Темелков, Андонов и Кајмаковски од Бигорски посакаа достоинствено да го прославиме Велигден

Дебар, 1 мај 2021 (МИА) 

Во овие најсветли мигови за Православната црква, односно во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, во македонското древно светилиште, Бигорскиот манастир, се познатите македонски пејачи Димитар Андонов, Давид Темелков и Даниел Кајмаковски.

Тие, како што изјавија за МИА, за Празникот над празниците сакале да ги споделат своите длабоки празнични чувства со владиката Партениј, односно со братството и сестринствата.

Бигорскиот манастир е како наговестување на рајот. Штом поминеш низ овие порти, секоја грижа ти завршува, тука тагата не вирее. Тука се шири Христовата љубов, тука во изобилие го наоѓаш мирот во душата и срцето, тука се слуша словото Божјо! Чест ми е што сум современик на мојот духовен Отец Партениј, современик на сите мои браќа и сестри монаси, чест ми е што имам можност да сведочам за нивните чудеса! Да имаме добар Велигден“.

Давид Темелков

За Димитар Андонов неизмерна е радоста да се чевствува најголемата радост, празникот над празниците – Велигден – заедно со владиката Партениј и братството на Бигорскиот Манастир и сестринствата на Рајчица и Пречиста.

Ова духовно светилиште или како што јас сакам да го нарекувам македонскиот Ерусалим, ги обединува сите верници од нашата држава, особено во Големата и Страсна Седмица и славното Воскресение, кога сите ние заедно Го славиме Бога. Неизмерна е благодатта и радоста да се биде учесник на најсветлиот празник со овие убави монашки души, но најпрекрасен е моментот кога од сите нас заедно на Воскресение ќе се слушне: “Дојдете примете светлина” и “Христос Воскресна” Добро Воскресение!

Димитар Андонов

Заедно со нив е и Даниел Кајмаковски, кој од сè срце посака честит Велигден.

Најубавото чувство е кога ја примаш топлината, радоста и љубовта која ти ја даруваат монасите! Дружбата со нив, особено разговорите со владиката Партениј ми даваат сила и духовен мир. Преблагодарен сум што можам да сум овде во овие значајни и свети денови. Слава на Бог за се’. Нека е за многу години и Бог да ни даде достоинствено да си го прославиме Велигден“.

Даниел Кајмаковски

Радоста од нивната почит кон нив не ја кријат и членовите на братството и сестринствата.

Прекрасно е тоа што овие благородни млади души ја користат секоја прилика да притекнат во Обителта, а особено убаво е да се забележи дека тие се со монасите речиси во секоја празнична радост, ни рекоа тие.