Откако најнапред Те фалеше со гранчиња, неблагодарниот народ подоцна Те пречека со Крстот; ние, пак, чија вера е неизменлива, Те почитуваме како добротвор, Господи, и непрестајно Ти пееме: Благословен е Оној што доаѓа, за да го избави од гробот Адама
(Ипакој на Празникот)
Господ денес влегува во свештениот Град Ерусалим, а околу Него големо мноштво народ кој се собра за свечен пречек да Му приреди. Денес сѐ е во знакот на славата, торжеството, радоста. Ликуваат сите и во знак на почит со маслинови гранчиња мавтаат: „Осана во висините, благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово“, мислејќи дека Он е долгоочекуваниот Цар, Кој ќе ги спаси од нивните земни непријатели. Ама никој од оние што славослови не може ниту да претпостави какви настани следуваат, никој, освен Он, не знае колку тежок јарем врз Себе доброволно зема. Зашто сето торжество за само неколку дена, во најстрашната крстна драма ќе се претвори – драма што сета историја на човештвото ќе ја промени. Чекори долготрпеливиот наш Господ за неискажливи страдања да прими, полека оди за да доживее страшни мачења, биења, плукања и презир и тивко сопствената си смрт ја прегрнува. Тајна надумна, за нашиот ум недостижна. Еврејскиот народ денес воскликнува: „Осана на Синот Давидов“, а по неколку дена, истиот тој народ, со срце исполнето со омраза, жедно за крв ќе извикува: „Распни Го, распни!“ И ете сега се исполнува Христовото слово – зборовите на нивниот „пророк од Назарет Галилејски“: „Нема да Ме видите сè дури не дојде времето да кажете: Благословен е Оној што иде во името Господово!“ Зашто Го видоа, дури и своите облеки пред Него во знак на особена почит ги полагаа. Ама не Го примија, туку Го отфрлија, не одеа заедно со Него, туку само покрај Него поминаа и Го одминаа, не Го препознаа во Него Животодавецот и Спасителот од сите нивни беди, туку на смрт Го предадоа. Затоа нивниот дом пуст им се остава, храмот им опусте, душата пуста, надежите им пропаднаа, сѐ во пустина им се претвори.
Знаејќи дека само Он може да ја претвори човечката духовна пустина во цветен и благоухан сад на благодатта Божја, дека единствено Он може да даде живот вечен и да го исцели, прегрне и издигне човештвото до наднебесните висини, браќата и сестрите, заедно со нивниот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, во храмовите на Бигорската и Рајчичката Обител, молитвено го започнаа своето духовно патување низ најголемата, најсвета и најстрадална Седмица.
А Старецот не изостави духовно да нè поткрепи и кон љубовта Божја да нè насочи, преку неговото татковско слово, произнесено во манастирската трпезарија:
Мили мои, веќе можеме да кажеме дека изминаа шесте недели од Светата Четириесетница, со што практично и завршува овој Свет и Велик Пост. Пред нас е уште седмата и најголема Седмица, на Христовите спасителни страдања.
Оваа единствена по својата содржина Седмица започнува со празникот на свеченото Христово влегување во Ерусалим, или како што уште и го нарекуваме – Цветници. Господ Исус Христос триумфално влегува во Светиот Град, после воскресението на Неговиот пријател, четиридневниот Лазар, коешто воскресение е и причината за Он така торжествено да биде пречекан во Ерусалим. Се исполниле пророштвата од Стариот Завет, така што дури и децата на Неговите искушувачи, книжниците и фарисеите, незапирливо извикувале: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! (Јован 12,13) Во Евангелието по Свети Матеј читаме дека првосвештениците се побуниле против Него, за да ги натераат децата да престанат така да Го слават. Но, Господ мудро и смирено им одговорил: Да! Зар никогаш не сте читале: Од устата на новороденчињата и на доенчињата Ти си приготвил пофалба? (Матеј 21,16) Кој е Тој што приготвил пофалба? Бог Светиот Дух – Истиот Оној Кој го вдахновил и Пророкот да го изрече ова пророштво и дечињата да ја изговорат оваа пофалба.
