Митрополит на Вселенската Патријаршија: „Доделувањето на автокефалија припаѓа на Вселенскиот Патријарх“

Извор:

Доделувањето на автокефалија на Украинската Црква од страна на Цариградската Патријаршија е многу веројатно да стане во непосредно идниот период. Така смета Митрополитот Пруски Елпидофор, игумен на Манастирот на Богословското училиште во Халки.

Митрополитот Елпидофор, говорејќи за АПЕ-МПЕ, беше категоричен во поглед на автокефалијата на Украинската црква, држејќи растојание дури и од поранешните компромисни ставови на Фанар, кои претполагаа согласност на другите Православни Цркви за еден таков чекор.

„Доделувањето на автокефалија на една помесна Црква веќе 1350 години припаѓа на јурисдикцијата и ингеренциите единствено на Вселенскиот Патријарх и на Цариградскиот Синод“, изјави Митрополитот Елпидофор.

„И покрај тоа“ – продолжи Митрополитот – „Вселенската Патријаршија, без разлика што има право сама да додели автокефалија, како што е тоа посведочено од досегашниот историски тек на Црквата, таа не ги игнорира и другите помесни Цркви. Во случајот на Украина, со посебна комисија, која патува и остварува средби со Претстојателите на Православните Цркви, се обидува да ја прикаже вистинската слика на прашањето и секако, да ги разбие погрешните информации и лажните вести кои се шират. Критериум и цел на Вселенската Патријаршија не е автокефалијата сама по себе. Ниту, нормално, автокефалијата претставува конечна цел на Мајката Црква. Едноставно се проценува црковно дека најдоброто и канонско решение во дадениот момент е тоа, бидејќи само тоа ќе функционира за единство на православниот народ на Украина, кој како што знаете, е потполно поделен“.

„Решението на црковниот проблем,“ додаде г. Елпидофор, „нема да ја влоши веќе лошата состојба во која се наоѓа овој момент Украина, но напротив, верувам дека ќе придонесе за помирување, единство и стивнување на верските страсти“.

Паралелно на ова, согласно барањето за автокефалија од Претседателот на Украина потенцира дека „ќе треба да се појасни дека барањето што го поднесе Претседателот на државата не е приватно барање. Го онеправдуваме целиот процес кога пристапуваме кон прашањето на овој начин.

Претседателот на Украина го поднесе барањето на Украинскиот народ во Фанар, по впечатливо мнозинско позитивно гласање за автокефалијата во Парламентот. Значи, барањето автокефалија не претставува лична желба на Претседателот“ и продолжи:

„Кога некој е неканонски, не значи дека не постои. Тоа што некој е окарактеризиран како расколник, не му го одзема правото да побара враќање и уредување на неговата состојба од Црквата и, доколку смета дека неговата Црква го онеправдала, да прибегне кон Вселенската Патријаршија. Се работи за таканаречениот „еклитон“ (апелација, н.з.). Точно поради тоа, дека постојат расколници и неканонски верници во Украина, кои прибегнале кон својата црковна јурисдикција и не биле прифатени, слободно, според своето расудување, можат да прибегнат при Вселенската Патријаршија, барајќи повторно разгледување на нивното прашање и преиспитување на случајот за конечна судска одлука. Сега засега Патријаршијата нема почнато судење по барање еклитон од некого од Украина. Можеби во иднина Патријаршијата ќе ги проучи барањата за еклитон што се доставени. Сепак, во поглед на барањето на автокефалија од канонската Црква, сметам дека не треба да го преценуваме овој аргумент. Би сакал да го поставам ова прашање поинаку: Може канонската Црква во Украина денес, дури и ако сака, да поднесе барање за автокефалија? Сите го знаеме начинот на кој функционираат работите во Московската Патријаршија. Кој што ќе се обиде да направи таков чекот, ќе се најде надвор од Црквата по скратена постапка“ – вели Митрополитот Пруски.

Господин Елпидофор се осврна и на односите со Московската Црква и нејзиното отсуство од Светиот и Велик Собор во Крит:

„Вселенската Патријаршија е убедена дека колку повеќе потешкотии постојат, толку поголема неопходност имаме за да правиме собори, да правиме средби, дијалог, за да можеме со слегувањето и помошта на Светиот Дух и на Господа Исуса Христа, да ги надминеме овие потешкотии“, рече во својата изјава за АПЕ-МПЕ и додаде дека „го смета за богословски и еклисиолошки дефицит отсуството на Москва од Светиот и Велик Собор на Православната Црква“.

Паралелно ги окарактеризира како „сателити на Москва“ Црквите кои одлучија конечно да не учествуваат, со исклучок на Антиохија, давајќи аргументи за „веќе донесеното“ решение на Руската Црква да дејствува разделувачки.

„Од сите признат факт е дека отсуството на Москва и на другите Цркви не се основа на богословски и црковно-канонски аргументи“.

Истовремено, Митрополитот Елпидофор проценува дека „не се пресечени јажињата, ниту се прекинати каналите за комуникација, но едноставно Руската Црква треба да се потруди малку повеќе за да ја врати довербата не само од Вселенската Патријаршија, но и на останатите десет Цркви, кои беа навредени од нејзината заткулисна активност за да отсуствуваат и други Цркви од соборот. Таа е една многубројна по народ Црква, со која Вселенската Патријаршија споделувала тешки времиња низ историјата на Православните народи и не е зрело таа сега да дејствува заткулисно“.