат своја локална црква.

За грижата за верниците, извршувањето на светите Тајни во Црквата (Божествената Евхаристија и др.) и за да го обезбеди единството на локалната црква во секој град, апостолите ракополагале и поставувале по еден епископ.

Тој епископ го добивал името на соодветниот град – на пример: Лин, епископ на Рим, Јаков, епископ на Ерусалим, Игнатиј, епископ на Антиохија, Марко, епископ на Александрија итн. Исто така, секоја локална црква го добивала името на градот, а не на народот на кој му припаѓа.

Затоа, апостол Павле ги испраќа своите писма до црквите што ги основал, нарекувајќи ги со името на градот: До црквата Божја во Коринт (1 Коринт. 1,2) или До солунската црква во Бога Отецот наш (1 Сол. 1,1) итн.

Оттогаш, секој епископ ја има полната одговорност за згрижувањето на верниците во својата епископија, и никој друг. Никој нема право да се меша во внатрешните работи на друга епископија без знаењето на локалниот епископ. На пример, друг епископ, митрополит, Патријарх, не би требало да појде во туѓа епископија и таму да отслужи Божествена Литургија или што и да е друго, без знаењето на локалниот епископ.

Не може да им проповеда на верниците или им дава духовни упатства, без тоа да го знае локалниот епископ. Истото важи и за свештениците, ѓаконите и свештените псалти.

Следствено, ниту клириците, ниту мирјаните се должни да примаат заповеди од други епископи, митрополити или Патријарси, освен преку својот сопствен епископ. Тоа е редот што ја пази обединета нашата една, света, православна Црква и којшто се темели на одлуките на Вселенските Собори.

Па затоа, возљубени мои духовни чеда, никој надворешен епископ, митрополит или Патријарх нема право да ви заповеда вам, кои сте дел од паствата на светата Писидијска митрополија и на егхзархијата на Анталија, во кој храм да се црквувате и каде да се причестувате, а уште помалку има право да ве заплашува.

Пред Христа и едната света Негова Црква, тие работи немаат никакво значење, и ако вие не обрнувате внимание на овие забрани, не чувствувајте никаква вина заради тоа.

Вина треба да чувствуваат тие (колку и да се високи црковнодостојници и какви црковни титули и да имаат) кои со своите антиканонски постапки се стремат со закани да ги оддалечат верниците од Црквата, да го прекинат нивното општење со своите свештеници и епископи, така што тие ниту да се исповедаат, ниту да се причестуваат.

Овие работи го прават среќен единствено антихристот, кој војува со Христа и Неговата Црква. Сите разумни луѓе длабоко жалат поради ваквите демонски сплетки.

Ако тие сакаат да ги поткрепат своите постапки со оправданието дека се обраќаат не кон сите православни во Анталија или другите области, туку само кон луѓето од нивната народност, тогаш се покажуваат како нарушители на великите Собори, кои го осудија етнофилетизмот како ерес. Секој епископ има овластување во својата епископија.

Ниеден епископ не може да ја протегне својата власт преку локалните граници на својата епископија и да бара од христијаните кои припаѓаат на други епископии, митрополии или Патријаршии, да се потчинуваат на неговите заповеди, само и само затоа што се од една иста народност со него.

Етнофилетизмот беше осуден како ерес на Соборот од 1872 година, бидејќи тој ги нарушува црковните основи на христијанската вера: критериумот на „народност“ противречи на црковното устројство затоа што го нарушува догматското и административно единство на помесната Црква. Помесната црква се определува со територијално – географски критериум, додека, пак, критериумот „народност“ го разделува и му противречи на црковното заедничарење и учество во таинството на Божествената Евхаристија под еден епископ во секоја епархија.

Мои сакани браќа и сестри во Господа, ние ве сакаме сите, без разлика на вашата народност, и сте добредојдени во нашата митрополија и во нашите храмови, кои, како што знаете, ги придобивме со многу жртви. Нашите свештеници и понатаму служат Божествена Литургија и ги вршат сите останати црковни дејности. Никој не треба да се чувствува виновен за тоа што продолжува да се црквува во Анталија и во Аланија. Напротив, ќе се радуваат Христос и Пресвета Богородица и светиот апостол Павле и св. Алипиј и сите светии по нашите места, кои ве примаат во своите храмови.

Единствените кои ќе жалат за тоа се бесовите и оние кои придонесуваат за таа состојба, било свесно или поради незнаење.

Тие што се колебаат, нека се помолат и решат: на Христа ли сакаат да му угодат, или на луѓето?

Апостол Павле, за секој случај вели: Да сакав да им угодам на луѓето, немаше да станам служител на Христос! (Галат. 1,10).

Го завршувам своето послание со пораката на светиот апостол Павле: И така, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас (2 Коринт. 13,11).