Вознесение Христово

Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и викајќи им на оние што Те љубат: Јас сум секогаш со вас и никој ништо против вас не може.

(Кондак на празникот)

Секој настан од животот на нашиот Господ Христос претставува прекрасна новина, која ги восхитува срцата на сите верни: необичната благовест на архангелот Гавриил кога Бог ја избра прекрасната Марија да биде посредничка во спасението на родот човечки, Неговото раѓање во скромната пештера со што Он го приближи небото до земјата, Крштението од раката Јованова при Јорданските води, безбројните чуда што со сострадалност кон луѓето ги изврши, страдањата, распетието, погребението, Неговото слегување во адот со што го разори страшното царство на темнината, кое ги измачуваше човечките души, славното тридневно Воскресение од мртвите и Вознесението на Елеонската гора. Нашиот милостив Господ ни даде крилја и нѐ привлече кон Неговото вечно живеалиште, та сега не мораме повеќе во страв, трепет и морници како царот Давид да воздивнуваме, ниту да бараме крилја гулабови, оти ни се јави Орелот кој ни го покажа патот, Својот мир ни го остави и од земните страсти ги ослободи срцата наши. И како сега со радост да не воскликнеме и да не ги прославиме силата, мудроста и човекољубието на нашиот Бог, Кој се јави како наш жив Господ и Спасител?! Како да не созерцава нашиот ум, кој просветлен со небесна светлина го гледа патот и целта на нашиот живот? Како да не ѝ се восхитуваме на Божјата љубов која одговара на секоја наша прозба, та вселувајќи се во нашите души од нив прави божествени садови на Духот? Трепери нашето битие пред овие прекрасни и надумни таинства и слава и благодарност Му произнесува на нашиот Бог во Троица.

Вакво длабоко благодарење на Бога Кој во слава се вознесе, произнесоа присутните на денешната чудесна по убавина богослужба во бигорскиот и рајчичкиот храм. Чиниш секој ги вложи сите свои духовни сили мислено да се искачи на Елеонската гора, на таа прекрасна гора на Вознесението. Прекрасно беше да се чуе како сите во еден глас, заедно со својот сакан Старец, архимандрит Партениј, воскликнуваа: Те величаме Животодавче Христе, и го чествуваме Твоето Вознесение на небесата, со Твоето тело пречисто.