Крстот, патоказ на христијанскиот живот

Слово на Неговото Богољубие, Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Светата Литургија во Крстопоклоната недела, по читањето на Светото Евангелие


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Да Му благодариме на Бога, мили мои, што и годинава, која како и минатата е преполна со искушенија – во најголема мера поради пандемијата што го снајде светот, ја дочекавме оваа Света Четириесетница, а еве, со Негова помош стасавме веќе и до нејзината средина. Во Третата недела на Светиот и Велик Пост, Црквата Божја го изнесува и го возвишува пред нас чесниот и животворен Крст, „изворот на просвештението“, „чуварот наш непобедлив“. Со денешното крстопоклонение, Светите Отци сакаат да ни го одбележат патот што треба да го изодиме, за да достигнеме спасение и потполно со Бога соединување.

Крстот, всушност, е патоказот на христијанскиот живот. Минатата недела имавме можност, преку богословието на Свети Григориј Палама и на севкупната православна Црква, да видиме дека целта на нашето суштествување е обожението, станувањето бог, син Божји по благодат. Патот, пак, кон тоа врховно предназначение ни го покажува Крстот Христов. Нашето искачување кон Небото е крстно, врвиме по крстен пат, послан со бројни искушенија и страданија. Затоа денешното Свето Евангелие започна со зборовите на Спасителот: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси (Марко 8,34-35). Чудни зборови, навидум дури и контрадикторни. Што значи тоа: кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби? Доколку човек сака да ја зачува за овој свет, за себеси, во егоистична смисла на зборот, за своето себељубие и себичност, тогаш ќе ја загуби. Тој бездруго ќе си ја погуби душата своја ако не тргне по крстот, кој е љубов. Оти, вистинската љубов неизбежно подразбира крст, саможртва. Господ Христос преку Крстот ни го покажа патот на пожртвуваната љубов, којашто не знае за егоизам, за користољубие, којашто е долготрпелива, милостива, незавидлива, непрестајна. Доколку човек сака да се испита себеси до каде стигнал со мерата на љубовта, нека се спореди со зборовите на Апостолот Павле од 13-та глава во неговото Прво послание до Коринтјаните. Во таа најпозната и најубава химна за Љубовта, ќе го најде одговорот дали љуби на правилен начин и дали може да се нарече Христов. Единствено оној што го зел крстот свој и се откажал од себеси, т.е. од сопственото его, може да се нарече вистински Христијанин, сведок на Христовата пожртвувана љубов.

Во третата статија од Акатистот на Пресвета Богородица што ја испеавме во петокот, има еден прекрасен стих кој вели: „Радувај се, ти си љубов што надминува секаква лоша желба“. Пренепорочната Владичица Богородица, преку пожртвуваната крстна љубов, достигнала совршенство, потполно обожение. Чистата љубов надминува секакво зло. Оној што ја има неа, во своето срце нема место за болното себељубие. Таквиот секогаш оди напред во жртва за својот ближен, распнувајќи се за другите. Тоа значи да го земеш крстот свој и да Го следиш Христа, а не да одиш по своите желби и страсти. Логиката на овој свет вели дека за да ја зачувам душата своја треба да ѝ дадам што повеќе задоволства и удобности, да ѝ овозможам секаков комфор. Меѓутоа, Христовата логика не размислува така. Според неа, за да ја сочувам душата за вечноста, неопходно е духовно да се распнам, најнапред од љубов кон Бога, а потоа и за сите мои со-луѓе. Следствено, за да бидам ученик Христов, треба без роптање, со благодарност да го понесам крстот свој и да врвам по патот на мојот Спасител. Да станам вистински крстоносец, односно Христоносец. А сите ние имаме по еден свој животен крст и колку и да се разликуваат нашите животи, сите тие претставуваат крст. Секој човек на светот има свој крст, свое страдание. Сите луѓе страдаат, без разлика што нам ни се чини дека некој страда повеќе, друг помалку. Сепак, доколку се износат со вера, со смирение и благодарност, сите тие крстови водат кој истата цел – обожението. Па затоа, мили мои, да си ја поставиме пред очи љубовта на Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој се распна за нас, прегрнувајќи го сиот свет, секој човек од Адама, па до крајот. Впрочем, од Крстот на Голгота се чуја и Неговите последни зборови на љубовта: Оче, прости им, оти не знаат што прават! (Лука 23, 34)

Крстот, значи, претставува крајна, совршена љубов. Да го возљубиме, затоа, нашиот животен крст. Иако денес живееме во бура од многубројни искушенија, не смееме да очајуваме, затоа што знаеме дека после искушенијата, после страданијата, после крстот, секогаш доаѓа воскресението. Носењето на животниот крст завршува со воскресението и нашето животно течение продолжува во вечноста. Така, овдешниот живот и вечноста се меѓусебно поврзано со крстот. Доколку одовде се трудам, со Божја помош, да ја достигнам целта, која е обожението, односно да се соединам со Христа преку Неговата пожртвувана љубов, да ја живеам таа љубов и да ја давам на моите ближни, тогаш јас уште одовде, од земјава, започнувам да ја предвкусувам, да ја освојувам вечноста. Смртта е една привидна појава, бидејќи после Христа таа е само привремена разделба на душата со телото, сè до сеопштото Воскресение при Второто Христово доаѓање, кога Господ повторно ќе го соедини целиот човек.

Да Му благодариме на Господ, мили мои, што во ова немилосрдно време, сепак сме во коработ на спасението, во Црквата Божја. Оти, за жал, и покрај допуштените катаклизми, болести и искушенија, гледаме како насекаде по светов има големо отстапништво од Бога. Ретко кај кого може да се види вистинско покајание. Денес светот воопшто и не мисли на покајание. Луѓето се окупирани само со себеси, удавени во сопствениот егоизам, затворени во својот комфор и сакаат да ја запазат само душата своја. Но, не ја чуваат на правилен начин, за идниот живот, за обожение. Не ја познаваат суштината на постоењето, не знаат за патот на крстната љубов Христова. Затоа, мили мои, благодарете Му на Бога што сте во Црквата Негова, во вистинско богопознание; да Му благодариме, но истовремено усрдно да Го молиме и за сите што се надвор од храмот Господов, та и нив да ги озари Божјата избавителна благодат. Напоредно со тоа да внимаваме над срцата свои, да не дозволиме да ни оладат, туку секојдневно да ја бараме од Христа топлината на љубовта Негова, којашто е најголемиот дар и сигурен водител во Царството Небесно. Така нè советува и врховниот Апостол Петар, кој вели: А пред сè, имајте постојано љубов меѓу себе; зашто „љубовта покрива многу гревови“ (1. Петр. 4,8).

Милиот наш Господ да нè благослови со духовни и телесни сили, за да го изодиме и вториот дел од Постот, да го дочекаме Великиот Петок, да се поклониме на Животворното Дрво и на него распнатиот наш Христос Бог, и со духовен блесок да го видиме и доживееме славното и светло Христово Воскресение, како добри ученици Христови!