Патријарх Вартоломеј: Вие зборувате за раскол, ние зборуваме за љубов

Извор:

Продолжува несогласувањето помеѓу Вселенската Патријаршија и Руската Православна Црква, додека, пак Патријархот Вартоломеј наведува дека во Москва „зборуваат за раскол, ние за љубов“, по однос на автокефалноста на Украинската Црква.

„Мајката Црква делувала со љубов низ вековите и со оваа љубов се труди и сега да го реши црковниот проблем на Украина. Во моментот кога нашите браќа од север ни зборуваат за шизма, ние говориме за љубов!“, рече Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.

Тој потсети на зборовите на римскиот епископ Климент до Коринтјаните: „Во љубовта нема насилие, нема гордост, љубовта не дозволува раскол, не е колеблива, љубовта сè прави со еднодушност. Сите избраници Божји преку љубовта стигнаа до совршенство. Без љубов, ништо не му е угодно на Бога“.

Поводот кој го наведе Вартоломеј да ги преземе чекорите што сега ги прави Светата Велика Христова Црква на Константинопол за решавањето на црковниот проблем во Украина и исцелување на шизмите кои со децении го искушуваат единството на помесната Црква, беше тема на обраќањето на Митрополитот на Неа Крини и Каламарја Јустин, кој ја изрази својата поддршка по однос на канонските дејствувања на Мајката Црква за решението на ова прашање.

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј со Митрополитот Јустин

„Споменавте, храбро“ – забележа Патријархот, обраќајќи му се на Митрополитот на Неа Крини и Каламарја – „и за актуелниот проблем во Украина, кој стана повод за судир со сестринската Руската Црква, на која ѝ е тешко да разбере дека како што Вселенската Патријаршија осамостои толку и толку народи на Балканот – чин кој ја ослабе и самата Патријаршија, но таа сепак го призна нивното право за внатрешно самоуправување, црковна независност, автокефалност, и ги издаде Патријаршиските и Синодски Томоси за создавањето на овие помесни, автокефални Цркви – Така и Москва треба да прифати дека и украинскиот народ, кој на неправославен начин влезе под нивна јурисдикција, или попрецизно во нивна надлежност во текот на неколку векови, овој, скоро педесет милионски народ има право на црковна независност, автокефалност. Затоа Мајката Црква со љубов посака да го излечи расколот, кој се создаде таму, не по нејзина вина, туку поради вина на другите, и да ги врати нашите православни украински браќа во каноничност и општење со сите свети Православни Цркви“.

Претходно, Митрополитот Јустин, пастирот на една од Епархиите на Вселенскиот престол во северна Грција, наречени „Новите земји“, истакна дека периодот низ кои поминуваме, од црковна гледна точка е можеби „кризен“, но е истовремено и восхитувачки“.

„Уште еднаш, Мајката Црква – Вселенската патријаршија и Вселенскиот Патријарх, се повикани да дејствуваат не своеволно, туку во согласност со Светите Канони, кои биле востановени од светите Отци на Вселенските Собори. Сакаме да знаете дека ние, смирените и недостојни ваши слуги, но и ваши духовни чеда, го поддржуваме овој ваш голем чекор што го правите, повторувам, не владеачки и своеволно, туку со придржување кон Светите Канони. И се молиме од длабочината на нашето срце, Бог да ви даде сила, трпение и будност, кои ви се потребни, за успешно да го завршите сето ова.