До Вознесение преку распетие и воскресение

Денес црковните камбани во Ерусалим, во раните утрински часови го означија празнувањето на Христовото Вознесение – Неговото физичко напуштање на овој свет. Огромен број верни од сите краишта на светот пристигнаа во Светиот Град, за да се поклонат на овие славни историски места и да земат учество во празничното богослужение. Централната прослава се случи во Свето-вознесенскиот манастир што се наоѓа на Елеонската гора, каде Ерусалимскиот Патријарх Теофил, во сослужение со членови на Руската задгранична црква, отслужи празнична Литургија. На самото, пак, место на Вознесението Христово, во присуство на исто така мноштво народ, божествена Литургија отслужија свештенослужителите од Ерусалимската патријаршија.

„Се наоѓаме на истото место, но речиси 2 илјади години подоцна, од каде апостолите со својот телесен вид Го виделе нашиот Воскреснат Господ, како, седнат на облак, се вознесува. И наеднаш душата посакува да можела да се најде на тоа место токму во тоа време, да го види Вознесението Христово, да ги чуе Неговите последни поуки. Но, сеедно дали тогаш или сега, патот е секогаш ист: До вознесение преку распетие и воскресение“, изјави за Бигорски сестра Латина Стаменковска.

Од Ерусалим за Бигорски манастир, Сестра Латина Стаменкова