На денот посветен на Св. рамноапостолна Олга и на Св. великомаченичка Ефимија, по вечерната богослужба која се одржа во Серафимо-Дивеевскиот манастир во Троицкиот соборен храм, во манастирскиот двор, група благочестиви поклоници од Македонија, приредија прекрасен импровизиран концерт на духовни песни, со што ја пренесоа нивната вера и љубов кон Бога, изразена низ благодатниот и ревносен подвиг со кој ја красат нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Притоа тие пееја и на руски јазик.
Раководителот на поклоничката група, Драги Анастасовски, во врска со ова искуство изјави: „Ние многу сакаме да одиме на поклонички патувања. После патувањето луѓето се менуваат, стануваат подобри бидејќи ја чувствуваат љубовта Христова. Многу ја сакаме Русија и би ни било драго да примиме кај себе руски поклоници“.
Пред да пристигнат во Дивеево, македонските поклоници ја посетија Романија и манастирите Њамц и Сихастрија, потоа Украина – Киево-Печерската лавра и Свето-Покровскиот Голосевски манастир, и Троицко-Сергеевата лавра во Москва. Подоцна тие ќе ја посетат Оптинската пустина, Чернигов, но и манастирот Тисман во Романија.
Поклоничкото патување на кое учество зедоа 51 човек, е организирано од страна на Центарот за православна христијанска веронаука од Битола, кој го носи името на Светиот Нектариј Битолски, како и со заложбите и трудот на група духовни чеда на Бигорската свештена Обител.