Чудото со Лазаревото воскресение и пофалбата од младенците ги натерало жителите на Ерусалим и на придојдените во него да се запрашаат подлабоко Кој е, всушност, Овој Кој доаѓа во ваква слава во Ерусалим; Кој е Овој Кој го воскресна четиридневниот мртовец?! Зашто, никој дотогаш не беше го направил тоа чудо претходно. Во историјата поминале многу славни луѓе. Живееле многу добри и свети личности. Но, никој, ни најголемите луѓе, ни царевите, ни војсководците, ни пророците – апсолутно никој не ја победил смртта. Да, имало такви кои воскреснувале мртовци, како, на пример, пророкот Илија, но тоа станувало веднаш после смртта на покојните, кога душата сеуште била тука. Меѓутоа, никој дотогаш не воскреснал четиридневен мртовец, кој веќе бил предаден на распаѓање. Тоа единствено го направи Спасителот Христос, за да ги утврди во верата Неговите ученици, на кои им претстоело да се соочат со драмата на Неговото предавство, страдање, понижување и распнувањето на Крст.
Христос, значи, денес беше триумфално пречекан од целиот народ како Победител на смртта. Иако, како што се гледа од развојот на настаните, никој ни оддалеку не ја насетуваше тајната на Неговото доаѓање. Сите, вклучително и апостолите, гледаа во Него како на еден земски Месија, Цар кој ќе го ослободи Израилот од римската власт и ќе го направи господар над сите народи. Зашто кај Евреите се провлекувало една погрешно сфаќање на месијанството, насочено кон земното битисување. Сепак, тајната на Христовото влегување била да го ослободи не само Израилскиот народ, ами и целиот човечки род, не од земските владетели и царства, туку од власта на гревот, на ѓаволот и на смртта. Да ја воспостави онаа состојба што предвечниот Домострој на Бог Света Троица ја беше замислил за човекот уште при неговото создавање – а тоа е тој да живее во постојана заедница со Бога. Како што Адам и Ева, во Едемската градина живееја како собеседници на Бога, во еден таинствен однос на Божествената љубов.
Од Светото Писмо и од светото предание на православната Црква, познати ни се три триумфални појавувања на Господ. Едното е ова што го празнуваме денес, Влегувањето во Ерусалим. Второто го празнуваме на четириесеттиот ден од Воскресението, а тоа е славното Вознесение на Небесата, или Спасовден. Третото триумфално појавување на Господа е Неговото Второ доаѓање на Земјата. Првите две веќе станаа, а третото допрва треба да се случи. Денес видовме како Христос беше свечено пречекан во Светиот Град, со палмови гранчиња и победни извици, како што му доликува на еден цар. При Вознесението, Тој бил со огромна слава дочекан од ангелското воинство, со што се исполнило псаломското пророштво, кое вели: Подигнете ги, порти, горништата, бидете подигнати вие, вечни порти, за да влезе Царот на славата! (Псал. 23,7) Помалите ангелски чинови извикале кон поголемите да ги отворат небесните двери, за да се врати Оној, Кој претходно снисходеше кон Земјата. Кога велиме, значи, дека Христос дојде, слезе при луѓето, ние предвид го имаме Неговото схисоходење, Неговото смирение и доброволно понижување, заради наше спасение. Оти Он, како неразделна ипостас од Света Троица, никогаш не го напушти Небото и Троичното единство – заедницата со Отецот и со Светиот Дух, туку, по Своето големо човекољубие, постана она што претходно не беше – Човек, во сè еднаков со нас освен во гревот, а со цел да го направи човекот бог по благодат. Затоа и ангелите при Вознесението со восхит извикувале и се прашувале: Кој е Царот на славата? – Господ над војските – Тој е Цар на славата! (Псал. 23,10) За прв пат во духовниот свет влегува човечко тело. Богочовекот Христос е пречекан како Цар на славата, Победител на смртта и распадливоста. Он се воплоти во човечката природа и истата ја понесе со Себе на Небесата и ја седна оддесно на Отца. Со тоа Он ја исполни целта на Своето доаѓање, т.е. схисходење на Земјата. Оттогаш на секое човечко битие му е дадена можноста да се спаси и да влезе, т.е. да се искачи во пределите на неискажливата Божја слава. Душите на праведниците сега се во тој духовен свет, заедно со Христа, со Пресвета Богородица, со бестелесните сили, со тие духови на доброто што Бог ги создал во почетокот на творението и кои Му служат непрестајно. Оттаму доаѓа и слободата и благодатта на Светиите на кои им се молиме како на живи во Господа и го просиме нивното посредништво пред престолот Божји.
