Легојда: во безграничните судири на интернет, човекот е бескрајно далеку од плачот за своите гревови

Извор:

Претседателот на Синодалниот оддел на РПЦ за односи со државата и медиумите, В. Р. Легојда, повика кон умереност во интернет споровите што се водат на различни општествени и религиозни теми.

„Во Лествицата на Преп. Јован Лествичник се вели: ’На судот кога ќе го напуштиме овој живот ќе бидеме обвинети не за тоа што не сме богословствувале и што не сме правеле чудеса, туку за тоа што не сме плачеле за своите гревови‘“, напомна В. Р. Легојда.

„Во безбројните интернет спорови, човекот е бескрајно далеку од плачот за своите гревови. Таму има сѐ освен тоа. Човек којшто плаче за своите гревови не се интересира за раската во окото на ближниот, туку се обидува да ја извлече гредата од своето“, додаде тој, повикувајќи ги учесниците во интернет споровите да ги вложат сите свои сили за воспоставување на Христовата љубов во светот, а не да го излеваат својот „праведен гнев“ врз противниците.

„Јас бев принуден да учествувам во неколку интернет дискусии и сфаќам дека понекогаш трошам на нив повеќе сила отколку на молитвата. Се плашам дека не сум единствениот“, додаде претседателот на Одделот.

„Некои луѓе, сосема искрено сметаат дека нивното служење се сведува единствено на овие интернет спорови. Така тие ја бранат светоста на светите – иако прашање е колку светите имаат потреба од такво нешто, или, пак, се застапуваат за слободата на уметникот којашто во последно време,поради некоја си причина, станал ’света крава‘“, истакна тој.

Според зборовите на претставникот на Црквата, приговор на таквото однесување е една фраза на Свети Серафим Саровски: „Стекни смирение и тогаш илјадници души околу тебе ќе се спасат“.

„Стремежот сите да ги поучуваме, спасуваме, разобличуваме се раѓа, гледаме, од надежта дека за тоа ќе ни биде дарувано смирение. Но Евангелието ни предлага друг рецепт: ’Извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат‘“ (Матеј, 7,5), заклучи В. Р. Легојда.