Ерусалим денес со големи торжества го прослави празникот на Светата рамноапостолна Марија Магдалина. Централната богослужба беше отслужена во Гетсиманскиот манастир кој е посветен на оваа чудесна Светителка, за која во Новиот Завет се запишани неколку важни детали: дека таа е првиот проповедник за Христовото Воскресение, оти нејзе прв ѝ се јавува Господ (Марко 16,9). Тука недвосмислено стои: И се јави најнапред на Марија Магдалина. Зошто таа се нарекува „првиот проповедник“? Бидејќи оваа задача таа ја добила директно од Господ: Туку оди кај браќата Мои и кажи им… (Јован 20,17). Дури потоа Он им се јавил на Апостолите.
Значи, која е Света Марија Магдалина: таа е храбрата жена која Го следеше Исуса до Голгота, беше присутна на Распнувањето, храбро стоеше покрај Крстот, кој беше Крст на спасението на родот човечки, а присуствуваше и на Христовото погребение, за што сведоштво имаме кај евангелистот Матеј (27, 59-61). Потоа, во првиот ден од седмицата, уште додека беше темно, таа храбро отиде на гробот и најпосле оваа храбра жена се упати дури и во Рим, каде храбро застана пред Тибериј, благовестејќи му за Христовото Воскресение. Во врска со последниов настан постои едно старо Предание, коешто верно се чува во Ерусалимскиот манастир посветен на оваа Светителка. Имено, кога Светителката отишла кај Тибериј за да му го објави и посведочи Христовото Воскресение, таа му однела обично бело јајце, кое токму во мигот на сведоштвото, пред очите на Тибериј станало црвено. Во спомен на тоа чудо, на прославата, според традицијата, игуменијата Елисавета на сите присутни им подели црвени јајца.
Со богослужбата, на која присуствуваа огромно мноштво верници, чиноначалствуваше Ерусалимскиот Патријарх Теофил, во сослужение со епископот Марко од Руската задгранична црква во Германија и архимандритот Роман од Руската духовна мисија во Ерусалим, како и голем број на свештенослужители.
За Бигорски од Ерусалим: Латина Стаменкова