За третото триумфално појавување на Господа – Второто пришествие, не знаме точно кога ќе се случи, но знаеме дека ќе биде во огромна слава. Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде секому според делата негови (Матеј 16,27) – вели Самиот Он. Потоа видов, ни раскажува и Божествениот тајновидец Свети Јован Богослов, и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и старешините, а бројот им беше илјадници и милиони… (Откр. 5,11) Тогаш, оние кои ќе бидат на Земјата ќе Го пресретнат Господа во воздухот и нивните тела ќе бидат преобразени, а телата на покојните ќе воскреснат и ќе влезат во небесниот свет. За ова Светиот Апостол Павле ни пишува: Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ (1. Сол. 4,16-17).
Мили мои, освен овие три победоносни јавувања што ги спомнавме, има уште едно, четврто влегување на Господа. Ако претходните три зависеа исклучиво од милоста и снисходливоста на Бога, четвртото влегување зависи лично од нас. Тоа е влегувањето на Господ во нашето срце. За Него нема поголем триумф, поголема радост од тоа победоносно да влезе во човечкото срце и да го направи човекот соучесник во Неговата вечна победа. Затоа, да ги отвориме скаменетите од бесчувствителност порти на нашето срце и со гранчиња од добродетели да Го пречекаме врховниот Победоносец. Во својата проповед за Цветници, Светиот отец наш Климент Охридски ги повикува оние кои досега не постеле или целиот пост немарно го поминале: сè уште има време, отрезнете се! Намерно го употребува тој збор: отрезнете се. Ништо не може така да го опијани човекот како гревот и страстите. Тие просто го избезумуваат. Човек оддаден на страсти, не е при себе, не е тој самиот; не може правилно размислува, да расудува, да чувствува. Пред да ја изврши најголемата тајна на спасението, пред да се искачи на Голгота и да биде распнат, Христос со Својот Божествен глас го повикал Лазара и го воскреснал, токму за да ги отрезни апостолите и целиот свет. Да им каже на сите дека Он може да воскреснува и мртовци, за Него тоа е лесно. Меѓутоа, тешко е Господ духовно да воскресне некого кој самиот не сака. Потребна е и нашата слободна волја, нашето добро настроение да Го пречекаме Царот на славата во своето срце. Наше е да Го примиме во себе, после Самиот Он знае што треба да направи.
Светиот и Велик Пост има отрезнувачки, подготвителен карактер за најголемиот настан во историјата на човештвото, Воскресението Христово. Оваа година за време на Четириесетницата ни се случи и едно сесветско искушение со пандемијата на грипот т.н. covid-19. Тоа уште повеќе нè поттикнува да размислиме што е човекот. Погледнете, каде е сега моќта на технологијата? Каде е супериорноста на ‘над-човекот’? Помнам кога бев во основно школо, наставниците ни велеа: во старите времиња имало страшни болести, епидемии, затоа што луѓето биле нечисти, не одржувале хигиена како ние денес, медицината била многу назадна…, но сега веќе такво нешто не може да се случи во напредниот свет. Ама, еве, гледаме – можело да случи и во 21 век. Господ допушти едно такво искушение за да нè смири, да го смири гордиот човек. Видете колку е добар Господ, колку е Он љубов! Не нè предава на исчезнување, туку, поради нашите гревови, допушти да нè снајде едно такво искушение, за да нè приведе повеќе кон покајание, кон молитва, кон самоиспитување. И дај Боже што повеќе души да сфатат дека светот без Бога не може; дека Он е нашиот Создател, Он е управителот на нашиот живот. Што сме ние без Него? Едно бедно уплашено човече. Каде е сега оружјето на велесилите: Америка, Русија, Англија, Европа, Кина…? Што им користи? Сите се исплашени, сите се по дома. Насекаде полициски часови, ограничено движење, сеопшта паника. И на што се должи сето тоа? На една мала, невидлива за голо око честица. Ете таа му објави војна на човештвото и го исплаши целиот свет. А се исплаши, затоа што не сакаше да се плаши од гревот – она од што треба особено да се плашиме, бидејќи гревот е тоа што најмногу нè одделува од Бога. Затоа, ве замолувам, мили мои, да се трудиме да се вброиме во оние што, по Божјата благодат, вечно ќе живеат. Ќе одам со благодарност пред лицето на Господа, во Земјата на живите (Псал. 14,9). Да не се залажуваме со нештата од овој минлив смет. Замислете Бог да допуштеше некоја пострашна епидемија, како што била чумата во средината на 14 век! Тогаш во Европа изумрела речиси половина од населението! Фала Му на Бога, смртноста од овој вирус е далеку помала, но затоа треба да бидеме мудри и да го исползуваме ова искушение за добро. Да сфатиме дека нештата од овој свет не можат да нè спасат. Каква полза имаш од парите, кои толку многу ги љубиш, ако те опфати некоја смртоносна, неизлечлива болест? И да имаш толку пари што да можеш да го купиш сиот свет, каква вредност ќе имаат тие за твојот живот? Можеш ли да си го купиш здравјето, чувствата, топлината во срцето, радоста, животот? Има само Еден Кој го дава животот бесплатно. Тој е Оној во Кого ние веруваме и Чиешто име носиме: Христијани. Нашиот Христос, деца мои, е Тој што ни дава и живот и благодат и радост и љубов и насмевка и топлина – сето тоа бесплатно! Него да Го бараме, кон Него да се приопштиме.
Ни доаѓаат најсветите денови. Да ги искористиме за смирена молитва пред Господа. Молитвата на еден човек може навистина многу да направи. Голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод (Јаков 5,16-18) – ни пишува Апостол Јаков нам Христијаните. Ние не сме праведници, но ќе се оправдаме со тоа што ќе Му кажеме на Господа: „Христе Боже, досега ништо добро не направив, моето срце е како камен. Се опивав со многубројните мои страсти, се збунив и се изгубив; но при кого друг, ако не при Тебе, Животодавче, да дојдам и да се обратам? Ти се молам да ми простиш за сè. Барам прошка, барам милост од Тебе, бидејќи си Многумилостив. Си му допуштил искушение на светот, за да нè привлечеш кон Себе. Постапуваш со нас како добар и внимателен Татко, кој со љубов го кара своето дете, за да му помогне, да го воспита и да го спаси. Слава Ти!“
Можеби оваа болест во духовна смисла наликува на болеста на Лазар. Имено, кога Марта и Марија, сестрите на Лазара, Му рекоа на Христа: Господи, ете, оној што го милуваш, болен е – Он им одговорил: Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа (Јован 11,3-4). Така и овој вирус може да биде голема поука за човештвото, доколку ја прочита Божјата порака; во што повеќе срца да се прослави Синот Божји. Секако, да почнеме прво од себе, да се молиме со солзи во срцето и со смирение да Му се обратиме на Бога. Вечерва ќе имаме бдение на кое за прв пат ќе се испее тропарот на првите дена од Страсната Седмица, кој гласи: „Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да дреме. Затоа пази, душо моја, сонот да не те притисне, и на смрт да не бидеш предадена, и вратите на Царството да не се затворат пред тебе, но разбуди се, викајќи: Свет, Свет, Свет си, Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нè“. Со ова песнопение Црквата уште еднаш ќе нè повика духовно да се разбудиме, да се отрезниме – како што вели Свети Климент – и да Го пречекаме Христа во нашите срца. Он како просјак милостиво стои пред портите на срцето. Бара потслон, сака да влезе, бидејќи Нему најскапоцен Му е човекот. Една душа човечка, вели Он во Евангелието, е поскапоцена од целиот материјален свет. Зашто душата на човекот по Божјата благодат е вечна, а овој свет ќе одмине. Така што, Христос е единствениот одговор на сите егзистенцијални прашања. Им треба денес Христос на луѓето, а ние сме тие што треба да им Го покажеме. Со љубовта, со радоста, со смирението, со добрината, со добрите дела…
Добра Страсна Седмица на сите!