934

Романскиот Патријарх ја возглави средбата на наставниците по Религија

Извор:

На 12 септември во Букурешт, се одржа годишната Конференција на наставниците по Религија во Букурешката Архиепископија. Таа се организира од Образовниот инспекторат во Букурешт во соработка со Архиепископијата на Букурешт и има за цел да им даде можност на наставниците да ги разгледаат новостите во методологијата на обуката, да направат преглед од работата во текот на изминатата година и да разменат идеи за следната.

Конференцијата беше отворена во Патријаршиската палата под претседателство на Романскиот Патријарх Даниил. Основната порака на неговото слово беше во контекст на тоа да се зајакне соработката помеѓу сите учесници во образовниот процес.

Според него, падот во образованието на Романија, може да биде прекинат само преку зајакнување на соработката меѓу сите учесници во процесот: државата, граѓанското општество, родителите, учениците и учителите, но и епархиските центри и енории, така што образованието да се претвори во национален приоритет, односно солидна основа за еволуција на целото општество кон една подобра иднина.

Според Патријархот, часовите по Религија имаат апостолска улога во образованието во Романија. Христијанското описменување на децата е свештена мисија, како духовна, така и во социјални рамки. Меѓу другото, тоа е и еден повик кон Бога да работи со младите души, за да израснат во заедницата на љубовта кон Бога и кон ближните, како и во заедница со сите поколенија на Светиите низ сите времиња.

Романскиот Патријарх раскажа за придонесот на Црквата во образовниот процес преку обезбедување на учебници по Религија, поткрепа на учениците од сиромашните и социјално загрозени семејства, нивното снабдување со училишни предмети, учебни униформи, учебници, облека и обувки.

Главниот инспекторат по Религија во Министерството за образование, Василе Тимиш, ја произнесе темата: „Религиозното образование во Романија и Европската унија во почетокот на 21 век“. Професорот Георге Догару од Инспекторатот по Религија во Букурешт, зборуваше на тема: „Континуирана обука за учителите по Религија. Реалности и Перспективи“. Проф. Михаил Спатару од Регионалниот инспекторат во Прахова, зборуваше за „Актуализација на аналитичките програми и дидактички материјал по дисциплината Религија“.

Вториот дел од средбата беше под претседателство на епископот на Прахова Тимотеј и имаше дискусионен карактер.