Илинденска доксологија

Вчерашното Илинденско торжество од Лазарополе, попладнето се пренесе во Бигорската Обител, каде што како и секоја година беше извршен чинот на Доксологија, во кој се принесуваат молитви „за вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во светите борби за верата и Татковината, особено во Илинденското востание“. По благословувањето на празничното коливо, нашиот старец, Архимандрит Партениј, во своето пригодно слово, меѓу другото истакна:

„На овој празник посветен на светиот и велик старозаветен пророк Илија, пред 115 години нашиот многунамачен и напатен народ херојски востанал против гнетот и јаремот на големата Турска империја. Пред малку, во молитвата ние си спомнавме за душите на сите оние кои јуначки се бореле и славно паднале во светите борби за нашата вера и Татковина, или биле измачувани и убиени од непријателските војски или паднале во заробеништво, односно за душите на сите што низ историјата се бореле и паднале за идеалот за слобода и државност. Меѓутоа, како што чувме од чинот на Доксологијата, ние се помоливме и за началниците кои се поставени да управуваат. Зашто, навистина, голема одговорност имаат оние на коишто Господ им дал власт да управуваат со државата, за којашто многумина ги дале своите животи, го дале најсветото што го имале…

Илинденското востание, како што знаеме, немало некој особен воен успех, бидејќи било за брзо време и во крв задушено, но затоа, пак, тоа имало величествена морална победа. Тоа испратило насекаде една громогласна порака, дека Македонија еден ден ќе биде самостојна и независна држава. Овој илинденски завет се овистинил делумно по Втората светска војна, а дефинитивно во 1991 година, кога конечно се почувствувавме свои на своето. Денес не е време кога идеалите се остваруваат со оружје, туку со мудрост и добра политика…

За нашата Македонија да им добра иднина, неопходно е да има добра дипломатија. Да се води една сериозна политика е многу тешко, затоа што таа бара голема мудрост, внимателност, љубов кон Татковината, далекусежност и пред сѐ, просветление од Бога. Следствено, таа воопшто не треба да биде популистичка, ефемерна и теснопартиска, заснована на лични интереси…

За добрата перспектива на државата, неопходна е не само добра надворешна, ами и внатрешна политика. Господ да ги просветлува сите што имаат одговорни положби и да ги чува особено од страста на среброљубието, бидејќи како што сведочи Светото Писмо, најстрашната и најпогубна страст за човекот е среброљубието, љубовта кон парите и материјалните богатства. Коренот на сите зла е среброљубието, вели Божествениот Апостол Павле (1. Тим. 6,10). Среброљубивиот ги затвора ушите и срцето за другите, се насочува само кон своите ниски егоистични страсти и цели. За такви примери слушаме постојано од јавните гласила – како некои од народните избраници посегнуваат по државата каса. Е, тоа е најголемиот грев, зашто тоа не е само личен грев, туку грев против целата заедница. Таквите нечесни работи најмногу ја уназадуваат државата. Затоа ние треба да се молиме секогаш за оние кои управуваат, бидејќи лесно е да ги критикуваме, но многу потешко е да се молиме за нив, како што и ни заповеда Црквата Божја.

Бог, Царот над царевите и Господарот над сите началства, да им вдахновува на нашите управители љубов кон Татковината, та таа непречено да напредува во доброто, а нашиот народ да застане рамноправно со сите народи под сонцето на оваа наша убава од Бога создадена планета!

Нека ни е на помош Свети Илија и да ни дава христијанска ревност и љубов на сите нас и особено на тие што нѐ водат и нека ни ги сочува државата и Црквата до крајот на вековите!“