Вселенскиот Патријарх Вартоломеј го отвори Меѓународниот симпозиум за екологија

Извор:
Во организација на Првопрестолната Црква на Православието, во Атина и островите Спецес и Хидра

 

 

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј го отвори Меѓународниот симпозиум за екологија „За позелена Атика: Запазување на планетата и заштита на нејзините жители“, во текот на свеченоста која се оствари попладнето во вторник, 5 јуни, во Музејот на Акропол.

Во својата беседа, изречена на англиски јазик, Вселенскиот Патријарх, помеѓу другото, го забележа следново:

„Уште од почетокот на нашето занимавање со еколошките теми, ја потенциравме поврзаноста на еколошките со социјалните проблеми, како и потребата да се пристапува кон нив одеднаш и со заедничка соработка на сите. Запазувањето и заштитата на природната околина и почитта и служењето на луѓето се две страни на истата монета“.

На друго место во беседата истакна:

„Секогаш постои една допирлива и помесна димензија во грижата за природата. Овде се наоѓа објаснувањето за насловот на нашиов симпозиум, ‘За позелена Атика’. Зашто, додека многу работи се преземени во поглед на освестувањето за климатските промени и животниот развој во оваа убава земја, останува уште многу да се направи со цел, на пример, да се намали исфрлањето отпад на падините на Атика, со неприфатливите депонии, и да се најде решение за неоправданото собирање на пластика во длабочината на морето, што се заканува на морскиот живот. Да не забораваме дека, бидејќи скоро половина од населението на Грција живее во Атика, повеќе од половина отпадоци што паѓаат во морето се наоѓаат во околината околу Саронскиот залив“.

Исто така, Неговата Сесветост забележа дека „сите сме повикани да го преиспитаме, но и да го промениме нашето потрошувачко однесување и да научиме да дејствуваме заеднички за доброто на нашата планета и за корист на нејзините жители“.

„Наша цел“ – рече понатаму – „е да предложиме нов одговор на еколошката криза, основана на заедничкиот ангажман, застапувајќи се паралелно за една жива планета и за социјална правда за човештвото, како свештен завет за сите луѓе, а особено за нашите деца“.

При почетокот на Симпозиумот беа прочитани пораките на Атинскиот Архиепископ, Римскиот Папа, Кентерберискиот Архиепископ, како и на меѓународните организации кои се залагаат за заштита на околината и унапредување на дијалогот помеѓу религиите и културите. Присутни беа повеќе политички и јавни личности.

На тридневниот симпозиум учествуваат околу 200 религиски служители и теолози, стручни научници, политичари и претставници на трговскиот свет, академици, но и студенти, претставници на еколошките организации, активисти, новинари од целиот свет, како и претставници на месните општини на Атика и островите на Саронскиот залив, каде што ќе се спроведе работата на симпозиумот.

Работата на симпозиумот продолжи во Спецес и Хидра до утрото на 8 јуни, на специјално заседание, кое беше остварено пловејќи кон Атина.

***

За потсетување, биографски документарен филм за Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, од популарната програма “60 Minutes”: