Преподобниот Јаков Цаликис и новиот архиепископ на Америка Елпидофор

Старец Јаков Цаликис

Преподобниот Јаков Цаликис претставува една од најзначајните личности во православното монаштво во текот на 20-от век. Се одликувал со исклучително аскетски живот, како и со Божествените дарови што ги развил и со кои се вброил во современите личности на светоста во Православната Црква.

Бил роден во Ливиси, Мала Азија, на 5 ноември 1920 година, во христијанска фамилија (неговата мајка родила 9 деца, но поради лошите услови во тоа време преживеале само три). Во неговите рани години ја доживеал малоазиската катастрофа и протерувањето на православните од Мала Азија. Првично, неговата фамилија се населила во селото Свети Георгиј Амфисас, каде условите за живот биле премногу тешки, буквално на работ на немаштијата. Во 1925 година се преселиле во Фаракла, северна Евија. Таму Старец Јаков се научил на световното и црковното писмо, во црквата на Света Параскева во селото.

Според сведоштвата од тоа време, малиот Јаков уште од најрана возраст покажал склоност кон монаштвото. Интересно е тоа што многумина го нарекувале калуѓер, поради неговиот аскетски живот, но и поради првите дарови на Божјата благодат што почнале да се појавуваат. Во тој период му се јавила Света Параскева и тој конечно одлучил да го следи монашкиот живот. Што се однесува до неговото образование, Старец Јаков не успал да продолжи во Гимназија поради економските потреби на неговото семејство, така што од млада возраст морал да работи во градежништво.

На возраст од 15 години сериозно се разболел, но накрај преживеал. Пет години подоцна настапила Втората светска војна. И во тоа време било испитано неговото здравје, додека пак, во 1942 година ја загубил мајка си. Следната година Свети Јаков, заедно со многу други соселани, бил одведен во заложништво од Германците, во селото Строфилиа. Во годините на граѓанската војна во Грција гладот и тешкотиите биле голем проблем за целото население, вклучително и за семејството на Јаков. Во 1947 година бил повикан во војска, а во 1949 ослободен од должност. Во тие години починал неговиот татко.

Во 1951 година, откако се омажила неговата сестра, Старец Јаков заминал во монаштво. Го избрал Манастирот на Преподобен Давид во Евија, кој во тоа време имал три монаси. Состојбата таму била многу тешка. Од една страна, Манастирот бил запуштен, а од друга, монасите не му дале посебно значење, така што бил принуден да се врати назад во Фаракла. Најпосле, и покрај тешкотиите со кои се соочувал, заминал повторно во Манастирот. На 31 ноември 1952 година бил потстрижен за монах, на 17 декември во Халкида бил ракоположен за ѓакон, а два дена подоцна – за свештеник. Во 1975 година го презел игуменството над Манастирот. Веќе после 1970 година станал многу омилен меѓу населението и многу народ доаѓал во Обителта за исповед и духовно раководство. Средствата што ги добивал Манастирот, светиот Старец ги употребувал за човекољубиви дела.

Строгиот подвиг на Старецот често му натежнувал на неговото здравје. Така, уште од првите години му се појавиле значителни здравствени проблеми. Еден од нив била болката што го измачувала во половината уште од 1956 година. Во 1964 година му се појавиле големи болки во крајниците, до тој степен што му ослабнале бубрезите. Старецот бил многу трудољубив и работлив човек, не штедејќи се себеси, така што тоа било дополнително отежнување за неговото здравје. Во 1967 година бил опериран од ингвинална хернија, додека пак, во 1974 година добил флебитис. Во 1980 година му била дијагностицирана срцева слабост. На 23 септември 1990 година бил хоспитализиран со срцева аритмија. Една година подоцна, на 21 ноември 1991, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, откако се причестил со светите и бесмртни Христови Тајни, Светиот Старец Јаков Цаликис си заминал од овој свет во бесмртното Царство Христово.

Бог го прославил својот добар слуга со многу чуда уште за време на живот, но уште повеќе – после неговото упокојување. Овој современ светител на православната Црква добро им е познат и на македонските верници, а многупати досега биле организирани поклонички патувања до неговиот Манастир.

Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, што се состанал во Фанар, под претседателство на Неговата Сесветост, Патријархот Вартоломеј, на 27 ноември 2017 година одлучил да го вброи името на преподобниот Јаков Цаликис во Диптихот на Светиите. Неговиот спомен се празнува на 22 ноември.

Во продолжение, го приложуваме видеото од неодамнешната проповед на новиот Архиепископ на Америка г. Елпидофор, во којашто говори за неговата необична поврзаност со Преподобниот Јаков: